Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 28 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1, член 7 ставови 4 и 6 и зборовите “и електронска” од член 14 став 1 алинеја 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Северна Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/1999, 43/2002 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 21/2021).
2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 2 став 1 од Законот се доведувало во прашање правото на пристап на граѓаните до прописите кои се објавувале во “Службениот весник” од причина што според законското решение објавувањето било од јавен интерес. Оттука, според подносителот на иницијативата, се поставувало прашањето дали граѓаните имаат јавен интерес за пристап до истиот.
Со тоа што законодавецот донел законски акт со кој пропишал дека објавувањето и издавањето на “Службениот весник” е од јавен интерес, но не и пристапот на граѓаните до истиот да е од јавен интерес, според наводите во иницијативата, оспорениот член 2 став 1 од Законот се доведувал под сомнение по однос на член 1 став 1 од Уставот. Во таа смисла, со ваквата одредба, која била нејасна и непрецизна, законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните со што го повредил член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Подносителот на иницијативата смета дека со оспорениот член 7 ставови 4 и 6 од Законот се дозволувало да се појави несогласност помеѓу печатеното и електронското издание и кога во тој случај се дава приоритет на електронското издание која би била целта печатеното и електронското издание да имаат иста правна важност. Токму ова го правело овој член од Законот да биде нејасен и непрецизен што било спротивно на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Во таа смисла, според член 7 став 5 од Законот, законодавецот предвидел дека печатеното и електронското издание имаат текст и содржина и имаат еднаква правна важност. Но, со членот 7 ставови 4 и 6 од Законот дозволен е исклучок доколку електронското издание нема ист датум со печатеното издание да му се даде предимство на електронското издание, односно законодавецот дозволил постоење на неусогласеност. Тоа значело дека доколку некој граѓанин го земал печатеното издание за да се запознае со неговите права, но немал пристап до електронското издание и не можел да изврши проверка во исправноста и дали се совпаѓа содржината во двете изданија, се создавала правна несигурност кај граѓаните.
По однос на оспорениот член 14 став 1 алинеја 1 во делот “и електронска” од Законот, подносителот на иницијативата смета дека е противуставен од причина што со ова законско решение граѓаните на Република Северна Македонија се ставени во нееднаква положба. Имено, согласно оспорениот член од Законот на граѓаните не им се дозволувал пристап под еднакви услови, од причина што пристап до прописите можеле да имаат само оние кои можеле да си ја дозволат претплатата. Според наводите во иницијативата, на тој начин се ставале во подредена состојба определени граѓани со што се повредувал принципот на еднаквост кој со Устав е гарантиран.
Од причина што со наведените законски одредби, кои според иницијативата се нејасни и непрецизни, законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните која е составен дел на принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се предлага Уставниот суд да ги поништи оспорените членови од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Северна Македонија”. Истовремено, се предлага и изрекување на времена мерка, односно донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на наведените оспорени членови од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека оспорените членови се со следната содржина:
Член 2 став 1
“Објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија” е од јавен интерес.”
Член 7
“Службен весник на Република Македонија” излегува по потреба.
Денот на издавање на поединечниот број на „Службен весник на Република Северна Македонија“ е датумот кој е означен на електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“ мораат да имаат ист датум.
По исклучок од ставот 3 на овој член, доколку електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“ немаат ист датум, како ден на издавање се смета датумот на електронското издание.
Електронското и печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“ имаат ист текст и содржина и еднаква правна важност.
По исклучок од ставот 5 на овој член, доколку се појави неусогласеност помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание, за точен односно правно важен ќе се смета текстот објавен во електронското издание.”
Член 14
„Средствата за работа на Јавното претпријатие се обезбедуваат од приходи од своето работење и тоа од:
– претплата, односно продажба на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ во печатена и електронска форма и на другите изданија кои ги издава Јавното претпријатие, во печатена и електронска форма,
– објавените акти, огласи, јавни повици, јавни конкурси, неважечки документи и други објави утврдени во членот 10 ставови 2 и 3 од овој закон,
– надоместоци за извршени услуги, приходи од базата на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма и
-приходи од друга издавачка дејност во печатена или електронска форма, едукативни семинари и од други извори.“
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност.
Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и тоа што секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Северна Македонија” во членот 1 утврдува дека со овој закон се уредува објавувањето на законите, другите прописи и акти во “Службен весник на Република Северна Македонија”, како и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Северна Македонија”.
Оспорениот член 2 став 1 од Законот предвидува дека објавувањето на законите и другите прописи, акти и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Северна Македонија” е од јавен интерес. Оттука, јасно произлегува дека објавувањето на прописите е од интерес за граѓаните бидејќи со обзнанувањето на сите закони, акти и други прописи на граѓаните на Република Северна Македонија им се дава можност да се стекнат со информација, односно да се запознаат со содржината на правната регулатива и на тој начин да ги осознаат своите права истовремено и обврски и должности кои од нив произлегуваат. Имено, токму со нивното објавување се обезбедува и гарантира принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Улогата, функцијата и значењето на објавувањето на законите и на другите прописи и акти во службените гласила е од посебно значење, исто така, и од аспект на почитување на правото на граѓаните да имаат пристап до содржината на прописите кои се однесуваат на одделни права и обврски што тие ги имаат.
Тргнувајќи од карактерот на објавувањето на законите и другите прописи и акти кој според членот 2 став 1 е од јавен интерес, член 11 став 1 од истиот Закон уредува дека работите од јавен интерес од членот 2 на овој закон ги врши јавното претпријатие “Службен весник на Република Северна Македонија”- Скопје.
Во членот 7 од Законот е утврдено дека “Службен весник на Република Северна Македонија” излегува по потреба и во ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 од овој член од Законот се уредува денот на издавањето на поединечниот број при што е утврдено дека тоа е датумот кој е означен на електронското и печатеното издание на “Службен весник на Република Северна Македонија” и притоа е утврдено дека електронското и печатеното издание на “Службен весник на Република Северна Македонија” мораат да имаат ист датум.
Оспорените ставови 4 и 6 од член 7 од Законот уредуваат настаната состојба по исклучок кога има одрeдени неусогласености по однос на датумот на издавањето, односно помеѓу текстот и содржината на електронското и печатеното издание. Според Судот, ваквата законска содржина не е во спротивност со уставните принципи од причина што не станува збор за правило, туку за исклучок, кој токму води кон тоа законските одредби да се јасни и прецизни, и да не создаваат правна несигурност во Републиката. Имено, со оспорените ставови јасно, точно и прецизно се доуредува состојбата кога ќе настапат одредени пропусти во издавањето на службеното гласило.
Што се однесува до оспорениот член 14 став 1 алинеја 1 во делот: “и електронска”, Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата дека со истата се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот.
Ова, од причина што според член 14 став 1 од Законот произлегува дека покрај другите извори на финансирање средствата за работа на јавното претпријатие се обезбедуваат од приходи од своето работење и тоа од претплата, односно продажба на службеното гласило „Службен весник на Република Северна Македонија“ во печатена и електронска форма и на другите изданија кои ги издава јавното претпријатие, во печатена и електронска форма, објавените акти, огласи, јавни повици, јавни конкурси, неважечки документи и други објави утврдени во членот 10 ставови 2 и 3 од овој закон, надоместоци за извршени услуги, приходи од базата на прописи во Република Северна Македонија во електронска форма и приходи од друга издавачка дејност во печатена или електронска форма, едукативни семинари и од други извори.
Оттука, јасно произлегува дека законската обврска која произлегува од оспорениот член се однесува за сите правни и физички лица со цел јавното претпријатие “Службен весник на Република Северна Македонија” да може да ја врши својата дејност за која е оформено, односно да може да го врши објавувањето на законите и другите прописи, акти и истовремено да врши издавање на службеното гласило, кое создава големи финансиски реперкусии.
Поради наведените причини Судот оцени дека и оспорениот член 14 став 1 алинеја 1 од Законот не може да се доведе под сомнение по однос на одрeдбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.27/2021
28 април 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати