Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 13 октомври 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 218 а) ставови 2, 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 132/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 77/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015, 71/2016, 101/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019; 14/2020).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на:
– Решението за престанок на работниот однос со право на пензија за Димитриевски Владимир Живко, бр.04-5608/1 од 21.12.2020 година,
– Решението на Државната комисија во втор степен, акт РО бр.0901-15 од 11.02.2021 година.
3. Подносителот во првата иницијатива наведува дека со воведувањето на член 218 а) од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија се внесувале новини во пензионирањето на персоналот, каде што истиот би ги користел најповолните 10 години од пензискиот стаж, при одредување на висината на пензијата
Во иницијативата се наведува дека, Министерството за одбрана ниту во оспорениот став, а ниту пак во останатите ставови на членот 218 а), или во кој било друг член од Законот за служба во Армијата, не предвидел можност, како персоналот би заминал во редовна пензија по одредбите на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, доколку не исполнувал само еден услов од двата кумулативни услови. Таквиот однос претставувал дискриминирачки однос на Министерството за одбрана кон својот персонал.
Понатаму, подносителот наведува дека од една страна, тие што ги исполнувале двата наведени кумулативни услови Министерството за одбрана ги наградувало со можност, право на избор за продолжено работење. Од друга страна пак, на тој персонал кој не исполнувал еден
од двата услови, не по своја вина, Министерството практично го казнувал со испраќање во пензија наместо според Законот за служба во Армијата според Закон за пензиско и инвалидско осигурување, со што на тој начин им ја намалувал висината на пензијата до крајот на животот.
Подносителот во иницијативата наведува дека спротивно на членот 9 од Уставот претставувал фактот што персоналот кој не исполнувал еден од двата кумулативни услови од член 218 а) став 1 на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, законски не можел да поднесе барање за продолжување на работниот однос, со цел исполнување на еден од двата услови кои му недостасуваат за пензионирање по изменетиот Закон за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Подносителот на 14.04.2021 година, достави втора иницијатива, надоврзувајќи се на првоподнесената, со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 218 а) ставовите 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Во второподнесената иницијатива, подносителот ги оспорува и ставовите 3 и 4 од член 218 а) од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/10, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020).
Подносителот во иницијативата, наведува дека, Министерството за одбрана ниту во ставот 3 ниту во останатите ставови на член 218 а), како ни во останатите членови на Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, не се предвидувало законска можност како персоналот би заминал во редовна пензија по одредбите од членот 218 а) на овој закон, доколку од моментот на стапување на сила на истиот во тековната 2020 година, исполнувал возраст од 62 години (за жени) и 64 години (за мажи), а не задоволувал еден од условите наведени во ставот 1, исто во тековната 2020 година.
Понатаму, подносителот наведува, како Министерството за одбрана со член 218 а) став 4 од Законот, си дал дискреционо право да одлучувал дали ќе го продолжи или не, договорот за работа на персоналот, кој поднел писмена изјава за продолжување на работата. Министерството за одбрана, можело по изговор за (не)потреба од службата, да не му го продолжело работењето на некое лице кое не било „флексибилно“ при своето работење, и на таков начин го доведувало во прашање неговото пензионирање според Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
Според наведеното, имало повреда на членот 9 и членот 51 од Уставот, поради што се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 а), ставовите 2, 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 36/10, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015 и 71/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 101/2019 и 14/2020), и истите да ги поништи. Подносителот, исто така, бара Судот да ги поништи сите правни акти кои биле донесени врз основа на оспорените одредби, односно, Решението за престанок на работниот однос со право на пензија за Димитриевски Владимир Живко, бр.04-5608/9 од 21.12.2020 година, како и Решението на Државната комисија во втор степен, акт РО бр.0901-15 од 11.02.2021 година кои биле донесени врз основа на оспорените одредби.
4. Судот на седницата утврди дека оспорените одредби од член 218 а) ставови 2, 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 132/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 77/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015, 71/2016, 101/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019 и 14/2020). се со следната содржина:
(2) Активниот воен и цивилен персонал кој ги исполнува условите од ставот (1) на овој член, може со писмена изјава до Министерството да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до пет години по навршување на 40 години пензиски стаж, односно по наполнување на 55 години возраст.
(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, активниот воен и цивилен персонал ја дава еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година, за продолжување на договорот за работа за наредната година.
(4) Министерството за одбрана во рок од три месеци од поднесувањето на изјавата, а врз основа на потреба на службата, одлучува дали ќе го продолжи договорот за работа.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, а согласно ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно член 104 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016, 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 110/2019, 267/20 и 151/2021), договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.
Според член 16 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012, 166/2012, 15/2013, 53/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018, 245/2018, 180/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019, 31/2020, 94/2020 и 267/2020), осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Согласно член 1 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 132/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 77/2012, 29/2014, 33/2015, 193/2015, 193/2015, 71/2016, 101/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.275/2019; 14/2020). со овој закон се уредуваат статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата), како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.
Според член 3 став 1 од Законот, служба вo Армијата врши воен и цивилен персонал.
Согласно член 218 од Законот, на активниот воен и цивилен персонал му престанува работниот однос во Министерството за одбрана во следниве случаи (став 1): 1) ако ја загуби здравствената и физичката способност за служба во Армијата и нема општа здравствена способност за работа – со денот на конечноста на решението за утврдување на здравствената и физичката способност; 2) ако му е изречена дисциплинска мерка престанок на работниот однос или губење чин – со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос односно губење на чинот; 3) ако при оценувањето двапати едноподруго биде оценет со оценка “еден” за најмалку еден критериум за оценување – со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос; (4) Жалбата изјавена против решение за престанок на работен однос од ставот (1) точка 4 на овој член не го одложува извршувањето на решението. 5) ако неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; 6) ако исполни услови за пензија согласно со закон – со денот на конечноста на решението за престанок на работниот однос; 7) со истекот на договорот за работа за професионалниот војник, доколку истиот не му се продолжи; 8) ако професионалниот војник го одбие новиот договор за вработување; 9) ако го одбие понуденото вработување кај друг работодавач без огласување со преземање и склучување договор за вработување за вршење работа која одговара на неговата стручна подготовка и (10) по негово барање. На воен старешина – офицер, односно подофицер му престанува работниот однос, ако поради издржување казна затвор мора да биде отсутен од службата подолго од една година – со денот на стапување на издржување на казната или со правосилна судска пресуда му биде изречена мерка на безбедност во траење подолго од една година и поради тоа мора да биде отсутен од работа, со денот на применувањето на таа мерка (став 2). На професионален војник и на цивилен персонал му престанува работниот однос, ако поради издржување казна затвор мора да биде отсутен од службата подолго од шест месеци – со денот на стапување на издржување на казната, или со правосилна судска пресуда му биде изречена мерка на безбедност во траење подолго од шест месеци и поради тоа мора да биде отсутен од работа, со денот на применувањето на таа мерка (став 3).
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020), по членот 218 се додава нов член 218 а), според кој, на активниот воен и цивилен персонал му престанува работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија, со навршување на 40 години пензиски стаж и навршени 55 години возраст (став 1). Активниот воен и цивилен персонал кој ги исполнува условите од ставот (1) на овој член, може со писмена изјава до Министерството да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до пет години по навршување на 40 години пензиски стаж, односно по наполнување на 55 години возраст (став 2). Писмената изјава од ставот (2) на овој член, активниот воен и цивилен персонал ја дава еднаш годишно, најдоцна до 31 август во тековната година, за продолжување на договорот за работа за наредната година (став 3). Министерството за одбрана во рок од три месеци од поднесувањето на изјавата, а врз основа на потреба на службата, одлучува дали ќе го продолжи договорот за работа (став 4). По исклучок од ставот (1) на овој член, кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата, односно актот за систематизација на Министерството за одбрана кое предизвикува укинување на единица, команда, штаб или укинување на формациско место, односно работното место, при што во рок од 60 дена нема можност активниот воен и цивилен персонал да биде поставен на друго формациско, односно работно место, на истиот му престанува работниот однос со остварување на право на пензија со навршени најмалку 25 години пензиски стаж, од кои најмалку 15 години пензиски стаж остварен во служба во Армијата (став 5). Рокот од ставот (5) на овој член почнува да тече од денот на започнување на трансформацијата согласно со промените во актот на формацијатa на Армијата односно актот за систематизација на Министерството за одбрана, согласно со утврдениот динамички план за трансформација (став 6). Пензијата согласно со овој член е во висина од 80% од просечната нетоплата што активниот воен и цивилен персонал ја остварил во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж (став 7). Средствата за исплата на пензијата од ставот (7) на овој член, до навршување на годините на живот за остварување на право на старосна пензија според прописите од областа на пензиското и инвалидското осигурување, се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана (став 8).
Од анализата на наведените законски одредби, од Законот за работни односи, Законот за пензиското и инвалидско осигурување, како и Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, произлегува дека доколку на активниот воен и цивилен персонал му престанал работниот однос по сила на закон, во период пред донесување на членот 218 а), во кој се содржани сега оспорените одредби, правото за исполнување на старосна пензија, како и можноста за продолжување на работниот однос, му се регулирало согласно тогаш важечкото решение од член 218 став 1 од Законот, во врска со член 104 од Законот за работните односи и членот 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, односно активен воен и цивилен персонал се стекнувал со право на старосна пензија со наполнувањето на 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж. Притоа, секој од редовите на активниот воен и цивилен персонал имал законска можност да поднесе пријава за продолжување на работниот однос и истата требало да ја достави до 31 август во тековната година, во спротивно Министерството за одбрана должно било да донесе решение за престанок на работниот однос со право на исполнување на старосна пензија
Во конкретниот случај, оспорената одредба од член 218 а) став 2 регулира тековни работни односи, а правото на пензија осигуреникот го остварува според законот кој важел во времето на утврдување на исполнување на условите за пензија, и сите во истите услови предвидени во Законот кој во моментот е во правна сила, еднакво се третираат, односно се однесуваат за сите осигуреници. Оттука, оспореното законско решение кое е содржано во член 218 а) став 2 се однесува подеднакво за активниот и воен и цивилен персонал кој се наоѓа во иста правна положба од моментот на влегување на сила на Законот, и не може да се однесува, и на активен воен и цивилен персонал кој ги исполнувал условите за остварување на правото на пензија односно правото за продолжување на работниот однос според законските прописи кои важеле пред донесувањето на сега оспореното законско решение.
Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека се неосновани наводите во иницијативата, со коишто подносителот смета дека во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, во ниедна одредба не било предвидено на кој начин активниот воен и цивилен персонал би заминал во редовна пензија, доколку не исполнувал еден од условите наведени во одредбата од член 218 а) став 1 од Законот, односно лицата коишто не исполнувале барем еден од двата услови наведени во член 218 а) став 1 од Законот, немале можност за продолжување на работниот однос, поради што се создавала правна нееднаквост и дискриминирачки однос од страна на Министерството за одбрана во редовите на активниот воен и цивилен персонал.
Понатаму, во однос на наводите од второ поднесената иницијатива со којашто подносителот ги оспорува ставовите 3 и 4 од член 218 а) од Законот, укажувајќи дека истите се во спротивност со член 9 и член 51 од Уставот, сметаме дека треба да се има предвид следното:
Оспорената одредба од член 218 а) став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, во суштина претставува операционализација на правото на активниот воен и цивилен персонал кој ги исполнува условите од член 218 а) став 2 да можат да го продолжат својот работен однос, при тоа истата не претставува обврска за сите лица кои ги исполнуваат условите од член 218 а) став 2, туку право коешто може да биде искористено на начин како што е уредено со самата одредба.
Наводите во иницијативата со коишто, подносителот, упатува на тоа дека уредувањето во член 218 а) став 4, на Министерството за одбрана му давало дискреционо право да одлучува врз основа на потреба на службата, дали ќе го продолжи договорот за работа согласно ставот 4 од членот 218 а), сметаме дека се неосновани, од причина што, подносителот, оспорува претпоставена ситуација од конкретна примена на законските одредби, односно прејудицира состојба на дискреционо одлучување без притоа да ја има предвид фактичката состојба на Армијата. Имено, упатувањето на одредбата од член 218 а) став 4 од страна на работодавачот во случајот Министерството за одбрана, за тоа дали има потреба или не да го продолжи работниот однос во секој конкретен случај е прашање на негова одлука заснована врз конкретната фактичка состојба на службата во Армијата на Република Северна Македонија, од каде што произлегува и потребата којашто се прави врз основа на објективизирани критериуми. Секое лице засегнато со таквата одлука на работодавачот има право пред надлежни државни органи да изнесува поинакви тврдења и да бара остварување на своите права засновани на соодветниот закон, од причина што, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законските одредби во секоја конкретна ситуација.
Согласно наведеното, Судот утврди дека не може да се постави прашањето, и за согласноста на оспорените одредби од член 218 а) ставовите 3 и 4 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија со наведените уставни одредби.
Дополнително, во однос на наводите со коишто се оспорува член 218 а) став 2 од Законот, како и наводите во второподнесената иницијатива со којашто, подносителот го оспорува член 218 а) ставовите 3 и 4, сметаме дека законските решенија во Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, како lex generalis, со коишто се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување, во која смисла се уредува прекинувањето на договорот за вработување поради возраст и стекнувањето на старосна пензија, дозволуваат законодавецот во рамките на своите уставни овластувања согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, со други закони да доуреди одредени прашања од оваа област, како што впрочем е направено со Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, каде што се содржани сега оспорените одредби, поради што, истото само по себе, не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост утврден со членот 9 од Уставот.
Во однос на делот од иницијативата, со којшто, подносителот бара, Судот да ги поништи Решението за престанок на работниот однос со право на пензија за Димитриевски Владимир Живко, бр.04-5608/9 од 21.12.2020 година, и Решението на Државната комисија во втор степен, акт РО бр.0901-15 од 11.02.2021 година, од самиот назив и видот на оспорените акти неспорно произлегува дека станува збор за конкретни поединечни акти донесени во постапка за престанок на работен однос на конкретно лице, а не прописи со кои на општ начин се уредуваат определени односи, односно прашања коишто се однесуваат на неопределен број на субјекти во правото.
Со оглед на тоа што оспорените решенија не се прописи во смисла на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, туку се поединечни, односно конкретни акти, Судот не е надлежен да ја оценува нивната законитост, поради што, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата во тој дел.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.44/2021
13 октомври 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска