У.бр.56/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 2 септември 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оцена на законитоста на Дел II „Општ дел“, точка 2 „Единици што се опфаќаат со Пописот“, потточка 1 „Лица“, првата алинеја во делот „без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во земјата или во странство“, од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 30/2021), донесена од директорот на Државниот завод за статистика.

2. Мартин Бошкоски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оцена на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од Методологијата не бил во согласност со член 5 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број19/2021и 74/2021).

Ова поради тоа што со наведената законска одредба било утврдено во ставот 1 дека: „ Со Пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија“. Тоа значело дека оспорениот дел од Методологијата излегува од јасниот стандард утврден во членот 5 од Законот, кој упатувал на попишување во делот на население, само на она население кое е на територија на Република Северна Македонија, а не и пошироко на што упатува оспорениот дел од Методологијата дека Пописот ќе ги попишувал и лицата кои во моментот на Пописот не се наоѓаат на територијата на Република Северна Македонија.

Самата Методологија содржела основни карактеристики и начела на Пописот, како што се индивидуално попишување, универзалност во рамките на државата и истовременост, што значат прибирање на индивидуални белези дефинирани како содржина на Пописот, опфат на целата територија на државата со лица, домаќинства и станови и дефиниран истовремен период на попишувањето за сите пописни единици.

Оттука, доколку се попишуваат и даваат податоци за други лица кои не се во земјата во периодот на Пописот, се нарушувало правилото за тоа дека Пописот треба да се однесува на население на државата кое ќе се затекне во време на пописот на територијата на државата, согласно релевантни и применливи меѓународни препораки. Од нив во резидентно население влегуваат тие што имаат вообичаено место на живеење во државата и вообичаено живеат во државата, а нерезиденти се тие кои ќе се затекнат во време на пописот во државата, а не ги исполнуваат условите за вообичаено живеење во земјата.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на законитоста на оспорениот дел од Методологијата и да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека Методологијата за подготовки, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година во дел 2 „Општ дел“, предвидел:

2. Единици што се опфаќаат со Пописот

Со Пописот се опфаќаат следните единици :

1. Лица

Со Пописот се опфаќаат:

– државјаните на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во земјата или во странство;

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Устав и закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

5. Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 19/2021 и 74/2021) во членот 1 определил, меѓу другото дека со овој закон се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, правата и обврските на надлежните органи, стручни тела и други учесници во спроведување на Пописот.

Според член 4 став 1 од Законот, Пописот ќе се спроведе во период од 5 до 30 септември 2021 година.

Според член 5 став 1 од овој закон, со Пописот ќе се приберат податоци за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија.

Во вториот дел од Законот, насловен како „Единици кои ќе се опфатат со Пописот“ во членот 6 е предвидено:

„Со Пописот ќе бидат опфатени:

1. Лица
– државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство,
– странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој, и
– лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија.
2. Домаќинства на лица од ставот 1 на овој член.
3. Станови и други населени простории.

Врз основа на одредбите од член 17 став 2 алинеја 1 а во врска со член 54 од Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, директорот на Државниот завод за статистика пропишал Методологија за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, со која во општиот дел точка 2 „Единици што се опфаќаат со Пописот“, потточка 1 „Лица“, предвидел во првата алинеја дека „Со Пописот се опфаќаат државјаните на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во земјата или во странство“.

Од погоре изнесената правна состојба, неспорно е дека во Методологијата, во делот на лицата кои се опфатени со пописот, само е истоветно пропишано тоа што е пропишано и во Законот за Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година.

Со оглед на ваквата правна состојба не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот дел од Методологијата со Законот, постои усогласеност на подзаконскиот акт, односно на Методологијата со Законот во делот кој се оспорува со иницијативата, поради што од овој аспект не може да се постави прашањето за законитоста на оспорениот дел од Методологијата.

Од аспект на наводите во иницијативата дека Пописот не треба да опфаќа лица кои во моментот на Пописот не се наоѓаат во Република Северна Македонија и дека со тоа се повредувале стандардите на Пописот, се оцени дека овие наводи се неосновани и не можат уставно-правно да го проблематизираат оспорениот акт. Ова од причини што со Пописот врз основа на пропишаното во оспорениот дел од Методологијата, се обезбедуваат податоци за населението, државјани на Република Северна Македонија, кои податоци имаат за цел да дадат статистички показатели за прашања поврзани со овие лица, без оглед на тоа дали се во моментот на Пописот во земјата или во странство, и движењето на оваа популација во и надвор од територијата на земјата, коешто има законска основа и легитимна цел за спроведување на комплексната постапка на Пописот за да изрази податоци од поширок обем за обработка на социјалните карактеристики за населението битни за општествените потреби на земјата. Се работи за лица кои се државјани на Република Северна Македонија, кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија без оглед дали тие во моментот на Пописот се наоѓаат во земјата или во странство, и во таков обем Пописот ги опфатил лицата кои се државјани на Република Северна Македонија.

Оваа определба на Методологијата врз основа на Законот, која ќе ги опфати наведените лица со Пописот еднакво сите лица кои се во исти услови, е во согласност и со член 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, според кој уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по било која основа наведена во став 1.

Оттука и конкретно во случајов се работи за законска рамка на опфат на лица предмет на попишување со предметниот Попис, што е право на законодавецот за целисходноста на законското решение и законодавна политика, а што е истоветно пропишано и со Методологијата, и еднакво се однесува за сите лица кои се во исти услови.

Од погоре изнесената анализа Судот оцени дека за оспорениот дел од Методологијата не може основано да се постави прашањето за несогласност со Законот.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.56/2021
02.09.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска