Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021) на седницата одржана на 11 мај 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста и законитоста на:
– Член 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2015, 195/2015, 115/2019 и 193/2020), донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“; и
– Член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019), донесен од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
2. Симона Талевска од Битола, Благојче Стојановски од Скопје, Бојан Василески од Прилеп, Гордана Николовска од Битола, Зоја Андреев од Скопје, Филип Пашоски од Прилеп, Александар Софронијоски од Кичево, Александар Јорданоски од Скопје, Диме Петрушевски од Пробиштип, Кристијан Смилевски од Скопје, Христина Софронијоска од Скопје и Катерина Рамбабова Мишева од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од членот 10-а од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и членот 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, имале идентична содржина. Управниот одбор на Академијата, немал законски основ за да го пропишува начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на немнозинските заедници преку определување на посебна квота за нив и тенденциозно се впуштил во уредување на законска материја со подзаконски акти. Ова начело од алинеја 2 на членот 8 од Уставот, според кое соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, е уставна норма која се инкорпорира во законски норми, а со подзаконски акти само се операционализираат и доуредуваат законски пропишаните права и обврски. Имено, уставните норми немаат непосредна примена, тие се уставен основ на законите кои ја пропишуваат правната материја, а потоа може нејзината операционализација да се препушти на доуредување на органите на државната власт и другите јавни институции врз основа на законски рамки и критериуми, меѓутоа истите не можат директно да пропишуваат односи коишто се законска материја и да преземаат улога на законодавец.
Поаѓајќи од тоа дека со Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015, 163/2018) во членот 9 е предвидено дека при селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во Република Македонија, неспорно е дека законодавецот во рамки на Законот исклучиво можел да пропишува критериуми за предметната селекција, но воопшто не е допуштено со подзаконски акти да се пропишуваат овие прашања кои се законска материја. Обезбедувањето на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници се врши со правно уредување преку закон, а не со подзаконски акти како што е тоа случајот со оспорените одредби од Правилникот и Статутот, донесени од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Воедно, со Законот не е овластен Управниот одбор на Академијата да го операционализира членот 9 од Законот со подзаконските акти – Правилник за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и со Статутот на Академијата.
Во членот 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е утврден предметот на уредување на овој закон. Со членот 5 од овој закон е утврдено дека основен акт на Академијата е Статутот и е определено што тој треба да содржи, меѓу другото, и приемот на слушатели во почетната обука, а со член 56 став 2 Законот утврдил дека вкупниот број на слушатели на почетната обука се определува врз основа на одлуките на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Со членот 66 од овој закон е уредена постапката за полагање на приемниот испит, а согласно ставот 2 од овој член од Законот, е упатено дека начинот и поблиските услови за полагање на приемниот испит, како и правата и обврските на лицата кои го полагаат приемниот испит се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата. Потоа, со член 90 ставови 1 и 2 од Законот е пропишано дека завршната оценка на приемниот испит е збир на оценката од квалификациониот тест и испитот, и Комисијата утврдува ранг-листа на слушатели на почетната обука. Приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг листата до пополнување на предвидениот број на слушатели.
Оттука, Законот ги пропишал наведените права и обврски и други односи кои му се предмет на уредување, но не дал овластување Управниот одбор на Академијата, надвор од пропишаните односи во Законот, да излезе од законските рамки и без конкретни законски критериуми, да ги пропишува односите со оспорените одредби од Правилникот и Статутот. Ова особено што Законот децидно пропишал дека врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број слушатели утврдени со одлуки од член 56 став 2, се врши приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата, а воопшто нема законски одредби за посебни квоти на застапеност на заедниците во ранг-листата на слушатели како што е тоа пропишано со оспорените одредби во подзаконските акти – Правилникот и Статутот.
Со иницијативата се наведува дека оспорените акти биле донесени на 03.06.2019 година, а објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ на 06.06.2019 година, но дека стапувале во сила не со денот на објавувањето, туку пред тоа, со денот на донесувањето од страна на Управниот одбор на Академијата. Со оглед на тоа што тие влегле во сила на 03.06.2019 година, не би можеле да важат и да се применуваат за јавен оглас за прием во почетна обука во Академијата кој бил објавен и завршен пред 03.06.2019 година, бидејќи нивната примена би била со ретроактивно дејство спротивно на членот 52 од Уставот кој го забранува ретроактивното дејство на прописите.
Меѓутоа, и покрај ваквата правна состојба, Академијата која веќе имала објавено јавен оглас за прием во почетна обука во Академијата, на 60 слушатели за период 2019-2021 година и јавниот оглас бил објавен на 15.05.2019 година и траел до 30.05.2019 година, при што кандидатите имале правен однос со Академијата кој веќе бил завршен уште пред 03.06.2019 година, и за овој јавен оглас на кандидатите не би можеле да се применуваат оспорените одредби од Правилникот и Статутот кои биле подоцна донесени, сепак Академијата ретроактивно ги применила со тоа што утврдила посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Републиката сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во конкретниот јавен оглас, меѓутоа оваа примена на оспорените одредби со ретроактивно дејство била правно неодржлива и спротивна на Уставот. Имено, за завршен јавен оглас каде кандидатите имале сознанија за односот што ќе го остваруваат во постапката во Академијата за обука, настанала состојба кога кандидатите добиле нови околности дури по завршување на јавниот оглас, врз основа на примената на оспорените одредби во конкретниот случај, од страна на Академијата.
Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од Правилникот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители, не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот и тоа член 8 став 1 алинеја 3 која се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, членот 51, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како и со член 52 ставови 1 и 4, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила и законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Оспорените одредби од наведените акти не биле во согласност и со одредби од Законот за судии и јавни обвинители и тоа членот 9, член 56 став 2, член 66 став 2, член 90 став 2 и членот 91. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Со иницијативата се бара Судот да изрече и времена мерка, односно до конечното одлучување со решение согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, да го запре извршувањето на сите акти и дејствија кои се донесени и преземени врз основа на оспорените одредби.
3. Судот на седницата утврди дека со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесен од Управниот одбор на Академијата на седница одржана на 03.06.2019 година, објавен на 06.06.2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, во членот 8 е предвидено:
„По член 10 се додава нов наслов кој гласи:
Правична застапеност на кандидатите за прием во почетната обука
Под насловот се додава нов член 10-а кој гласи:
(1) „При селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија.“
(2) „Соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетната обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој нов упис посебно.“
(3) „Управниот одбор ја определува квотата од став 2 на овој член, земајќи ги претходно предвид официјалните статистички показатели“.
(4) „Пополнувањето на слободните места определени според квотата, при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се раководи по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.“
(5) „Доколку во определените квоти од став 3 на овој член не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка.“
– Со Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесена од Управниот одбор на Академијата на седницата одржана на 03.06.2019 година, објавена на 06.06.2019 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, во членот 3 е предвидено:
По членот 42 се додава нов наслов кој гласи:
„Правична застапеност на кандидатите за прием во почетната обука“
Под насловот се додава нов член 42-а кој гласи:
(1) „При селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“
(2) „Соодветната и правична застапеност се обезбедува со претходно утврдување на посебна квота за припадниците на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетната обука, а кој број се определува од страна на Управниот одбор за секој нов упис посебно.“
(3) „Управниот одбор ја определува квотата од став 2 на овој член, земајќи ги предвид официјалните статистички показатели.“
(4) „Пополнувањето на слободните места определени според квотата, при приемот на кандидатите во почетната обука ќе се раководи по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот испит, а кое пополнување ќе се рангира во рамки на секоја предвидена квота посебно.“
(5) „Доколку во определените квоти од став 3 на овој член не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положиле приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на нивната завршна оценка.“
Пред Судот како оспорени се третирани одредбите од интегралниот текст на актите.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции на сите нивоа, како и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавните функции, а согласно член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 52 ставови 1 и 4 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018) во членот 1 го определил предметот на уредување на овој закон, според кој со овој закон се основа и се уредува работењето на Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: Академија) како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Согласно членот 54 од овој закон, Академијата организира почетна и континуирана обука.
Слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно член 56 став 1 од Законот.
Почетна обука се организира заради стекнување практични и теоретски знаења и вештини со цел создавање на високообучени, стручни и ефикасни кандидати за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства и слушатели на почетната обука се лица кои по положениот приемен испит се примени во почетната обука, ова согласно одредбите од членовите 55 и 56 од овој закон.
Условите за прием на почетната обука се утврдени во членот 57 од овој закон.
Согласно членот 58 од овој закон, Управниот одбор донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемниот испит во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуките од член 56 став 2 на овој закон во Академијата, кои одлуки ги донесува Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на Република Македонија, за прашањето за вкупниот број на слушатели на почетната обука, земајќи го предвид вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители во основните судови и основните јавни обвинителства, како проекција за потребните места кои ќе се пополнуваат по завршување на почетната обука.
Имено, на основа на проекцијата за пополнување на потребните места на кадри се донесуваат одлуки од Судскиот совет и Советот на јавните обвинители за вкупниот број на слушатели на почетната обука и на основа на тие одлуки Управниот одбор на Академијата донесува одлука за објавување јавен оглас за прием на лица за полагање на приемен испит за почетна обука во Академијата.
Со одредбите од Законот е детално уредено полагањето на приемниот испит за влез како слушатели на почетна обука.
Согласно член 91 став 1 од овој закон, приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките од член 56 став 2 од Законот.
Според членот 93 од Законот, со стекнување на статусот на слушател на почетната обука во Академијата, слушателот заснова работен однос на определено време со Академијата за периодот на спроведување на почетната обука до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, за судија во основен суд, односно јавен обвинител во основно јавно обвинителство (став 1). За време на траењето на работниот однос од ставот 1 на овој член слушателот на почетната обука, односно кандидат за судија или јавен обвинител има право на плата на виш судски советник во основен суд и други надоместоци од плата согласно со закон (став 2).
Согласно членот 97 од овој закон, по завршувањето на почетната обука слушателите на почетната обука полагаат завршен испит на кој се проверува практичното знаење и способноста кои се стекнати во почетната обука за извршување на функцијата судија во основните судови, јавен обвинител во основните јавни обвинителства.
Прашањата поврзани со постапката, полагањето и оценувањето на завршниот испит се уредени со одредбите од овој закон.
Според членот 111 од овој закон, комисијата за завршен испит утврдува конечна ранг-листа на кандидати за судии и јавни обвинители врз основа на завршната оценка од членот 110 на овој закон.
Академијата на кандидатите за судии и јавни обвинители им издава уверение за завршена почетна обука кое содржи оцена за секоја фаза од обуката и завршна оцена.
Од наведените одредби од Законот, произлегува дека со основањето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, државата врз себе ја презема обврската за едукација на кадрите во судството и јавното обвинителство со цел да се обезбеди професионално, независно, непристрасно и ефикасно извршување на судиската и јавнообвинителската функција. Токму од овие причини законодавецот ја востановил Академијата како јавна установа која врши прием и стручно усовршување на идните судии и јавни обвинители, како и постојано стручно усовршување на избраните судии и јавни обвинители. Оттука и приемот во Академијата (по положен приемен испит) односно стекнување на статус на слушател на почетната обука повлекува засновање на работен однос на определено време на слушателот со Академијата за периодот додека трае почетната обука, па се до изборот на кандидатот за судија или јавен обвинител, при што средствата за стручно усовршување односно обуката на кандидатите ги обезбедува државата, односно Академијата чиј главен извор на финансирање е Буџетот на Република Северна Македонија преку делот на буџетот за судската власт. Кандидатот не учествува со сопствени средства во покривањето на тршоците за обука и стручно усовршување, туку напротив со засновањето на работниот однос со Академијата, за целиот период на спроведување на почетната обука се до изборот за судија или јавен обвинител, кандидатот односно слушателот има право на плата и на други надоместоци од плата согласно закон.
Во делот на општите одредби од овој закон, со членот 9 е предвидено дека при селекцијата на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија.
Управниот одбор како орган на управување на Академијата, врз основа на член 13 став 1 алинеја 1 и член 66 став 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, го донел Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија„ бр.77/2015, 195/2015 и 115/2019).
Управниот одбор на Академијата, врз основа на член 5 став 3 и член 13 став 1 алинеја 1 од наведениот закон, го донел и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.56/2015, 205/2018 и 115/2019).
Со членот 5 од овој закон, меѓу другото е утврдено дека основен акт на Академијата е Статутот (став 1), со Статутот се уредуваат повеќе наведени прашања, меѓу кои и „приемот на слушатели во почетна обука“ (став 2 алинеја 6) и „содржината на програмите за приемен испит, почетната обука …. (став 2 алинеја 7), Статутот го донесува Управниот одбор на Академијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови (став 3), Статутот и другите општи акти на Академијата се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ и на веб страницата на Академијата и на друг начин со кој се овозможува нивна достапност до јавноста (став 4).
Според член 66 став 2 од Законот, начинот и поблиските услови за полагање на приемниот испит од член 64 на овој закон, како и правата и обврските на лицата кои го полагаат приемниот испит се уредуваат со Статутот и општите акти на Академијата.
Составот на Управниот одбор како орган на управување на Академијата, е утврден во членот 11 од Законот, според кој детално е пропишано членството да го сочинуваат осум члена од редот на судии и јавни обвинители и еден член назначен од министерот за правда од редот на раководните административни службеници во Министерството за правда.
Управниот одбор на Академијата, во 2015 година ги донел погоре наведените подзаконски акти, Правилникот и Статутот, кои по измените и дополнувањата коишто се означени, ги предвиделе и оспорените одредби во овие акти со измените и дополнувањата, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2019, чија содржина на оспорените одредби е идентична, а овие измени и дополнувања во Правилникот и Статутот биле донесени на 3 јуни 2019 година, стапиле во сила со денот на донесувањето, а биле објавени на 6 јуни 2019 година.
Судот нема надлежност да ја цени примената на оспорените одредби од Правилникот и Статутот, во конкретни случаи, ниту има уставен основ да се впушти во оценка на анализа на случај во однос на конкретната примена на оспорените одредби. Оттука, имајќи предвид дека Правилникот и Статутот се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ со чии измени и дополнувања се предвидени оспорените членови, тие одредби се „обнародени“ во правниот поредок и неспорно важат за идни односи по нивното објавување, при што не е воопшто регулирано дека се однесуваат повратно на односи настанати пред донесувањето и објавувањето, имајќи предвид дека со тоа што се донесени и објавени во период од 03-06 јуни 2019 година, во суштина не ја доведува во прашање уставноста на овие акти, од аспект на членот 52 од Уставот, ниту со нив е пропишано ретроактивно дејство, за да може Уставниот суд, уставно-правно да ги проблематизира.
Наводите во иницијативата кои се однесуваат на неоснована ретроактивна примена на оспорените одредби од Правилникот и Статутот на Академијата во конкретно изнесениот случај во иницијативата, се во доменот на правото на судска заштита пред надлежен суд во конкретен предмет, во која ќе се цени законитоста на постапката на предметот кој се посочува во иницијативата.
Оспорените одредби од наведените подзаконски акти на Академијата, започнуваат со став 1 во кој само ја цитираат и дефинираат законската одредба од членот 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, според која „при селекција на кандидатите за прием во почетната обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија“. Ова е наполно во согласност со член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот дополнет со Амандман 6, според кој како темелна вредност на уставниот поредок е „соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“.
Останатите одредби од ставовите 2-5 од оспорените членови, се одредби кои го разработуваат остварувањето на правото од ставот 1 во кој е инкорпорирана законската одредба од членот 9 согласно уставната норма од член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот. Овие подзаконски одредби не пропишуваат права и обврски кои се законска материја и поради тоа според подносителите на иницијативата, не можеле да се уредуваат со подзаконските акти – Правилникот и Статутот на Академијата, туку се работи за одредби кои го прават правото од ставот 1 да не е само декларативно туку применливо и реално остварливо во правниот поредок. Нивниот нормативен статус не е уставно-правно проблематичен, од аспект на наводите во иницијативата, бидејќи се норми со елементи од организациона природа како да се операционализира утврденото право за обезбедување на правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија при селекција на кандидати за прием во почетна обука во Академијата. Оттука, одредбите од ставовите 2-5 од оспорените членови, кои опфаќаат утврдување на посебни квоти за припадници на заедниците што не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавен оглас за прием во почетна обука, согласно официјални статистички показатели за припадниците на заедниците, а раководејќи се по принципот на постигнатиот успех на добиената завршна оценка од положениот приемен испит при пополнувањето на слободните места според квотите, но доколку во определена квота не се јават доволен број кандидати кои ги исполнуваат законските услови или не го положат приемниот испит, слободните места се пополнуваат од останатите кандидати кои ги исполнуваат условите според рангирањето на завршната оценка, се одредби кои ја определуваат целината на правото кое е погоре дефинирано во уставни и законски рамки и пренесено со ставот 1 од оспорените членови, во реална правна форма на објективизирано и применливо право во правниот поредок. Од овие причини не може основано да се постави прашањето за несогласност на оспорените членови од Правилникот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, со одредбите од Уставот и Законот на кои се однесуваат наводите во иницијативата.
По повод барањето во иницијативата, Судот оцени дека нема услови за изрекување на времена мерка, односно согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Правилникот и Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
5. Поради погоре наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.291/2020
11.05.2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати