У.бр.309/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) на седницата одржана на 24.06.2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членот 241 став 3 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Репуб-лика Македонија“ бр.69/2015, 227/2015, 177/2016 и 197/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.269/2019 и 279/2019).

2. Орце Коцевски од Велес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 241 став 3 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со измените на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.120/2018) била направена интервенција во членот 94 од основниот текст на наведениот закон на начин што зборот: „шест“ бил заменет со зборот: три“ односно бројот „12“ со бројот: „6“.

Согласно наведеното во оспорениот член 241 став 3 од Колективниот договор се уште не било извршено усогласување со донесените измени на Законот и член 94 став 2 којшто сега предвидувал дека: „Отказ на договорот за вработување поради причини на вина од страна на работникот, работодавачот може да му даде на работникот во рок од три (биле шест) месеци од денот на дознавањето на фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од 6 (било12) месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот. Со ова на вработените во Министерството им се причинувала штета и незаконски се воделе постапките за дисциплинска одговорност.

Поради наведеното подносителот на иницијативата бара да се поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одредба.

3. Судот на седницата, утврди дека членот 241 од Колективниот договор го доуредува донесувањето на решението за изрекување на дисциплинска мерка во Министерството за внатрешни работи. Според оспорениот став 3 од членот 241 од Договорот министерот го донесува решението во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од дванаесет месеци од денот кога е сторена повредата.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во конкретниот случај од Судот се бара да утврди дека оспорената одредба од Колективниот договор не била во согласност со член 94 став 2 од Законот за работните односи, односно се бара оцена на законитоста.

Во член 3 став 1 од Законот за работните односи, („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19 и 267/2020), е определено дека овој закон ги уредува работните односи на работниците вработени во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, заводите, фондовите, организациите и други физички и правни лица, доколку со друг закон поинаку не е определено.

Според член 94 став 2 од истиот закон, отказ на договорот за вработување поради причини на вина од страна на работникот, работодавачот може да му даде на работникот во рок од три месеци од денот на дознавањето на фактите кои се основа за давање на отказот, односно во рок од 6 месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за давање на отказот.

Од анализата на овие одредби од Законот за работните односи произлегува дека овој закон во член 3 став 1 го содржи принципот lex specialis derogat legi generali, според кој предност во примената има специјалниот закон, а одредбите од општиот закон или Законот за работни односи се применуваат само доколку со посебниот закон определено прашање не е поинаку уредено. Ова се нарекува супсидијарна примена на општиот закон, за што во општиот закон секогаш постои упатна норма. Оттаму, членот 94 став 2 од Законот за работните односи и таму определените рокови за донесување на решение од страна на министерот би имале примена само доколку со друг посебен закон поинаку не е определено.

Во член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2014, 116/2014, 33/2015, 5/2016, 120/2016, 190/2016 и 21/2018 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.108/2019 и 275/2019) е предвидено дека, решението за изрекување на дисциплинска мерка на работникот, министерот е должен да го донесе во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од 12 месеци од денот кога е сторена повредата.

Значи за покренатото прашање во иницијативата постои посебна уреденост во Законот за внатрешни работи, кој во членот 196 став 3 уредил дека, министерот е должен да донесе решение за изрекување на дисциплинска мерка на работникот во рок од шест месеци од денот на пријавувањето на повредата на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски, а најдоцна во рок од 12 месеца од денот кога е сторена повредата. Оваа одредба според својата уреденот е потполно идентична по содржина со оспорениот член 241 став 3 од Колективниот договор.

При состојба кога Законот за работни односи има суспсидијарна примена, а оспорениот член 241 став 3 од Колективниот договор е во целосна усогласеност со член 196 став 3 од Законот за внатрешни работи произлегува дека неосновано е тврдењето во иницијативата за повреда на законитоста.

Оттаму, оспорениот член 241 став 3 од Колективниот договор е во согласност со член 94 став 2 од Законот за работните односи, кој предвидел пократки рокови за донесување на решение за изрекување на дисциплинска мерка од оние определени во оспорената одредба, а од причина што роковите од Законот за работните односи не можат да имаат примена кога за ова прашање постои уреденост со посебен закон, односно Законот за внатрешни работи (член 196 став 3).

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.309/2020
24.06.2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска