У.бр.5/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за делегирање вршење на работи од јавен интерес бр.08-1396/11 од 30.12. 2019 година, донесена од Советот на Општина Крушево („Службен гласник на Општина Крушево“ бр.18 од 31 декември 2019 година).

2. Киро Сотироски од Крушево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на актот наведен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е наведено дека оспорената одлука не била во согласност со Уставот и законите, односно била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот и член 22 став 1 точка 4, член 24 и член 36 став 1 точка 8 и член 15 од Законот за локална самоуправа и членот 2, членот 5 и членот 8 од Законот за јавните претпријатија.

Според наводите во иницијативата, одредбата од членот 1 од Одлуката, според која се доделуваат работи како дејност од јавен интерес не била во согласност со споменатите одредби од Уставот и co одредбите од Законот за локална самоуправа (листа на надлежност на општините) член 22 став 1 точка 4 — комунални дејности, член 24 став 1 „Заради извршување на своите надлежности општините можат да основаат јавни служби, во согласност со закон“. Според ставот 2 од истиот член пропишувал дека „Општината може да го делегира вршењето на одредени работи од јавен интерес од локално значење на други правни или физички лица врз основа на договор за извршување на работи од јавен интерес, во согласност со закон“. Додека со членот 36 биле уредени надлежностите на Советот во кои според член 1 точка 8 Советот донесувал „Одлука за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон„ а според точката 15 „Врши и други работи определени со Закон“.

Во иницијативата се наведува дека тоа значело дека општината за вршењето на работи од нејзина надлежност комунални дејности — снабдување со вода за пиење, одржување на јавна чистота, извршување на дел од комуналните дејности — поставување и одржување на јавно осветлување и друго веќе било формирано јавно претпријатие и била донесена Одлука за проширување на дејноста на JП „Комуна„ заведена под број 02-10/4 од 15 јануари 2018 година која била потпишана од претседателот на JП „Комуна“ – Крушево. Со Одлука за измени и дополнување на Статутот на JП „Комуна“ 02-10/5 од 15 јануари 2019 год на управниот одбор се вршела измена и дополна на Статутот на јавното претпријатие. На овие акти на JП „Комуна“ Советот на Општина Крушево на седницата одржана на 23 февруари 2018 година донело соодветни заклучоци со кои давала согласност на погореспоменатите Одлуки. Заклучокот за давање на согласност на Одлуката со која се проширила дејноста на JП „Комуна“ број 08-257/12 од 23 февруари 2018 година и Заклучок со кој Советот на Општина Крушево дал согласност на Одлуката со која се вршела измена и дополнување на Статутот на Општина Крушево број 08-257/3 од 23 февруари 2018 година и двата заклучоци биле објавени во „Службен гласник на Општина Крушево„ број III од 26 февруари 2018 година. Бидејки овие „дополнителни„ дејности не биле во согласност со погореспоменатите закони не можело јавното претпријатие да ги извршува (бидејки за нив требало да се формираат посебни служби јавни претпријатија, а не да ги извршува истото).

Понатаму во иницијативата се наведува дека и покрај тоа што се донела погоре споменатата одлука за проширување на дејноста и Одлука за измена и дополна на Статутот на JП „Комуна“ дејностите не се извршувале бидејки нивното извршување било спротивно на позитивните прописи како што било сугерирано од надлежни органи. И покрај измените- дополнување на дејностите за одржување на јавното осветлување имало оглас за јавна набавка, а не ни било дозволено да се врши превоз од страна на JП „Комуна“ бидејки и таа дејност исто така била во спротивнст на закон бидејки имало обид за набавка на два минибуси со цел превоз на ученици. Оттука, според наводите во иницијативата JП „Kомуна“ не можела да извршува превоз и пoкpaj измените и дополнувањето на Статутот тие средства биле пренасочени за друга намена. Истото се однесувало и во конкретниот случај само за изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти.

Во иницијативата се предлага да се донесе решение за поведување на постапка и оспорената одлука да се поништи и градоначалникот да се задолжи да го запре извршувањето на истата.

4. Судот на седница утврди дека Советот на Општина Крушево на 44-та седница на Советот одржана на 30 декември 2019 година, донесе Одлука за делегирање вршење на работи од јавен интерес број 08-1396/l1 од 30 декември 2019 година која е објавена во „Службен гласник на Општина Крушево“ број XVIII од 31 декември 2019 година и потпишана од страна на претседателот на Советот на Општина Крушево.

Оспорената одлука е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 4, членот 24 и член 36 став 1 точки 8 и 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија„ број. 5/2002), членот 2, членот 5 и членот 8 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија„ број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 4920/06, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014,138/2014, 25/2015, 61/2015, 39/2016, 64/2018 и 35/2019) и член 21 став 1 точките 36 и 50 од Статутот на Општина Крушево.

Според членот 1 од Одлуката, на Јавното претпријатие „Комуна“ Крушево се доделуваат работите што представуваат изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и другите инфраструктурни објекти во Општина Kpyшево како дејност од јавен интерес.

Во членот 2 од истата се наведува дека средствата за извршување на работите од член 1 ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Крушево врз основа на Пpoграмата за изградба, реконструкција и рехабилитација на општинските патишта и улици за Општина Крушево за 2020 година.

Во членот 3 и членот 4 од Одлуката се наведува дека JП „Комуна“ е должна работите да ги извршува квалитетно и непрекинато на јавен и транспарентен начин за што градоначалникот на Општина Крушево и директорот на JП „Комуна“ за условите и начинот на извршување на работите склучуваат Договор.

Во членот 5 стои дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Крушево“.

5. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, сметаме дека оспорената одлука нема карактер на пропис, поради што не е подобна за уставно судска оцена.

Оспорената одлука за делегирање вршење на работи од јавен интерес е донесена од Советот на Општина Крушево на 30 декември 2019 година, објавена во „Службен гласник на Општина Крушево“ бр.18 од 31 декември 2019 година. Оваа одлука е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 4, членот 24 и член 36 став 1 точки 8 и 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број. 5/2002), членот 2, членот 5 и членот 8 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 4920/06, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014,138/2014, 25/2015, 61/2015, 39/2016, 64/2018 и 35/2019) и член 21 став 1 точките 36 и 50 од Статутот на Општина Крушево.

Во членот 1 од Одлуката се наведува дека на Јавното претпријатие „Комуна“ Крушево се доделуваат работите што представуваат изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и другите инфраструктурни објекти во Општина Kpyшево како дејност од јавен интерес.

Според Судот, оспорената одлука со која се, доделуваат работите што претставуваат изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и другите инфраструктурни објекти во Општина Kpyшево како дејност од јавен интерес, претставува поединечен, конкретен акт на општината, донесен во функција на операционализација на законските надлежности на општината во сферата на уредувањето на комуналните дејности и нема нормативен карактер, поради што одлуката не е подобна за уставно судска анализа. Ова дотолку повеќе што со оспорената одлука не се уредуваат односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив со истата се регулираат права и обврски на две страни, во конкретниот случај на Општина Крушево и ЈП „Комуна“- Крушево, односно е акт кој има дејство inter partes од што произлегува дека нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, Уставниот суд оцени дека не е надлежен за оценување на нејзината уставност и законитост, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.5/2020
05.05.2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати