У.бр.4/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 5 мај 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управни спорови (“Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019).

2. Никола Источки, адвокат од Ресен, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот го ускратувал уставно загарантираното право на поднесување на редовен правен лек – жалба против пресудите донесени во прв степен од страна на Управниот суд. Ваквата ограничувачка одредба создавала правна несигурност и истата била во спротивност со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, како и начелото на законитост опфатено во материјална и формална смисла.

Имено, оспорениот член од Законот не го овозможувал правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд со што се повредувал Амандманот XXI од Уставот.

Исто така, со оспорениот член од Законот се повредувал и членот 51 од Уставот, од причина што сите закони морале да бидат во согласност со Уставот.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот став 4 на членот 69 од Законот треба да се укине како противуставен кој ги ограничувал правата на граѓаните во остварувањето на правото на поднесување на правен лек и како спротивен на начелото на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 69 од Законот за управните спорови се предвидува:

“(1) Против пресуда на Управниот суд странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата.
(2) Навремено изјавена жалба спречува пресудата да стане правосилна во делот што се побива со жалбата.
(3) Жалбата го одлага извршувањето на обжалената пресуда.
(4) Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок (оспорен став).
(5) Во жалбата не можат да се изнесуваат нови факти ниту да се предлагаат нови докази, освен ако се однесуваат на суштествени повреди на одредбите на постапката поради кои може да се изјави жалба.
(6) За жалбата против пресудата одлучува Вишиот управен суд како второстепен суд.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност

Со Амандманот XXI е заменет членот 15 од Уставот. Според ставот 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Тргнувајќи од членот 15 на кој се повикува подносителот на иницијативата, а кој со Амандманот XXI е заменет, произлегува дека гаранцијата на правото на жалба се однесува само на одлука во прв степен пред суд, а правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, на определен начин е релативизирана, односно не е веќе уставна гаранција како што беше порано, туку тоа е препуштено да се уреди со закон.

Законот за управни спорови во членот 1 предвидува дека со овој закон се уредуваат надлежноста, составот на судот и постапката во која се решава во управните спорови и извршувањето на донесените судски пресуди.

Со членот 2 од овој закон се уредува дека во управен спор се обезбедува судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица против поединечни управни акти и дејствија на јавните органи во согласност со овој закон.

Во точката 14 со наслов: “Правни лекови” и подточка 14.1 со наслов: “Жалба како редовен правен лек”, односно “Жалба против пресуда” е содржан оспорениот член 69, според кој:

(1) Против пресуда на Управниот суд странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата.
(2) Навремено изјавена жалба спречува пресудата да стане правосилна во делот што се побива со жалбата.
(3) Жалбата го одлага извршувањето на обжалената пресуда.
(4) Жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок.
(5) Во жалбата не можат да се изнесуваат нови факти ниту да се предлагаат нови докази, освен ако се однесуваат на суштествени повреди на одредбите на постапката поради кои може да се изјави жалба.
(6) За жалбата против пресудата одлучува Вишиот управен суд како второстепен суд (во натамошниот текст: второстепениот суд).

Тргнувајќи од наведените уставни и законски одредби, произлегува дека Уставот прокламира двостепеност во одлучувањето на судовите, како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на законитоста во остварувањето на слободите и правата на граѓаните.

Уставот го гарантира ова право без оглед на видот на судот, територијата на која тој ја остварува надлежноста или пак видот на споровите што се водат пред него, што значи дека ова право се гарантира секогаш кога е донесена одлука на суд во првостепена постапка.

Под изразот „одлука“, во генеричка смисла се подразбира поединечен правен акт што го донесува суд при постапувањето и решавањето на конкретна правна работа. Во формална смисла на зборот судскиот акт е правен акт кој го донесува судски орган (суд по определена судска постапка). Судскиот акт по правило се изразува во писмена форма и најчесто се нарекува пресуда, а може да се јави и во вид на одлука или решение.

Во согласност со наведената уставна гаранција, Законот за управни спорови пропишува право на жалба против пресудите на Управниот суд донесени во прв степен, на кој начин се операционализира уставната определба за двостепеност на судските постапки.

Меѓутоа, видно од оспорениот член 69 став 4 на Законот законодавецот го исклучил правото на жалба против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок, што значи дека во конкретниот случај оспорениот став 4 на член 69 од Законот упатува на одлука во која недостасува основот за мериторно постапување на Судот.

Ова од причина што станува збор за состојба кога и de facto и de jure не постои, односно не е донесен поединечен акт или кога е поништен утужениот поединечен акт и предметот е вратен на управниот орган на повторно постапување. Во тој случај, според Судот, не постои основ за поднесување на правен лек, односно нема акт за кој евентуално би можело да биде предвидено правото на жалба, туку тоа е во функција на законито вршење и отстранување на процедуралните, формалните недостатоци за да може Судот по отстранување на истите мериторно да одлучува. Овозможувањето на правото на жалба на овој вид на одлука би значело само пролонгирање на постапката со што би се нарушило начелото на економичност.

Според Судот, со оспорениот член од Законот за управни спорови не се повредува начелото на владеењето на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд. Имено, подносителот на иницијативата оспорениот став 4 од членот 69 од Законот го гледа изолирано сам по себе што е сосема погрешно, наместо истиот да го гледа во контекст на целината на членот 69 од Законот, односно во контекст на целината на точката 14 од Законот каде децидно се уредува правото и условите за изјавување на жалба како редовен правен лек, односно во кои правни ситуации се изјавува жалба против пресуда.

Од наведените причини Судот оцени дека оспорениот член 69 став 4 од Законот за управни спорови не може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3, Амандманот XXI и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија, на кои се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.4/2021
5 мај 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати