У.бр.223/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 17 јуни 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

а) член 62 став 1, во делот: „адресата и“, од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на
Република Северна Македонија“ бр.102/2019) и
б) член 176 став 1, во делот: „што мора да ги има секој поднесок (член 98)“, од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 98 став 3, во делот: „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“ од Законот означен во точката 1.б) од ова решение.

3. Весел Јашари, адвокат од Кичево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во врска со член 62 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, во иницијативата се наведува дека, постапувајќи по Барање за утврдување на одговорност на судии, Комисија на Судскиот совет на Република Северна Македонија го отфрлила барањето како нецелосно затоа што, покрај другото, немало адреса на живеење за судиите кои биле предмет на Барањето (Решение бр.10-34/4 од 04.06.2020 година). Оттука произлегувало дека секој подносител на претставка, поплака или барање за одговорност на судија, морало да ги пронајде бараните адреси, а бидејќи тие поднесоци се однесуваат на судии кои се физички лица, податоците за адресата на живеење на судиите не биле достапни на граѓаните кои се подносители на поднесоците, поради што таквата обврска предвидена во член 62 став 1 од Законот не била во согласност со член 18 ставови 1 и 2 од Уставот и била во спротивност со Законот за заштита на личните податоци.

Во однос на член 98 став 3 и член 175 став 1 од Законот за парничната постапка, подносителот на иницијативата наведува дека поднесоците морале да содржат особено име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација (член 98 став 3), како и дека тужбата морало да ги има податоците што мора да ги има секој поднесок според член 98 од Законот (член 175 став 1), а тоа значело дека секој поднесок, па и тужба доставена до суд, морало да содржи, покрај единствен матичен број на граѓанинот, и фотокопија од лична карта или патна исправа, во спротивно таквите поднесоци судовите ги отфрлале како неуредни, па таквите законски одредби не биле во согласност со членот 18 од Уставот и со членот 3-а од Законот за заштита на личните податоци.

Подносителот на иницијативата смета дека поради таквите законски одредби, се создавал револт кај граѓаните со оглед дека не можеле да ги остваруваат своите права пред судовите во Република Северна Македонија или пак поради таквите законски пречки не сакале да ги остваруваат своите права преку судовите во Републиката.

Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека вакви обврски во наведените два закони (да се наведе адреса на живеење на судија или претседател на суд во ситуација на поднесено барање за нивна одговорност, како и да се наведе име и презиме поткрепени со доказ за идентификација при доставување на поднесок или тужба до суд) имало само во Република Северна Македонија, не и во останатите републики на поранешна СФРЈ, конкретно во Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ и Словенија.

4. а) Во однос на член 62 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), Судот на седницата го утврди следното:
– оспорената одредба гласи: „Образложено барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд (во натамошниот текст: барањето) се доставува до Советот и содржи: име и презиме на судијата или претседателот на судот, адреса и место на живеење, во кој суд ја врши функцијата, опис на повредата, законски назив на повредата со наведување на одредби од Законот за судовите и предлог докази што треба да се изведат на расправата“;
– одредба која претходи на оспорениот член 62 став 1 од Законот (член 61 став 2) определува дека: „Постапката (на утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, н.з.) е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата или претседателот на судот согласно со прописите за заштита на личните податоци“;
– одредба која следи по оспорената законска одредба (член 63 став 1) пропишува дека: „По добивање на барањето за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд, Советот (Судскиот совет, н.з.) од членовите со право на глас по пат на ждрепка формира Комисија на известители составена од три членови …“, како и дека: „Член на Советот (Судскиот совет, н.з.) кој е подносител на барањето, не може да биде член на Комисијата од ставот 1 на овој член“ (член 63 став 2);
– покрај тоа, во член 36 став 1 алинеја 15 од Законот за Судскиот совет се определува дека: „Советот (Судскиот совет, н.з.) е надлежен да постапува по претставки и поплаки на граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите“;
– според член 36 став 2 од Законот, „Советот (Судскиот совет, н.з.) задолжително најмалку еднаш месечно одржува седница на која расправа поединечно по сите претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, како и за одолжување на судските постапки и одлучува за секоја одделна претставка и поплака, најдолго во рок од 60 дена од денот на нивниот прием во Советот (Судскиот совет, н.з.)“, а според ставот 3 од наведениот член на Законот, „Седницата на Советот (Судскиот совет, н.з.) од ставот 2 на овој член е *јавна“;
– освен тоа, во член 37 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018) се пропишува дека: „Врховниот суд на Република Македонија на општа седница поднесува барање за поведување на дисциплинска постапка против судија“ (алинеја 7) и „поднесува барање за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција“ (алинеја 8).

Од изнесените одредби на Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019) и на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018) произлегува дека: (1) барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд може да поднесуваат член на Судскиот совет и општата седница на Врховниот суд, како и дека (2) граѓаните и правните лица можат да поднесуваат, до Судскиот совет, претставки и поплаки за работата на судиите и претседателите на судови, не и барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд.

б) Тргнувајќи од фактот дека член 62 став 1 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија ги утврдува податоците кои мора да се опфатени во барањето за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија или претседател на суд поднесено од овластен предлагач (член на Судскиот совет на Република Северна Македонија или општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија), тие податоци, па ни адресата на живеење на судијата или претседателот на суд, не се обврска за граѓаните и правните лица да мора да ги наведат во претставка или поплака поднесена против судија или претседател на суд во врска со нивната работа, поради што, од тој аспект на проблематизирање, членот 62 став 1 во делот: „адресата и“ од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, не ја доведува во прашање уставно загарантираната сигурност и тајност на личните податоци на граѓаните, како и уставната гаранција на заштита од повреда на личниот интегритет на граѓаните што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците утврдена во член 18 ставови 1 и 2 од Уставот.

в) Што се однесува, пак, до односот меѓу член 62 став 1 од Законот за Судскиот совет, со напред наведената содржина, и одредбите од стариот Закон за заштита на личните податоци, за таа релација покрената со иницијативата не постои предмет за одлучување на Уставниот суд со оглед дека, прво, одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) престанале да важат пред поднесувањето на иницијативата и, второ, меѓусебниот однос на два закони не е во надлежност на овој суд според член 110 од Уставот.

5. а) Во врска со член 176 став 1 од Законот за парничната постапка, чија содржина се оспорува со иницијативата (иако подносителот го означува член 175 став 1 од Законот како проблематичен), Судот ја утврди следната состојба:

– одредбата гласи: „Тужбата треба да содржи определено барање во поглед на главната работа и на споредните барања, факти врз кои тужителот го заснова барањето, докази со кои се утврдуваат овие факти, како и други податоци што мора да ги има секој поднесок (член 98).“

Од содржината на наведената законска одредба произлегува дека со неа се определуваат податоците кои треба да ги содржи тужбата и тие се: определено барање, барањето да е раздвоено на барање поврзано со главната работа и на барање поврзано со споредни побарувања, факти врз кои тужителот го заснова барањето, докази од кои тужителот ги изведува фактите, како и други податоци што мора да ги има секој поднесок (член 98).“

Со иницијативата се проблематизира делот: „што мора да ги има секој поднесок (член 98)“ и тоа во врска со делот од член 98 став 3 на Законот за парничната постапка „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“, поради како што смета подносителот на иницијативата повреда на уставно загарантираната сигурност и тајност на личните податоци на граѓаните и уставната гаранција на заштита од повреда на личниот интегритет на граѓаните што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, гаранции утврдени во член 18 ставови 1 и 2 од Уставот. Со други зборови, подносителот на иницијативата смета дека во тужбата мора да има, покрај другото, „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“ и дека тоа ја повредува сигурноста и тајноста на личните податоци на граѓаните.

б) Но, најнапред, законската одредба очигледно определува што треба да има тужбата или, попрецизно, што е потребно да наведе тужителот во тужбата за да судот може да го решава настанатиот спор (не што мора да напише тужителот во тужбата) и, второ, соодветно на барањата во тужбата, на фактите врз кои тужителот го заснова барањето и доказите од кои тужителот ги изведува фактите, тужбата мора да биде разбирлива и мора да го содржи сето она што е потребно за да може да се постапи по тужбата (член 98 став 3 реченица прва од Законот за парничната постапка), вклучувајќи и „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“ ако на некое лице упатува подносителот на тужбата (член 98 став 3 реченица втора од Законот за парничната постапка).

в) Имајќи го предвид таквото значење на законската одредба, Судот утврди дека оспорениот дел од член 176 став 1 на Законот за парнична постапка е во согласност со следните правила:
– правни начела: начело на еднаков пристап пред суд утврдено во член 6 став 1 од Законот за судовите (според кој, „Секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси“); начело на економичност и начело на судење во разумен рок утврдени во член 10 став 1 од Законот за парничната постапка (според која одредба, „Судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување, во разумен рок, со што помалку трошоци и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата што на странките им припаѓаат во постапката“); начело на законитост и легитимност, начело на рамноправност на странките и начело на контрадикторност утврдени во член 10 став 1 алинеи 1, 2 и 6 од Законот за судовите (според кои одредби, „Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз следните начела: законитост и легитимност, рамноправност на странките, контрадикторност“);
– темелна вредност: владеење на правото утврдено како темелна вредност на уставниот поредок во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, при што таквата законска одредба (член 176 став 1 во наведениот дел) не го доведува во прашање уставно загарантираното право на граѓаните на сигурност и тајност на личните податоци (член 18 став 1 од Уставот), како и заштитата од повреда на личниот интегритет на граѓаните што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците (член 18 став 2 од Уставот), на кои одредби упатува подносителот на иницијативата, со оглед дека оспорената законска одредба, во делот: „што мора да ги има секој поднесок (член 98)“, е во функција на судско решавање на настанат спор и ништо друго надвор од спорниот однос меѓу страните во спорот.

г) Во однос, пак, на обезбедување на „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“ за да се наведе и приложи кон тужбата, подносителот на тужбата може да го прибави преку Министерството за внатрешни работи кој е надлежен државен орган за издавање на лична карта (член 3), која, личната карта, е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанството на Република Македонија, живеалиштето и адресата на граѓанинот на Република Мекаедонија (член 1 став 1) од Законот за личната карта („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1995, 38/2002, 16/2004, 12/2005, 19/2007, 10/2010, 51/2011, 13/2012, 166/2012, 154/2015 и 55/2016), притоа тие податоци можат да се обезбедат во постапка пропишана со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (особено членовите 1-4 од тој закон објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019) и сето тоа не е во спротивност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен веник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), според кој „личен податок е секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или лице кое може да се идентификува (субјект на лични податоци), а физичко лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор како што се име и презиме, матичен број на граѓанинот, податоци за локација, идентификатор преку интернет, или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, генетски, ментален, економски, културен или социјален идентитет на тоа физичко лице“ (член 4 став 1 точка 1), како и „корисник (на личен податок, н.з.) е физичко или правно лице, …на кое му се откриваат личните податоци без разлика дали е тоа трето лице или не“ (член 4 став 1 точка 9 од Законот).

д) Што се однесува до односот меѓу оспорениот дел од член 176 став 1 на Законот за парничната постапка и одредбите од стариот Закон за заштита на личните податоци, Судот и тука укажува дека за таа релација покрената со иницијативата не постои предмет за одлучување на Уставниот суд со оглед дека, прво, одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) престанале да важат пред поднесувањето на иницијативата и, второ, меѓусебниот однос на два закони не е во надлежност на овој суд според член 110 од Уставот.

6. а) Во врска со член 98 став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015), Судот го утврди следното:
– одредбата гласи: „Поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон“;
– со Решение У.бр.197/2011 од 14 ноември 2012 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на, покрај другото, член 98 став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

б) Со оглед на тоа што, со Решение У.бр.197/2011 од 14 ноември 2012 година, Уставниот суд се произнел за уставноста на член 98 став 3 од Законот за парничната постапка во врска со наведувањето во поднесоците на податокот: „име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација“, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на тој дел од иницијативата.

в) За односот меѓу оспорениот дел од член 98 став 3 на Законот за парничната постапка и одредбите од стариот Закон за заштита на личните податоци, како што е напред наведено, така и во овој дел Судот укажува дека за таа релација покрената со иницијативата не постои предмет за одлучување на Уставниот суд со оглед дека, прво, одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 103/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) престанале да важат пред поднесувањето на иницијативата и, второ, меѓусебниот однос на два закони не е во надлежност на овој суд според член 110 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.223/2020
17 јуни 2021 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Добрила Кацарска