Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 71 и членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Годишниот план за вработување за 2021 година бр.04-825/1 од 19.08.2020 година, донесен од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Штип.
2. Сузана Цветкова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од Решението.
Според наводите во иницијативата годишниот план за вработување за 2021 година, не бил во согласност со член 24 став 2 од Уставот, член 3 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози, како и член 50 точка 7 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека во планот за вработување за 2021 година, на страна 3 дел 2 табела 2 каде што се регулирале планираните движења на кадарот во следната година, позицијата СО30102Б04002, раководител на оддел за административни и помошно-технички работи била избришана во однос на планот за вработување на кадар за календарска 2020 година, кој бил донесен на 14.08.2019 година под број 04-925/1, поради што, сметал дека веќе еднаш стекнато право од работен однос за пополнување на работно место со унапредување, незаконито било ускратено.
Исто така, Сузана Цветкова која се јавува како подносител на иницијативата била единствена од сите вработени во институцијата која го имала положено испитот за административно управување, а кој испит согласно член 8 точка 1 алинеја 3 од Правилникот за систематизација на работните места во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Штип се утврдувал како посебен услов за потврдување на категоријата Б04.
До Министерството за внатрешни работи СВР-Штип, Одделение за економски криминал, до Републичкото јавно обвинителство како и до Управата за финансиска полиција, подносителот на иницијативата Сузана Цветкова, доставила барање за покренување повеќе постапки за сторени кривични дела.
Согласно наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт и истиот да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Годишен план за вработување, донесен од страна е со следната содржина:
Во делот 1 од Годишниот план за вработување за 2021 година бр.04-825/1 од 19.08.2020 година на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Штип, содржана е состојбата за тековната година, односно планираната бројна состојба на крајот на тековната состојба.
Во делот 2 од Годиниот план, содржани се планираните движења на кадарот во следната година, односно планираното пополнување на работните места преку унапредување и/или распоредување во следната година, планираното испразнување на работните места преку објавување на трансфер листа во следната година, како и планирано испразнување на работните места преку пензионирање и најавени заминувања во следната година.
Во делот 3 од истиот акт, содржани се планираните нови вработувања во следната година, односно планирано пополнување на работни места преку нови вработувања во следната година.
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на годишниот план за вработување за 2021 година бр.04-825/1 од 19.08.2020 година, донесен од страна на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа-Штип, со образложение дека во планот за вработување за 2021 година била избришана во однос на планот за вработување на кадар за календарска 2020 година, кој бил донесен на 14.08.2019 година под број 04-925/1, поради што, веќе еднаш стекнато право од работен однос за пополнување на работно место со унапредување, незаконито било ускратено.
Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.
Во конкретниот случај, од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека тој не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Имено, оспорениот годишен план за вработување за 2021 година, претставува интерен акт од темпорален карактер и со истиот се уредуваат кадровски прашања за конкретна јавна институција.
Освен тоа, во предметната иницијатива Судот оцени дека не се содржани аргументи и јасни укажувања за неуставноста на оспорениот акт од аспект на член 24 став 2 од Уставот, како и аргументирани наводи и причини во која правна насока оспорениот акт е во спротивност со член 3 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози, како и член 50 точка 7 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола. Имајќи го во предвид и фактот што подносителот на иницијативата не го оспорува годишниот план за вработување за 2021 година поради неговата содржина, туку поради содржината којашто истиот смета дека треба да биде инкорпорирана во оспорениот акт, не може да биде предмет на уставно-судска оцена.
5. Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт кој нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, согласно утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како и отсуство на правни аргументи и образложени причини коишто можат да го покренат механизмот на уставно-судска оцена на оспорениот акт, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно
член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Судот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.32/2021
28 април 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати