Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015).
2. Гордана Аџи-Спиркоска од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата со оспорената одредба од членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010) се повредувала еднаквоста од член 9 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Имено, со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација се менувал членот 64 од Законот за денационализација, од каде произлегувало дека и се давало право на Република Северна Македонија, да располага со имот предмет на денационализација, по истекот на 5 години од влегувањето во сила на Законот за денационализација или од 7 мај 2003 година, но од ова право биле изземени недвижности, за кои во рок од 5 години од влегувањето во сила на Закон, со акт на надлежен орган во јавната книга на катастарот било прибележано барањето за денационализација или имало прибелешка дека недвижноста е предмет на денационализација.
Притоа, Република Северна Македонија имала својство на правно лице и можела да располага со правото на сопственост на недвижност, доколку со тоа право се стекнала на начин и во постапка уредени со Закон, член 7 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001), каде стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и другите стварни права се уредувале со закон. Оттука произлегувало дека членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација бил во спротивност со членот 7 од Законот за сопственост и други стварни права кој бил специјален закон – Lex specialis и како таков имал приоритет во примената на правото на сопственост.
Надлежниот орган за денационализација не постапил по службената должност и сите барања за денационализација – враќање на правото на сопственост на недвижност, не ги прибележил во јавната книга на катастарот а со тоа ги дискриминирал одделни баратели по која било основа и ги ставил за нееднакви пред Уставот и Законот. Исто така, органот за денационализација не постапил по службена должност и со тоа што не им го вратил правото на сопственост на барателите и тоа во рок од шест месеци, сметано од поднесувањето на барањето.
Врз основа на наведените причини, се бара Уставниот суд да го поништи членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2010).
3. Судот на седницата утврди дека според член 64 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015), е утврдено дека во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот.
По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено.
Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во членот 1 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 8/2011, 55/2013, 33/2015 и 104/2015) е утврдено дека со овој закон се уредува начинот, условите и постапката за враќање во сопственост на имот, односно давање надомест на физички лица државјани на Република Македонија за имот одземен во корист на државата (во натамошниот текст: денационализација).
Согласно членот 64 од Законот, во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот (став 1).
По истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено (став 2).
Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни (став 3).
Членот 64 од Законот, два пати претрпел измени на својата содржина и тоа со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 44/2007) и со оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2010).
Уставниот суд веќе одлучувал по повод претходно поднесени иницијативи и се произнел за содржината на членот 64 којашто ја добил со членот 4 од измените и дополнувањата на Законот за денационализација од 2010 година, која се оспорува со иницијативата.
Имено, со Одлука У.бр.115/2010, У.бр.120/2010 и У.бр.123/2010, од 12 јануари 2011 година, Судот го укинал член 64 став 3 во делот: „само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007 и 72/2010).
Во образложението по наведените предмети, Судот го изнел следното правно мислење:
“Од анализата на оспорениот член 64 од Законот, произлегува дека со последната измена на член 64 од Законот, конкретно ставот 3 на овој член, практично значи воведување ретроактивно дејство на Законот, кое не е поповолно за граѓаните. Имено, се до последната измена на член 64 од Законот во 2010 година, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година не било дозволено, а правните дела и едностраните изјави на волја што биле во спротивност со таквата забрана, биле ништовни ако барањето за денационализација е поднесено заклучно до 7 мај 2003 година. Тоа значи дека постоела апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денационализација, без никакви дополнителни услови, на кој начин всушност се заштитувал имотот предмет на денационализацијата и правата на поранешните сопственици или на нивните наследници врз тој имот, со што се овозможувало остварување на целта на законот – враќање на имотот на поранешните сопственици, односно нивните наследници.
Според последната измена на членот 64 од Законот, располагањето со имот предмет на денационализацијата или искористување на таков имот во периодот до 7 мај 2003 година и понатаму не е дозволено, но тоа сега се амортизира на начин што во ставот 3 на овој член се определува дека склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја заклучно до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни, само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација.
Тоа несомнено значи дека 12 години по донесувањето и влегувањето во сила на Законот за денационализација и неговата примена, законодавецот прави измени во Законот од суштинска природа, со кои се менуваат правилата на постапување во постапката за денационализација, и тоа наназад, за периодот кој се однесува на состојби од првите 5 години од отпочнувањето на процесот на денационализација, во ситуација кога се уште постојат голем број на барања за денационализација, поднесени во тој период, кои не по вина на барателите, се уште не се решени, затоа што постапката за нивното решавање е во тек или пак се уште не започнала. Според последните законски измени, овие лица–баратели на правото за денационализација, не по своја вина, ќе бидат ставени во понеповолна положба во однос на барателите чии барања се решени до последната законска измена, кои барања исто така се однесуваат за истиот период од процесот за денационализација, на начин што можноста за враќање во сопственост на имотот – предмет на денационализацијата, односно заштитата од негово отуѓување во наведениот период, сега е условено со прибелешка во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација, што несомнено остава простор за располагање и користење на таквиот имот без закана за ништовност на таквите дејства, а што води кон тоа на барателите на денационализација наместо да им се враќа во сопственост национализираниот имот, да им се определува надомест. Според Судот, фактот што наведената прибелешка во јавните книги е обврска на органот и не зависи од волјата на самата странка, а органот, пред последните законски измени, немал законска обврска тоа да го прави, очигледно ги доведува во нерамноправна положба во постапката за денационализација граѓаните кои поднеле барање за денационализација во законски пропишаниот рок, чии барања се решени без постоење на наведениот услов, во однос на граѓаните кои исто така поднеле барање за денационализација во истиот законски рок, а чии барања треба дополнително да се решат согласно наведениот услов.
Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значи забрана за примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Дозволен исклучок од ова правило е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните, што е невозможно да се утврди дека постои во конкретниов случај. Во конкретниот случај, според Судот, повратното дејство на Законот, пропишано со измените на членот 64 став 3 од Законот, воведува нееднаквост на граѓаните во постапката за денационализација, а со тоа и повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на начелото на владеењето на правото”.
Уставниот суд со Решение У.бр.82/2011 од 18 мај 2011 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 64 став 1, став 2 и став 3 во делот: „Склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот од ставот 1 на овој член, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни“ од Законот, бидејќи оценил дека истите не се во спротивност со одредбите на Уставот, додека пак ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 став 3 во делот: “само доколку поднесеното барање за денационализација до истекот на периодот од ставот 1 на овој член било прибележано во јавната книга за запишување на правата на недвижностите врз основа на акт на органот кој ја води постапката за денационализација“ од Законот, поради одлучена работа.
Подносителот на иницијативата во предметот У.бр.82/2011, повикувајќи се на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија” број 72/2010), со кој се менувал членот 64 од Законот, навел дека со оспорената одредба граѓаните се ставале во нееднаква положба, се предвидувало ретроактивно-повратно дејство со кое се намалувале правата на граѓаните и тоа не по вина на граѓаните, туку по вина на државата, од што произлегувало дека оспорениот член 4 од Законот не бил во согласност со член 9 став 2, членот 30 став 3, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот.
Имено, во наведеното решение по направената уставно-судска анализа, Судот утврдил дека барањата за денационализација може да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година. За барања поднесени до 7 мај 2003 година (пет години по влегување во сила на Законот), може да се врати имот или да се даде надомест. За барања поднесени по 7 мај 2003 година (заклучно со 31 декември 2007 година), може да се бара надоместок, а имот ќе се врати само доколку не настапиле правни и фактички пречки до денот на мериторното одлучување од органот за денационализација, односно судот. До 7 мај 2003 година не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кое се создаваат обврски за барателот.
Притоа, склучените правни дела и дадените еднострани изјави на волја во периодот до 7 мај 2003 година, а со кои се располагало со имот предмет на денационализација или се искористил таков имот со кој се создале обврски за барателот се ништовни. За периодот после 7 мај 2003 година, и покрај фактот што барања за денационализација можат да се поднесат заклучно со 31 декември 2007 година, располагање со имот кој е предмет на денационализацијата, е дозволено, така што Судот зазел став дека за уставно-судска анализа на оспорените одредби од Законот, битно е дека денационализацијата претставува мерка на државата, изразена преку законски акт со која се враќа во сопственост некој претходно одземен имот, односно се враќа правото на сопственост, при што доколку враќањето е невозможно (поради тоа што на тој имот во меѓувреме бил утврден јавен интерес или тој воопшто не може да се врати поради тоа што престанал да постои), државата обезбедува надомест.
Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во сега поднесената иницијатива не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр.82/2011, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во однос на став 1, став 2 и дел од став 3 на членот 64 од Законот поради res judicata, додека пак за укинатиот дел од ставот 3 на членот 64 од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, бидејќи не е повеќе во правниот поредок.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.1/2021
28 април 2021 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати