Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 269/2019).
2. Oрце Коцевски од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.
Подносителот на иницијативата, го оспорува Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.269/2019), кој бил во спротивност на членовите 226, 227, 228 и 229 од Законот за работни односи.
Во иницијативата, се наведува дека Колективниот договор кој бил склучен на 30.04.2015 година, согласно член 334 од истиот, доколку со писмена согласност не се продолжел, важел и можел да се менува со писмена одлука во рок од 2 години односно до 30.04.2017 година. После тој рок во Министерството за внатрешни работи можело само да се применуваат одредбите на постоечкиот колективен договор се до донесување на нов, а тоа никако не значело донесување на измени и дополнувања на постоечкиот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи.
Според наводите во иницијативата, во член 334 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи јасно укажувал дека по истекот на рокот од 2 години одредбите на колективниот договор ќе се применувале до склучување на нов, односно после изминувањето на рокот од две години не смеело да се изготвуваат измени на истиот и тие да важеле во иднина, како и тоа дека договорните страни немале овластување ниту пак имале утврдено одредби од постоечкиот Колективен договор дека можеле да вршат измени и дополнувања доколку рокот на Колективниот договор бил изминат.
Имајќи го предвид наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на законитоста на Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.269/2019), и истиот да го укине.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Колективен договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 269/2019), е со следната содржина:
Врз основа на член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16 и 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/19) и согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.10/08 и 85/09), Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат, склучија
КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
Член 1
Во Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 69/15, 227/15, 177/16 и 197/16), во член 151 во ставот 1 по зборовите „Единица за брзо распоредување“, се додава запирка и зборовите „Единица за интервентна полиција“.
Член 2
Во член 169 во ставот (1), точката 5 се менува и гласи: „5. Единица за интервентна полиција 25%“. Во точката 8 зборот „Одделение“ се заменува со зборот „Единица“. Во точката 9, алинејата 4 се менува и гласи: „-Директорот на Агенцијата за национална безбедност 45%.“ Точката 10 се менува и гласи: „10. Единица за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи“.
Член 3
Овој Колективен договор се регистрира во министерството надлежно за работите во областа на трудот, а се објавува во ,,Службен весник на Република Северна Македонија“.
Член 4
Овој Колективен договор влегува во сила со денот на склучувањето, а ќе се применува од денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Македонски полициски синдикат Министерство за внатрешни работи
Претседател, Министер,
д-р Марјан Кицев, с.р. Оливер Спасовски, с.р.
Бр. 03-1875/1 Бр.13.1.1-106315/1
24 декември 2019 година, Скопје 24 декември 2019 година, Скопје
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Врз основа на членот 203 од Законот за работните односи (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16 и 120/18) и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/19 и 267/20), а согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.10/08 и 85/09), помеѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат на 24.06.2021 година, е склучен нов Колективен договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021).
Според член 341 од новиот Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, со влегување во сила на овој колективен договор престанува да важи Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (,,Службен весник на Република Македонија“ број 69/15, 227/15, 177/16 и 197/16) и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ број 269/19 и 279/19).
Имајќи во предвид дека Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.269/2019), кој се оспорува со иницијативата, престанал да важи со донесување на нов Колективен договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.149/2021), Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.10/2020
9 септември 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска