Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 29 септември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).
2. Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата во која се цитираат содржините на членовите 130 (достава на писмената на обвинетиот), 78 (права на бранителот), 410 (право на жалба и рок за поднесување), 411 од Законот (субјекти кои можат да поднесат жалба) и членот 420 (одговор на жалба), сите од Законот за кривичната постапка, ставот 3 на членот 130 од Законот, не бил согласен, односно дека бил во колизија со наведените законски одредби, и со иницијативата бара оцена на уставноста, но, и на законитоста на член 130 став 3 од Законот, со следното образложение:
Според оспорената законска одредба, рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, течел од денот на доставата на обвинетиот, а според член 411 став 2 од Законот, рокот за жалба течел од денот кога на обвинетиот, односно на неговиот бранител му е доставен преписот од пресудата. Бидејќи оспорениот член 130 став 3 од Законот пропишувал рокот да тече само од доставата на обвинетиот, според подносителот тоа значело дека доставата до бранителот, било без никакво правно дејство, иако според член 411 став 1 од Законот, бранителот, бил овластен субјект за поднесување на жалба.
Подносителот наведува дека оспорената одредба од член 130 став 3 од Законот, била општа норма, а одредбата од член 411 став 2 од Законот, била посебна норма, а ако се тргнело од основното начело дека посебната одредба ја дерогира примената на општата одредба, инкорпорирано во уставното начело на владеење на правото, тогаш оспорената одредба од член 130 став 3 од Законот, била одредба спротивна со уставното начело на владеење на правото од членот 8 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според подносителот, со оспорената одредба од член 130 став 3 од Законот, се повредувале правата на бранителот во постапката, поточно таа била во колизија со одредбите од член 78 став 1 од Законот, според кој, бранителот имал право да ги преземе сите дејствија што може да ги преземе обвинетиот, меѓутоа, со оспореното законско решение, бранителот бил ограничен во тоа право.
Понатаму се наведува дека бранителот најчесто не бил во можност да се запознае со пресудата на денот кога преписот од истата бил доставен до обвинетиот, со што практично рокот за изјавување на жалба се намалувал, а и поради тоа што имало случаи кога обвинетиот не бил во можност да му ја достави пресудата на бранителот од објективни причини (болест и сл.), при што повторно бранителот се ставал во ситуација да нема можност благовремено да изјави квалитетна жалба со која ќе ги брани правата на обвинетиот во постапката. При ова, требало да се има предвид дека обвинетиот бил неука странка во постапката и неправедно било за него да тече рокот за преземање на дејствија (изјавување на жалба), а самиот лично не можел да ги преземе тие дејствија до денот кога бил во можност да го извести бранителот за пресудата. Со оспорената законска одредба бранителот имал право да поднесе жалба против пресудата, но, му се намалувал законскиот рок за поднесување на истата до судот.
Во прилог на иницијативата, подносителот доставува и одлуки-решенија на судови со кои судовите отфрлале поднесени жалби како неблаговремени.
Од погоре наведените причини подносителот со иницијативата му предлага на Уставниот суд да ја оценува уставноста на оспорената законска одредба како несогласна со уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а и законитоста на оспорената законска одредба како несогласна со одредби од истиот закон и истата да се поништи, бидејќи ги повредувала правата на многу обвинети да можат во двостепена постапка да остварат заштита на своите права.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка, ако обвинетиот има бранител обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 127 од овој закон. Во тој случај рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со членот 130 (достава на обвинетиот) од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија број 150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), се уредува дека:
(1) Ако органот што ја води постапката на обвинетиот не може да му го достави писменото, затоа што не ја пријавил промената на адресата или очигледно на друг начин избегнува да го прими писменото, писменото и пресудата освен во случаите од ставот (2) на овој член ќе се истакне на огласната табла на судот и по истекот на осум дена од денот на истакнувањето се смета дека е извршена уредна достава.
(2) Ако на обвинетиот кој нема бранител треба да му се достави пресуда со која му е изречена казна затвор или издаден казнен налог со пресуда, а доставувањето не може да се изврши на неговата пријавена адреса, судот по службена должност ќе му постави бранител, кој ќе ја врши оваа должност додека се дознае новата адреса на обвинетиот. На поставениот бранител ќе му се определи потребен рок за запознавање со списите, кој не може да биде пократок од осум дена, а потоа пресудата ќе му се достави на поставениот бранител и постапката ќе продолжи.
(3) Ако обвинетиот има бранител обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалба, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 127 од овој закон. Во тој случај рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот.
(4) Ако писменото треба да се достави до бранителот на обвинетиот, а тој има повеќе бранители, доволно е да се достави до еден од нив.
(5) Кога на обвинетиот му се суди во отсуство, писмената се доставуваат на неговиот бранител и со тоа се смета дека е извршена уредна достава.
Предмет на оспорување со иницијативата е ставот 3 на членот 130 од Законот.
Од анализата на оспорениот став 3 на членот 130 од Законот, произлегува дека оспорената законска одредба се однесува на доставата на одредени писмена до обвинетиот и до бранителот, кога обвинетиот има бранител. Поточно, оспорената законска одредба регулира правило во однос на тоа од чија достава тече рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, кога доставата на писменото се врши до обвинетиот и до неговиот бранител.
Имено, кога обвинетиот има бранител (независно дали се работи за избран бранител или пак за бранител поставен по службена должност кога одбраната е задолжителна) секое писмено кое се доставува до обвинетиот се доставува и до неговиот бранител, при што, рокот за изјавување на правен лек или за поднесување одговор на жалба, во ваков случај се смета од предавање на писменото на обвинетиот, но, ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или се наоѓа на издржување на казна затвор, рокот почнува да тече од доставата до бранителот.
Според тоа, со оспореното законско решение законодавецот јасно дефинирал, во кој случај течењето на рокот за изјавување на правен лек, односно одговор за жалба, се засметува од денот на доставата на обвинетиот, а во кој случај, од денот на доставата на неговиот бранител.
Имајќи ги предвид наводите, односно причините со кои се образложува неуставноста на законското решение од член 130 став 3 од Законот, произлегува дека подносителот всушност не ја спори конкретно уредената содржина на член 130 став 3 од Законот, бидејќи не наведува зошто е неуставно рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, да тече од денот на доставата на обвинетиот, туку наводите се во правец на сопствен став дека рокот требало да се засметува од доставата на писменото на неговиот бранител, со образложение дека обвинетиот бил неука странка, а со такви својства тој не можел да презема правни дејствија на составување на жалба, а воедно можел и да биде спречен да го информира бранителот за денот кога го примил писменото против кое требало да се изјави правен лек, односно да го запознае со содржината на писменото. Со сето тоа, бранителот бил ограничен во неговото право да ги преземе сите дејствија што може да ги преземе обвинетиот, иако бил овластен субјект за изјавување на правен лек, и иако со член 411 став 2 од Законот, рокот за жалба течел од денот кога на обвинетиот, односно на неговиот бранител му е доставен преписот од пресудата.
Во прилог на иницијативата, подносителот доставува и одлуки-решенија на судови (за отфрлање на жалби, како ненавремено поднесени) со интенција да покаже како судовите го применувале Законот за кривичната постапка, поточно дека судовите се раководеле од оспореното законско решение при разгледувањето на жалбата, но, според подносителот тоа било спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и на основните начела на Законот, па од аспект на сето погоре изнесено, пред Уставниот суд, подносителот ја оспорува уставноста, но, и законитоста на законската одредба.
Барањето со иницијативата за оцена на законистоста на законската одредба, излегува надвор од утврдените надлежности од член 110 алинеја 1 од Уставот, според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Имено, во хиерархијата на правните акти, Уставот е највисок правен акт и сите останати правни акти, мораат да бидат во согласност со Уставот, а како што уредува член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Оттука, не може да се бара оцена на согласност на пропис со пропис коишто се од ист ранг во хиерархијата на правни акти, во случајов оцена на законитост на одредба од закон во однос на одредба/и од самиот закон, а како што е барањето во предметната иницијатива.
Воедно, и од аспект на наводи дека во примената требало да се почитува начелото lex specialis derogat lex generalis (посебниот пропис го дерогира општиот пропис во случај на судир помеѓу посебниот и општиот пропис), не може да се оспорува уставноста на конкретно уредена содржина на одредба од закон, бидејќи тоа навлегува во прашања од сферата на фактичката примена на нормите на конкретни, поединечни ситуации, што не спаѓа во делокругот на надлежност на Уставниот суд, кој врши апстрактна уставно-судска контрола на правните акти (согласност на закон со Уставот, односно согласност на другите прописи со Уставот и закон), што значи на општите акти, во кои не спаѓаат конкретните поединечни правни акти.
Што се однесува до оспорувањето на член 130 став 3 од Законот од аспект на уставниот принцип на владеење на правото, видно од наводите од иницијативата, подносителот истото го образложува со истите наводи за колизија на содржината на оспорената законска норма во однос на содржините на други норми од Законот, како и со наводи за нецелисходност во уредувањето на законската норма, а кои всушност не можат да бидат аспекти за уставно проблематизирање на законска норма како несогласна со одредбите на Уставот, во случајов со уставниот принцип на владеење на правото, поради следното:
Во надлежност на Уставниот суд е да одлучува, дали конкретно уредената содржина во законската норма е во согласност со одредбите на Уставот, во случајов со принципот на владеењето на правото, којшто помеѓу другото налага, законите да конципираат јасни и прецизно формулирани правила, бидејќи само јасните и прецизните норми ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото.
Во контекст на ова, според Судот, оспорениот член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка, по својата содржина претставува јасно и прецизно формулирано правило во поглед на тоа, од чија достава започнува да се засметува течењето на рокот за изјавување на правен лек во ситуација кога писменото се доставува до обвинетиот и до неговиот бранител (рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на доставата на обвинетиот), како и јасно и прецизно формулирано правило во поглед на тоа, од чија достава започнува да се засметува течењето на рокот за изјавување на правен лек во ситуација кога на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор (рокот тече од денот на доставата на бранителот), со што од аспект на согласноста со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, оспорената законска норма според Судот, ги задоволува критериумите на јасност и прецизност во уредувањето.
Ваквото законско решение е конципирано со цел утврдување на конкретен рок за изјавување на жалба, поради реалната можност доставата на писменото да се изврши во различен ден на обвинетиот и на бранителот.
Законодавецот, водел сметка за ваквите можни ситуации и токму заради правната сигурност на граѓаните во поглед на остварувањата на нивните права во постапка пред суд, го уредил оспореното законско решение. При ова, треба да се има во предвид дека рокот за навремено изјавен правен лек, се врзува за доставата на обвинетиот ако не станува збор за ситуација на изречена мерка притвор на обвинетиот или тој е на издржување на казна затвор, а ако станува збор за таква ситуација, во тој случај, рокот тече од денот на доставата на бранителот, односно рокот се врзува за доставата на неговиот бранител.
Оттука, законодавецот точно прецизирал, во кој случај рокот се засметува од доставата на обвинетиот, а во кој случај од доставата на бранителот, што значи во зависност од ситуацијата во која се наоѓа обвинетиот (дали е на слобода или не), Законот определува од чија достава (на обвинетиот или на неговиот бранител) ќе се засметува почетокот на течењето на рокот за изјавување на правен лек, односно одговор на жалба.
Значи во зависност од ситуацијата, рокот ќе се засметува од доставата на обвинетиот, односно од доставата на неговиот бранител, следствено и формулацијата во дел од член 411 став 2 од Законот (членот е посветен на субјекти кои можат да поднесат жалба) дека „Рокот за жалба и во тој случај тече од денот кога на обвинетиот, односно на неговиот бранител му е доставен преписот од пресудата”.
Што се однесува до наводите дека неправедно било течењето на рокот за поднесување на жалба да тече од денот на доставата на писменото на обвинетиот, бидејќи обвинетиот како неука странка, не можел да преземе дејствија на поднесување на жалба, а и поради случаи на негова спреченост да го информира бранителот за примената достава и содржината на писменото, со што се повредувале правата на многу обвинети да можат во двостепена постапка да остварат заштита на своите права, Судот укажува дека целисходноста и оправданоста од уредувањето на норма во закон, е во надлежност на законодавецот. Воедно, во однос на ваквото гледање на предметното прашање, треба да се има во вид дека обвинетиот и неговиот бранител се во постојан контакт и комуникација за прашањата поврзани со кривичната постапка, а доколку пак нивниот контакт е ограничен, Законот за кривичната постапка предвидел други законски решенија, а како што е впрочем и уредувањето на оспорениот член 130 став 3 од Законот во продолжение „Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор или е на издржување на казна затвор, рокот тече од денот на доставата на бранителот”.
Во однос на предметното прашање, се согледува дека во поранешниот Закон за кривичната постапка од април 1997 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 15/1997, постоело законско решение во член 116 став 4 од тој закон, и кое уредувало дека: (4) Ако обвинетиот има бранител, обвинителниот акт, обвинителниот предлог, приватната тужба и сите одлуки од чие доставување тече рокот за жалби, како и жалбата на противната странка која се доставува заради одговор, ќе му се достават и на бранителот и на обвинетиот, според членот 115 од овој закон, како и дека, во тој случај рокот на изјавување на правен лек, односно одговор на жалбата, тече од денот на последното врачување.
Според ова законско решение, течењето на рокот за изјавување на правен лек се засметувал од денот на тој (обвинетиот или бранителот) што последен го примил писменото. Меѓутоа, ова законско решение, е напуштено во октомври 2004 година, кога со измени и дополнувања на овој закон, објавени во „Службен весник на Република Македонија” број 74/2004, со член 37 се интервенира во содржината на член 116 став 4 од Законот и тоа: „Во членот 116 став (4) во втората реченица зборовите: „последното врачување” се заменуваат со зборовите: „доставата на обвинетиот. Ако на обвинетиот му е изречена мерката притвор од истражен судија, рокот тече од денот на доставата на бранителот.”
Во оваа смисла треба да се има во вид дека, кои и какви законски решенија ќе бидат предвидени со закон, тоа спаѓа во делокругот на надлежностите на законодавниот дом, а во надлежност на Уставниот суд е да одлучува за согласноста на законите со Уставот, односно да ја оценува уставноста на законските норми од аспект на содржината којашто ја имаат наспрема одредбите од Уставот, а од овој аспект, како што е погоре наведено, не може да се постави прашањето за согласноста на законската одредба со одредбите на Уставот.
5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се доведе под уставно сомнение член 130 став 3 од Законот за кривичната постапка, од аспект на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.6/2021
29 септември 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска