У.бр.74/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 април  2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 46 ставови 4 и 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) и членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018).

2. Томе Тодоровски од Свети Николе до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се прецизира дека се оспоруваат член 46 ставови 4 и 5 и член 10 ставови 3, 5, 6, 7 и 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018) со кој се изменува и дополнува основниот текст на членот 46 од Законот. Исто така, во иницијативата се наведува дека Уставниот суд веќе постапувал по иницијатива во која биле оспорени истите одредби од членот 46 од Законот за извршување.

Во продолжение на иницијативата е наведено дека со оспорените одредби се повредувале темелните вредности на уставниот поредок пред се слободата на пазарот и претприемништвото и не се обезбедувала еднаква положба на сите субјекти на пазарот од причина што за тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите ја донесува самостојно министерот за правда по претходно прибавено мислење на Комисијата за извршители односно дека било повредено правото на еднаквост пред Уставот. Ова од причина што Комората на извршители како страна на постапката и како вршители на дејност согласно Законот за извршители им било одземено правото активно да учествуваат и одлучуваат, за тарифата за надомест од која зависела целокупната работа и целокупното извршување.

Според наводите во иницијативата со измените и дополнувањето на Законот за извршување се предвидувало да се ослободат од трошоците физичките лица кои примале социјална парична помош, но се наметнувало прашањето дали некој ќе ги надомести трошоците кои ќе се појавеле за извршување на извршителот кој ќе требало да ги извршува постапките без никаков надомест и кои трошоци паѓале на извршителот. Се предлага да се донесе решение истите да бидат поништени и да се донесе времена мерка и да се стопира примената на оспорените одредби.

3. Судот на седница утврди дека со оспорениот член 46 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) со наслов „Награда и надоместок на трошоци за работа на извршителотсе уредува согласно ставот 1, дека „Извршителот за извршените дејствија има право на: – надоместок за администрирање, – надоместок за спроведените дејствија и – награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето. (2) Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување. (3) Доколку доверителот не ги плати трошоците за преземање на поединечни дејствија во рок од 30 дена од денот кога извршителот ќе го задолжи доверителот за плаќање на истите, извршителот со заклучок ќе го запре извршувањето. (4) Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми: 1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа; 2) цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и 3) награда на извршителот за извршените дејствија – реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа: – кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување, – кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Ако вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа, наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на пресметувањето. (5) Вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот“.

Судот, исто така, утврди дека согласно членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018), во членот 46 став 1 алинејата 1 се брише. Алинејата 2 која станува алинеја 1 се менува и гласи: „- надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и“. Ставот 3 се брише. Во ставот 4, кој станува став 3, точката 1 се брише. Точката 2, која станува точка 1, се менува и гласи: „1 надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето“. Во точка 3 која станува точка 2 во алинејата 2 втората реченица се брише. По ставот 5 кој станува став 4 се додаваат четири нови ставови 5, 6, 7 и 8, кои гласат: „(5) Извршителот ќе го ослободи од плаќање на надоместоците определени во став 1 на овој член, и награда за реализација должникот физичко лице кое според податоците од надлежната институција е евидентирано како примател на социјална парична помош. (6) Вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејствија определени врз основа на ставот 1 на овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог (за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по членот 141 (налог за извршување врз плата) или по членот 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20% од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки. (7) Извршителот за случаите од ставот 6 на овој член, е должен да се обиде да го спроведе извршувањето согласно со членовите 141 или 149 од овој закон пред да продолжи со преземање со другите извршни дејствија. (8) Комората на извршители е должна мислењето по Предлог на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци на извршителите од ставот 3 на овој член, да го достави најдоцна во рок од 15 дена, сметано од денот на приемот на предлогот во Комората на извршители.

Според пречистениот текст на членот 46 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018),  извршителот за извршените дејствија има право на    „ – надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија “ и – награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето. (2) Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување. (3) Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми: „1) надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето “2) цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и 3) награда на извршителот за извршените дејствија – реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа: – кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување, – кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. (4) Вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот. „(5) Извршителот ќе го ослободи од плаќање на надоместоците определени во став 1 на овој член, и награда за реализација должникот физичко лице кое според податоците од надлежната институција е евидентирано како примател на социјална парична помош. (6) Вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејствија определени врз основа на ставот 1 на овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог (за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по членот 141 (налог за извршување врз плата) или по членот 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20% од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки. (7) Извршителот за случаите од ставот 6 на овој член, е должен да се обиде да го спроведе извршувањето согласно со членовите 141 или 149 од овој закон пред да продолжи со преземање со другите извршни дејствија. (8) Комората на извршители е должна мислењето по Предлог-Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци на извршителите од ставот 3 на овој член, да го достави најдоцна во рок од 15 дена, сметано од денот на приемот на предлогот во Комората на извршители. 

4.Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување“.

Имајќи предвид дека за член 46 ставови 4 и 5 од Законот за извршување, Уставниот суд со Решение У.бр.143/2016 од 27.09.2017 година и Решенијата У бр. 63/2019 и  У.бр. 73/2019 од 19.02.2019 донел решение да не поведе постапка за оценување на уставноста на истата одредба, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување со оглед  дека образложенијата на наведените решенија даваат одговори на сите наводи и од оваа иницијатива, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

Во образложенијата на овие решенија е определено дека „одредбата е во согласност со владеењето на правото и правната сигурност како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот……односно, извршителот како лице со пренесени јавни овластувања подлежи на регулација од страна на државата која за случаите од член 46 став 5 и став 6 од Законот, предвидела ослободување од плаќање, односно ограничена наплата на надоместок, без да предвиди за такви случаи  изгубената заработка да се дополни со пари на државата, а како државата ја креира сферата на извршувањето, вклучително и ослободувањата или ограничувањата. Вршењето на дејноста извршител не спаѓа во слободните економски дејности од каде подлежи на целосна волја на законодавецот кој ги пренел своите овластувања. Намалените или пак идни неизвесни, однапред неопределени приходи на извршителите не можат да имаат третман на сопственост и како такви не подлежат на заштита од членот 30 од Уставот.“

Од наведените причини, а имајќи го во вид фактот дека Уставниот суд веќе зазел став по однос на покренатото правно прашање, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата, поради пресудена работа, а во услови кога не постојат основи за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

 

У.бр.74/2019
15 април 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати