Издвоено мислење по предметот У.бр.263/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), а во врска со Одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, У.бр.263/2020, од 24.06.2021 година, донесена со мнозинство гласови, а со која Одлука се укинуваат ставовите 3 и 4 на членот 5 од Правилникот за составот за испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, бр.02-4338/3 од 2 мај 2020 година, донесен од Собранието на Стоматолошка комора на Македонија и објавен во („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.148/2020 година, гласајќи против цитираната одлука, јас, судијата Осман Кадриу писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлуката У.бр.263/2020, со мнозинство гласови, одлучи да се укинат ставовите 3 и 4 на членот 5 од Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит за здравствените работници со високо образование од областа на стоматологијата, кој Правилник бил донесен од Собранието на Стоматолошка комора на Македонија од 2 мај 2020 година под горе цитираниот број и истиот правилник е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.148/2020 година.

Од содржината на членот 5 и посебно ставовите 3 и 4 од цитираниот правилник произлегува како што следува: полагањето на стручниот испит се пријавува од страна на докторот на стоматологија кој ја завршил пробната работа (во натамошниот текст: кандидатот), најдоцна во рок од една година од денот на завршувањето на пробната работа со поднесување на пријава за полагање на стручниот испит со прилог докази: уверение и диплома за завршено високо образование од областа на стоматологијата; книшка за завршена пробна работа, пополнета согласно планот и програмата за пробна работа; и потврда за уплатени средства на сметката на Комората.

Во одредбите на членот 5 се наоѓа и регулативата содржана во ставот 3 и 4, која регулатива, со предметната одлука и се укинува, покрај другото се подвлекува дека „по исклучок од ставот 1 на членот 5, кандидатот може стручниот испит да го полага и по истекот од една година од денот на завршувањето на пробната работа во случај на подолго отсуство поради: болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган, за што кандидатот треба да достави, со пријавата за полагање на стручен испит, и соодветно писмено барање со соодветен доказ за оправданоста на случајот. Во ставот 4 се уредува прашањето дека по барањето на кандидатот во исклучителниот случај одлучува претседателот на Комората.

Во образложението на Одлуката, донесена со мнозинство гласови, се подвлекува дека овој исклучок којшто се предвидува, нема законска основа. Во Законот за здравствена заштита таксативно се наведени случаите и условите кои се потребни за полагање на стручниот испит.

Во врска со ваквото образложение, и донесената Одлука со мнозинство гласови, а за која одлука гласав против, најавив издвоено мислење, коешто мислење во писмена форма и го образложувам. Имено, стои фактот дека со Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012 година) и сите негови измени и дополненија објавени во „Службен весник на Република Македонија“ заклучно со оние кои се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.275/2019 година се уредени, покрај другото и условите за полагање на стручен испит. Во таа насока јасни се одредбите содржани во членот 121. Со одредбите на овој член се подвлекува дека по завршувањето на пробната работа, здравствените работници и здравствените соработници се должни да полагаат стручен испит во рок од една година од денот на завршувањето на испитот и Програмата за пробна работа, или со исполнување на условите од член 117 став 4 од овој закон за октометристите.

Меѓутоа, со одредбите на Законот за здравствена заштита, поточно, со одредбите на членот 121 се пропишува општата рамка на правата и обврските на докторите по стоматологија за полагање на стручниот испит и условите за негово полагање. Прашањата коишто се однесуваат на самата постапка, составот на Комисијата, доказите коишто треба кандидатите да ги приложуваат кон барањето за полагањето на стручниот испит, организацијата и спроведувањето на испитот како и другите организациони прашања, во секое правно лице и во секоја институција, се прашања коишто се уредуваат со нивните внатрешни акти, како подзаконски акти. Овие прашања не претставуваат законска материја и од тие причини законодавецот, сосема основано и логично, таквите прашања и не ги уредува со закон. Таков е случајот и со предметниот правилник донесен од Стоматолошкото собрание. Во овој правилник во делот насловен како „Начин на полагање на стручниот испит и начин на проверка на стручените знаења и вештини“, доносителот на Правилникот таксативно ги уредил условите и постапката за полагање на стручниот испит. Во одредбите на членот 5 и ставовите 3 и 4, доносителот на Правилникот посебно ги уредил и исклучоците кога докторот на стоматологија, кандидатот за полагање на стручниот испит од објективни причини не успеал да го пријави и да го полага стручниот испит во утврдениот рок од една година од денот на завршување на пробната работа.

Имено, и поконкретно, како објективни причини поради кои кандидатот немал можност да го пријави и да го полага испитот, по систем на енумерација (набројување), доносителот на Правилникот ги наведува: подолго отсуство поради болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, како и повик од надлежен орган. Во наведените состојби кандидатот објективно не е во можност да го пријави и да го полага стручниот испит. Доволно е кандидатот за полагање на стручниот испит да се наоѓа само во една од наведените состојби и да зборуваме за случај. Ваканастанатиот случај е резултат на објективни причини, на објективните околности. Кога случајот настанува врз основа на објективни причини односно објективни околности, во правото вината секогаш се исклучува.

Со укинувачката Одлука неправедно се оневозможува на докторите стоматолози – кандидати за полагање на стручен испит кои од објективни причини не биле во можност да го пријават и полагаат стручниот испит во предвидениот рок од една година сметано од денот на завршување на пробната работа. Поради тоа, тие ќе бидат принудени да продолжат да работат и понатаму на пробна работа.

Поради фактот што пробната работа секогаш е ограничена во време, на докторите стоматолози основано може да се доведе во прашање работниот однос и неговото престанување. Престанувањето на работниот однос е најтешка санкција којашто може да се изрече во работните односи.

Поради наведените причини, како судија на Уставниот суд го приложувам моето Издвоено мислење, образложено како погоре.

Судија
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу

Одлука У.бр.263/2020