Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 9 септември 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучоците внесени во точката 1 од точката 32 на Записникот од сто триесет и петтата седница на Владата на Република Северна Македoнија донесени на 14 мај 2019 година.
2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означени во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата, Заклучокот на Владата содржан во точката 1 од точката 32 од Записникот од 135-тата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 мај 2019 година, уредувал односи на општ начин за неопределени субјекти и со иницијативата подносителот ја оспорува уставноста и законитоста на содржината од наведениот дел од Записникот, како неуставна и незаконита.
Со иницијативата се цитираат одредби од членот 60 и членот 61 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019 и 229/2020), по што подносителот наведува дека, постапката и условите за запишување на дете во основно училиште била утврдена со Законот за основното образование, а во таа смисла, Владата како носител на извршната власт, немала никакви надлежности да одлучува кои услови требало да се исполнат за да се запише определено дете во основно училиште, а како што тоа го сторила со оспорените заклучоци од Записникот од 135-тата седница на Владата.
Според подносителот, постапката за запишување во основно училиште претставувала управна постапка, а како формален закон според кој се спроведувала самата управна постапка бил Законот за општата управна постапка којшто се применувал врз сите управни дејствија, како и при запишување на децата во прво одделение. Во таа смисла, Владата, не само што ги суспендирала правата загарантирани со Законот за основното образование, туку и правата загарантирани со Законот за општата управна постапка. Имено, согласно овој закон каква било документација која се чувала во службена евиденција и регистри во органите на државната управа, на пример како потврда, основните училишта биле должни да ја прибават по службена должност, а не родителите да ја приложувале како што налагала Владата во ставот 2 од точката 1 од точката 32 на Записникот од 135-тата седница на Владата одржана на 14 мај 2019 година. Владата немала никакви надлежности да утврдува дополнителни услови коишто требало да се исполнат при постапката за запишување, бидејќи истото веќе било утврдено со Законот за основното образование и Законот за општата управна постапка.
Оттука, оспорените заклучоци Владата ги донела спротивно на член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, според кој поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска e темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, предизвикала правна несигурност кај граѓаните спротивно на принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а со тоа и спротивно на член 51 став 1 од Уставот според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, од кои причини се бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените заклучоци и нивно поништување, како и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените заклучоци бидејќи нивното извршување можело да предизвика тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт – заклучоци внесени во точката 1 од точката 32 на Записникот од сто триесет и петтата седница на Владата на Република Северна Македoнија донесени на 14 мај 2019 година е со следната содржина:
Точка 32
1. По повод уписите во училиштата Владата ги донесува следните заклучоци:
1) Во било кое училиште можат да се запишат исклучиво деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ/потврда.
2) Во сите училиште да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација.
4. Со член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Северна Македонија се уредува дека Владата на Република Северна Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Со иницијативата се оспорува дел од содржината на Записникот од сто триесет и петтата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 мај 2019 година, поточно содржината од точката 1 од точката 32 од Записникот, наведена погоре.
Најнапред се разгледа прашањето дали оспорените заклучоци на Владата, по својата форма и содржина претставуваат прописи во смисла на член 91 алинеја 5 или член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија за чија уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд.
При одговорот на ова прашање се имаше предвид членот 35 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016, 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 98/2019) во кој е утврдено дека за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.
Според член 36 став 7 од Законот, Владата со заклучок зазема ставови по прашањата што ги претресувала на седница, утврдува мислење по предлозите на закони и други прописи и по материјали што до Собранието ги поднеле други овластени предлагачи, одлучува за определени прашања на внатрешната организација и односи на Владата, ги определува задачите на министерствата и органите на државната управа и задачите на своите служби и зазема ставови за прашања од своја надлежност.
Она што не е уредено во Законот, туку во Деловникот за работа на Владата на Република Северна Македонија, е прашањето за објавување на актите на Владата на Република Северна Македонија.
Така, според членот 98 од Деловникот, (1) Уредбите, одлуките и упатствата на Владата се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија”. (2) Решенијата се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија”, доколку така одлучи Владата. (3) Владата може да одлучи да се објават и определени програми и заклучоци на Владата. (4) За објавување на прописите и за исправките на текстовите на објавените акти на Владата, се грижи Генералниот секретар.
Наведените деловнички одредби, наспроти Законот за Владата на Република Македонија, прават веќе јасна дистинкција на прописите од другите акти што ги донесува Владата на Република Северна Македонија во остварувањето на нејзините права и должности утврдени со Уставот и со законите и тоа во однос на нивното објавување.
Оттука, ако се има предвид природата на прашањата за кои Владата на Република Северна Македонија согласно Законот и Деловникот може да донесе заклучок, како и тоа дека заклучоците не подлежат на уставната обврска за објавување во „Службен весник на Република Македонија”, произлегува дека тие, ниту по содржина, ниту по форма претставуваат прописи во смисла на член 91 алинеја 5, членот 52 и член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во ваков случај, доколку означените заклучоци на Владата на Република Северна Македонија се разгледуваат во контекст на погоре изнесеното, произлегува дека тие не ги содржат формалните елементи карактеристични за секој пропис, па затоа гледано од формално-правен аспект тие не претставуваат пропис во смисла на напред означените уставни одредби.
Меѓутоа, и во случај кога актот што се оспорува, да не ги содржи формалните елементи карактеристични за секој пропис, од значење е содржината којашто ја има прописот, во случајов означените заклучоци на Владата на Република Северна Македонија, поточно, дали таа содржина значи доуредување, односно конкретно разработување на законска одредба за нејзино извршување, или значи изворно уредување на прашања кои можат да бидат предмет на уредување само на закон, што според Судот, не е случај со предметно оспорените заклучоци со иницијативата.
Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Предмет на оспорување со иницијативата е содржината на точката 32 од Записник од сто триесет и петтата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 мај 2019 година, а од истата Судот утврди дека оспорената содржина од точка 32 точка 1. По повод уписите во училиштата Владата ги донесува следните заклучоци: 1) Во било кое училиште можат да се запишат исклучиво деца кои се вакцинирани и за тоа имаат соодветен документ/потврда”, е констатација на законско уредување од член 60 став 2 од Законот за основното образование (Службен весник на Република Северна Македонија” број 161/2019 и 229/2020) според кој: “при запишувањето на детето во прво одделение родителот, односно старателот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, офталмолошки и стоматолошки преглед, издадена од надлежна здравствена установа”.
Во однос на оспорената содржина од точка 32, точка 1. 2) која гласи: „Во сите училиште да се примаат пријавите за упис во училиштата и на оние деца кои не се вакцинирани, но да не се врши упис на истите се додека не биде приложен соодветен документ/потврда за вакцинација”, Судот утврди дека таа се надоврзува на претходната содржина од точка 32, точка 1. 1), и има карактер на напатствие (насока, укажување) за основните училишта, да не се одбиваат поднесените пријави за упис во училиштата за децата кои не се вакцинирани.
Согласно погоре цитираниот член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.
Во конкретниот случај, од содржината на оспорениот акт, Судот утврди дека тој не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Ова од причини што оспорените заклучоци, немаат нормативна содржина, односно нивната цел не е да се уредуваат некакви односи ниту да се утврдуваат нови обврски кои не се утврдени со закон, туку се со цел да се појасни начинот на примена на одредбите од Законот во делот кој се однесува на запишување на децата во основното училиште.
5. Имајќи предвид дека актот во чијшто составен дел е и содржината којашто се оспорува со иницијативата, претставува работен материјал од дневен ред за седница на Владата со којшто се даваат насоки за практична примена на постојни правни норми, веќе уредени во Законот за основното образование, Судот утврди дека оспорените заклучоци ниту по форма, ниту по содржина, ги задоволуваат критериумите на пропис подобен за уставно-судска оцена во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно погоре цитираниот член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.287/2020
9 септември 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска