Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 22.09.2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
l. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката бр.02-261/4 од 22.09.2020 година за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемен испит донесена од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“-Скопје („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.230/2020).
2. Љупка Петровска од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата Одлуката не била во согласност со членот 45 од Законот за судовите, членовите: 55, 56 и 64 од Законот за академијата на судии и јавни обвинители, членот 45 од Законот за судскиот совет и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија. Поради тоа се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја поништи. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на сите активности кои се спроведуваат врз основа на оспорената одлука.
Во иницијативата се цитираат означените законски и уставни одредби и се прилага соодветна документација поврзана со објавувањето на јавниот оглас. Според подносителот на иницијати-вата законскиот рок за определување на бројот на слободни судиски места кои требало да ги утврди Судскиот совет бил 31 март 2020 година, согласно член 56 став 3 од Законот за академија на судии и јавни обвинители и член 45 од Законот за судски совет. Но, Судскиот совет таа одлука ја донел на 02.04.2020 година наместо до 31 март 2020 година. Ваквата одлука не можела да се достави до Академијата
и таа не смеела да донесе одлука за објавување на оглас, ниту пак да објави оглас за прием на лица за полагање на приемен испит. Ова од причина што законодавецот предвидел рокови за преземање на дејствија, па сите субјекти морале да се придржуваат кон пропишаните рокови.
Во членот 64 од Законот за академијата на судии и јавни обвинители било предвидено дека Академијата го организира приемниот испит најдоцна до 30 септември во тековната година, но од документацијата за динамиката за спроведување на испитот видно било дека првиот дел од испитот бил спроведен во периодот 22-27, 12. 2020 година или три месеци по утврдениот законски рок.
Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа истата да ја поништи.
3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 58 ст.1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ бр. 20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Скопје, на 162-та седницата, одржана на 22.09.2020 година, донел
О Д Л У К А
ЗА ОБЈАВУВАЊЕ ЈАВЕН ОГЛАС ЗА ПРИЕМ НА ЛИЦА ЗА ПОЛАГАЊЕ НА ПРИЕМЕН ИСПИТ
Да се објави јавен оглас за прием на 97 лица за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Скопје, за почетна обука 2020-2022 година.
Стручната служба на Академијата да го изготви јавниот оглас и согласно член 58 ст.2 и 3 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на РМ“ број 20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), да се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и во два дневни весници од кои, во еден од весниците кои се издаваат на македонски јазик и во еден од весниците кои се издаваат на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, со рок на пријавување 15 дена, сметано од објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Оваа одлука влегува во сила на денот на нејзиното донесување.
Бр.02-261/4
22.9.2020 година Претседател на Управен одбор
Скопје Сашо Рајчев,с.р.
4. Согласно член 110 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Судот тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата со приложената документација оцени дека истата треба да се отфрли согласно цитираната деловничка одредба, а поради следното:
Прашањето дали во конкретна постапка за организирање на прием и обука на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители задолжените институции за прием ги пробиле или пак ги испочитувале законски предвидените рокови е прашање од областа на конкретна примена на законските одредби која не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.
Од друга страна, оспорената одлука по својот карактер не е пропис подобен за уставно-судска оцена, а како истиот е донесен со цел да се информираат заинтересираните лица дека Управниот одбор на Академијата донел одлука за објавување на јавен оглас за прием на кандидати во Академијата по што следува и објавување на конкретниот јавен оглас за прием. Оттаму, оспорената одлука има еднократно дејствие и како акт кој претходи на постапката за објавување на јавен оглас не е акт кој на општ начин ги уредува односите на неопределен број субјекти на неопределено време, поради што Судот не е надлежен да ја оценува согласноста на Одлуката со уставните и законските одредби
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.3/2021
22.09.2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска