Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 и 21 април 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 17 став 2 од Правилникот за почетна обука („Службен весник на Република Северна Македонија” број 19/2017, 88/2017, 11/2018, 34/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 193/2020).
2. Мартин Бошкоски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот, означен во точката 1 од ова решение.
Со иницијативата се бара оцена на уставноста и законитоста на член 17 став 2 од Правилникот за почетна обука, бидејќи според член 96 став 3 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители услов за преминување на кандидатот во втората фаза било тој да добие најмалку 21 бод, а според оспореното уредување од член 17 став 2 од Правилникот, услов било кандидатот да освои најмалку 24 бода, со што очигледна била несогласноста на оспорениот член од Правилникот со членот од Законот, а со тоа и спротивен на член 51 став 1 од Уставот според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Поради наведеното со иницијативата се бара укинување на оспорениот член 17 став 2 од Правилникот, а до конечната одлука и времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот член од Правилникот, бидејќи со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.
3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 17 став 2 од Правилникот за да се смета дека слушателот успешно ја завршил теоретската настава треба да освои најмалку 24 бода.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, доносителот на актот во кој е содржан оспорениот член, на седница одржана на 25.11.2020 година, донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за почетна обука, објавен на 15.12.2020 година во „Службен весник на Република Северна Македонија” број 296/202.
Судот утврди и дека со членот 2 од овие измени и дополнувања, се врши измена на сега оспорениот член 17 став 2 од Правилникот, чија содржина по измените гласи: „Се смета дека слушателот кој на тестовите од сите три модули, вклучително и бодовите за есеи, домашни работи и контролни тестови добил збирно помалку од 21 бод, не ја завршил успешно теоретската настава.”
5. Имајќи предвид дека со наведената измена содржината на оспорениот член од Правилникот, не е повеќе во правниот поредок, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.295/2020
15 и 21 април 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати