У.бр.288/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 65-а став 3 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009; 124/2010; 18/2011; 18/2011; 36/2011; 49/2011; 54/2011; 59/2011; 13/2012; 39/2012; 144/2012; 25/2013; 70/2013; 79/2013; 137/2013; 163/2013; 27/2014; 28/2014; 42/2014; 115/2014; 149/2014; 187/2014; 44/2015; 129/2015; 129/2015; 217/2015; 226/2015; 30/2016; 31/2016; 39/2016; 71/2016; 103/2016; 132/2016; 35/2018; 64/2018; 168/2018, и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019 и 18/2020).

2. Синиша Станковиќ, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на член 65-став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, член 50 став 2, членот 51 и членот 54 од Уставот на Република Северна Македонија при што ја цитира нивната содржина.

Подносителот на иницијативата како аргументи на кои се повикува и ја цитира нивната содржина биле одредбите од член 52 став 2, член 59 став 1, член 62-а од Законот за градење, членот 8, членот 14, и членот 17 од Законот за општата управна постапка.

Подносителот во иницијативата тврди дека постоењето на една ваква одредба нема смисла и е во спротивност со Уставот бидејќи граѓанинот нема право на судска заштита од причини што во праксата јавниот орган го повикува граѓанинот да ја разгледа документацијата или да поднесе жалба, но ако жалбата биде одбиена јавниот орган дава право на граѓанинот против второстепениот орган да поднесе управна тужба, ама народски кажано „поднеси ако смееш па ќе видиш, во случај на неуспех, колку штета ќе платиш“.

Ова од причини што соседите како странки во постапката не се вклучуваат по сопствена волја или барање во врска со издаденото одобрение туку истите: јавниот орган ги вовлекува во постапката; јавниот орган им дава право да вршат увид во документацијата по повод издаденото одобрение за градба или да поднесат жалба; јавниот орган по повод жалбата носи решение согласно член 109 од Законот за општата управна постапка; жалбата може да биде одбиена како неоснована и при таквата одлука јавниот орган во правната поука наведува дека странката има право на тужба до управен суд, а јавниот орган во поглед на правната поука на странката не и дава објаснување за настанување на тешки последици за подносителот на управната тужба кои можат да настанат во смисла на одредбата од член 65-а став 3.

Од наведените причини подносителот бара Судот да ја прифати иницијативата и да донесе одлука со која ќе ја укине оспорената одредба од Законот за градење.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 65–став 3 од Законот за градење било предвидено дека доколку одобрението за градење не е правосилно, поради тоа што жалителот започнал управен спор, а инвеститорот не започнал со изградба на градбата пред одобрението за градење да стане правосилно, инвеститорот има право да бара надомест на штета и надомест на изгубена добивка од жалителот доколку тужбеното барање и/или жалбеното барање од надлежните судови се одбиени како неосновани и/или недопуштени.

4. Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд на Република Северна Македонија со Одлука У.бр.15/2020 од 24 февруари 2021 година, го укина член 65-а став 3 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2009; 124/2010; 18/2011; 18/2011; 36/2011; 49/2011; 54/2011; 59/2011; 13/2012; 39/2012; 144/2012; 25/2013; 70/2013; 79/2013; 137/2013; 163/2013; 27/2014; 28/2014; 42/2014; 115/2014; 149/2014; 187/2014; 44/2015; 129/2015; 129/2015; 217/2015; 226/2015; 30/2016; 31/2016; 39/2016; 71/2016; 103/2016; 132/2016; 35/2018; 64/2018; 168/2018, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.244/2019 и 18/2020).

Во обраложението на наведената одлука, Судот утврдил дека граѓаните имаат легитимно уставно право да ги заштитуваат своите права и интереси пред надлежните судови, без никакви ограничувања. Судската заштита на законитоста на поеднинечните акти на органите на државната управа што ја гарантира Уставот, се остварува преку управен спор пред Управен суд и Вишиот управен суд. Според Судот, решението за градење издадено согласно Законот за градење неспорно претставува поединечен акт на државната управа и други институции што вршат јавни овластувања, како што упатува Уставот, од каде произлегува дека Уставот ја гарантира судската заштита на законитоста на овој вид поединечен акт.

Од оспорениот член 65-а став 3 од Законот, произлегува дека во суштина, со запретените надомест на штета и изгубена добивка, како последици на евентуално изгубен судски спор, граѓаните се одвраќаат од уставното право на судска заштита на законитоста на одобрението за градење спротивно на член 50 став 2 од Уставот. Притоа, Судот го имаше предвид фактот што постапката која ја водат судовите, граѓаните не се виновни за должината на постапката и тие не можат да трпат последици поради тоа.

Оттука, во конкретниот случај, Судот оцени дека со предвидување на казна и одговорност на подносителот на тужбеното барање доколку не успее во судскиот спор се повредува уставно гарантираното право на судска заштита, а со тоа и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд на Република Северна Македонија со наведената Одлука го укинал член 65-а став 3 од Законот за градење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2021 од 28.04.2021) и тој не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени услови за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.288/2020
17.06.2021 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска