У.бр.282/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љубомир Момировски од Тетово, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесува на заштита од дискриминација врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност, повредени со Пресуда У2.бр.821/2016 од 28.06.2017 година на Управниот суд на Република Северна Македонија и Уж-1бр. 507/2018 од 18 декември 2018 година донесена од Вишиот Управен суд на Република Северна Македонија.

2. Љубомир Момировски од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесува на заштита од дискриминација врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност.

3. Поднесокот до Судот е насловен како иницијатива заради дејствувањето и забраната од дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Во иницијативата е наведено дека било поднесено барање за денационализација заведено под број 19/488/1 од 29 октомври 2002 година и дека била спроведена постапка пред Основниот суд Тетово за прогласување на законски наследници по основ на правото од денационализација и било донесено Решение ОД.бр. 331/2002 од 30 август 2002 година и Решение ОД.бр.236/2008 од 28 март 2008 година. Со Решението Дн.бр.25-306/2 од 11 мај 2009 година, Министерството за финансии преку Комисијата за одлучување по барањата за денационализација на Љубомир Момировски од Тетово и Сенковска Сузана од Скопје го одбило барањето на подносителите како неосновано. По поднесената тужба до Управниот суд на Република Македонија на 11 ноември 2010 година и на 24 ноември 2010 година донел Пресуда У-2.бр.1767/2010, У-2.бр.1934/2010 и У-2.бр2бр.2/2011со која тужбата била уважена и Решението на Владата на Република Македонија-Комисија за решавање во управна постапка во втор степен од областа на денационализација УП:бр. 36-3308 (44-4520) од 13 септември 2010 година била поништено.

Против Решението ДН.бр.19-488/8 од 2 октомври 2014 година на Комисијата за одлучување по барањето за денационализација за Општина Гостивар, Тетово, Кичево и Дебар тужителот поднел тужба до Управниот суд кој со пресуда У-2.бр.154/2015 од 29 октомври 2015 година, кој тужбата ја уважил и решението го поништил. Против Решението ДН.бр.19-488/8 од 30 јуни 2016 година на Комисијата за одлучување по барањето за денационализација за Општина Гостивар, Тетово, Кичево и Дебар тужителот поднел тужба до Управниот суд кој со Пресуда У-2.бр.821/2016 од 28 јуни 2017 година тужбата ја одбил како неоснована.

Во иницијативата понатаму е наведено дека органот решавал со непримерни рокови почнувајќи од 2002 година се до 2018 година кога била донесена пресуда на Вишиот Управен суд на Република Северна Македонија под број РСМ УЖ-1.бр.507/2018 од 18 декември 2018 година со која се одбива барањето за денационализација како неосновано и сметаат дека констатациите во конкретните пресуди претставувале дискриминаторско однесување и дека незаконски водената постапка била во спротивност со Законот за денационализација како и со сите подзаконски акти кои ја регулирале оваа материја. Од таа причина го повредувале основното уставно начело согласно член 110 став 1 алинеја 3 со кое се штителе слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Поради наведеното се бара Уставниот суд да ги разгледа сите писмени докази и да ги прибави дополнително сите докази кои биле употребувани во досегашното постапување во целокупната постапка за остварување на правото на денационализација и да ги укине сите акти односно пресуди или решенија како незаконити бидејќи со истите биле повредени слободите и правата за дејствување и забрана и дискриминација на граѓаните по основ на остварување на правото на денационализација.

4. Според член 110 алинеји 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека означените пресуди не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на сопственост односно денационализација по основ на наследство, чија заштита е надвор од делокругот на Уставниот суд.

Покрај тоа, во однос на Пресудата Уж-1бр. 507/2018 од 18 декември 2018 година донесена од Вишиот Управен суд, кој акт е поединечен и правосилен акт, според оценка на Судот, поминал рокот од 2 месеци за нејзино оспорување пред Уставниот суд со оглед дека подносителот на ова барање конечниот правосилен акт го примил на 15 јануари 2019 година, а барањето до Уставниот суд го доставил на 28 септември 2020 година. При таква состојба Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето, односно Судот не е надлежен да одлучува по барање за заштита на слободи и права кое се однесува на право на денационализација и истовремено постојат процесни пречки за одлучување, бидејќи барањето е поднесено по истекот на рокот од 2 (два) месеци предвиден во членот 51 од Деловникот.

Поаѓајќи од фактот дека барањето на Љубомир Момировски од Тетово, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесува на заштита од дискриминација врз основа на националното потекло кое ја подразбира и етничката припадност, повредени со Пресуда У2.бр.821/2016 од 28.06.2017 година на Управниот суд на Република Северна Македонија и Уж-1бр. 507/2018 од 18 декември 2018 година донесена од Вишиот Управен суд на Република Северна Македонија е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилниот поединечен акт , согласно цитираната деловничка одредба, во случајов Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето и согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, барањето го отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.282/2020
09.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска