У.бр.276/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 51 став 4 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 279/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата го оспорува член 51 став 3 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019 и 279/2019), согласно којшто членовите на стручните комисии од ставот 1 на овој член имале право на месечен надоместок за нивната работа во месецот во кој комисијата одлучувала по поднесено барање, во висина најмногу до две третини од просечната нето-плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците од Државниот завод за статистика, наведувајќи дека истиот не бил во согласност со начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, подносителот на иницијативата смета дека од содржината на оспорената одредба, целината на ставот 51 како и целината на Законот, не биле утврдени рамки, односно критериуми за утврдување на самата „висина на надоместокот“ до „најмногу до две третини“, односно како и под кои услови, и кој од членовите на стручната комисија ќе го добијат максимумот од „две третини“ или во рамките на дозволениот максимум пропишан со оспорената одредба.

Членувањето на вработените лекари во Комисијата, не можело да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку тоа било нивна работна обврска за чиешто извршување тие требало да добиваат надомест во вид на плата за извршената работа, а не дополнителен надоместок. Дополнителното парично наградување, коешто во конкретниот случај бил „надоместокот“ за извршување на работи коишто спаѓале во доменот на работи и работни задачи од редовен работен однос и спаѓале во доменот на извршување на редовните дневни обврски коишто произлегувале од работниот однос.

Согласно наведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 51 став 3 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019 и 279/2019), и истиот да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 51 став 4 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2019, 146/2019, 279/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), е со следната содржина:

„Членовите на стручните комисии од ставот 1 на овој член имаат право на месечен надоместок за нивната работа во месецот во кој комисијата одлучувала по поднесено барање, во висина најмногу до две третини од просечна нето плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година според податоците од Државниот завод за статистика “

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 104/2019, 146/2019, 275/2019, 302/2020, 311/2020 и 163/2021), се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита.

Според членот 2 од Законот, истиот ја дефинира социјалната заштита како дејност од јавен интерес која се остварува преку мерки, активности, програми и политики за заштита од социјални ризици, превенција и надминување на социјалните проблеми кои неповолно се образуваат врз состојбата на граѓаните, со цел промовирање и одржување на социјалната сигурност на граѓаните, спречување на социјалната исклученост, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и зајакнување на капацитетите на граѓаните за водење независен, активен и продуктивен живот.

Согласно членот 6 од Законот, Републиката се грижи за социјалната заштита на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност (став 1). Републиката го воспоставува системот на социјалната заштита и го овозможува неговото функционирање (став 2). Носителите на социјална заштита се Републиката, општината, Градот Скопје, во рамките на нивните надлежности, а во согласност со овој закон.

Со член 51 став 1 од законот за социјалната заштита се уредува потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија. Со ставот 2 од истиот член е утврдено дека јавните здравствени установи од ставот 1 на овој член со акт ги определува министерот за здравство во согласност со министерот.

Оспорената одредба од член 51 став 4 од Законот за социјална заштита, пропишува дека на членовите на стручните комисии од ставот 1 на овој член имаат право на месечен надоместок за нивната работа во месецот во кој комисијата одлучувала по поднесено барање, во висина најмногу до две третини од просечна нето плата исплатена во Република Северна Македонија за претходната година според податоците од Државниот завод за статистика, при што согласно ставот 5 на истиот член, Министерството за труд и социјална политика го исплаќа надоместокот на јавните здравствени установи.

Согласно член 51 став 7 од истиот Закон, пропишува дека јавните здравствени установи за својата работа изготвуваат месечни извештаи кои ги доставуваат до Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство, врз основа на коишто се врши исплатата на надоместоците од член 51 ставови 4 и 6.

Со Правилникот за начинот на остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, образецот на барањето и потребната документација, образецот за дадено мислење од страна на матичен лекар за потребата од помош и нега на друго лице, начинот на работа на стручната комисија, составот и начинот на работа на второстепената комисија, начинот на водење евиденција за издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега на друго лице („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 126/2019 и 192/2020), поблиску се уредува работата на стручната комисија. Со овој акт е пропишано дека наодот, оцената и мислењето за потребата од помош и нега од друго лице се даваат врз основа на непосреден преглед на подносителот на барањето. По исклучок во случај кога од приложената медицинска документација несомнено може да се утврди потреба од помош и нега од друго лице, наодот, мислењето се даваат врз основа на доставената медицинска документација без непосреден преглед.

Во конкретниот случај, сметаме дека се неосновани тврдењата на подносителот на иницијативата според коишто, членувањето на вработените лекари во стручните комисии не можело да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку тоа претставувало нивна работна обврска, за чиешто извршување требало да добиваат надомест во вид на плата, а не како дополнителен надоместок, сметајќи дека надоместокот за членство во стручните комисии спаѓал во доменот на работи и работни задачи од редовен работен однос, поради што ваквото уредување доведувало до повреда на начелото на владеење на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имено, од претходно наведените законски одредби од Законот за социјалната заштита и Правилникот за начинот на остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, образецот на барањето и потребната документација, образецот за дадено мислење од страна на матичен лекар за потребата од помош и нега на друго лице, начинот на работа на стручната комисија, составот и начинот на работа на второстепената комисија, начинот на водење евиденција за издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега на друго лице, јасно произлегува дека не станува збор за право на здравствена заштита, туку на обезбедување на уставно загарантираното право на социјална заштита.

Во конкретниот случај, точно е дека со акт на министерот за здравство се одредува во кои јавни здравствени установи ќе бидат формирани стручни комисии, и во согласност со министерот за труд и социјална политика се уредува кој ќе биде составот на стручните комисии. Стручните комисии се составени од специјалисти и супспецијалисти кои се вработени во Министерството за здравство, каде што ги остваруваат своите права од работен однос, меѓутоа нивниот ангажман во стручните комисии не е во функција на обезбедување на правото на здравствена заштита, туку е во функција на обезбедување на правото на социјална заштита за коешто е надлежно Министерството за труд и социјална политика.

Потврда за ваквото тврдење, е тоа дека стручните комисии за утврдување на потребата за помош и нега од друго лице се формираат врз основа на Законот за социјална заштита, и Правилникот за начинот на остварување на правото на надоместок за помош и нега од друго лице, образецот на барањето и потребната документација, образецот за дадено мислење од страна на матичен лекар за потребата од помош и нега на друго лице, начинот на работа на стручната комисија, составот и начинот на работа на второстепената комисија, начинот на водење евиденција за издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за потребата од помош и нега на друго лице, се носи од страна на министерот за труд и социјална политика. Министерството за труд и социјална политика врши исплата на надоместоците на членовите на стручните комисии, како и на јавните здравствени установи, надоместоци на материјалните трошоци поврзани со работата на стручните комисии, врз основа на месечните извештаи кои јавните здравствени установи ги доставуваат до Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство.

Од претходно наведеното, произлегува дека оправдано и логично е членовите на стручните комисии, да имаат право на надомест за ангажманот во истите, коешто пак е во функција и поддршка за остварување на уставно загарантираното право на социјална заштита, за негово ефективно остварување со вршење на дополнителни работи надвор од работното време и надвор од работните задачи коишто ги остваруваат во системот за здравствена заштита. Поради тоа, неосновани се наводите на подносителот дека членовите на стручните комисии треба да добиваат надомест во вид на плата за извршување на работи коишто спаѓаат во доменот на работи и работни задачи од редовен работен однос, а не дополнителен надоместок.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 51 став 4 од Законот за социјалната заштита, со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.276/2020
29 септември 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска