У.бр.148/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 15 и 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 31 став 3 од Законот за просветната инспекција („Службен весник на Република Македонија” број 52/2005, 81/2008, 148/2009, 57/2010, 51/2011, 24/2013, 137/2013, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 145/2015, 30/2016 и 64/2018).

2. Башким Идризи од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со уредувањето во оспорениот член 31 став 3 од Законот за просветната инспекција, според кое решението за извршен инспекциски надзор се доставувало само на субјектите наведени во законската одредба, а, не и на вработените од институцијата каде што се вршел надзорот, се повредувало уставно загарантираното право на правна заштита во случај кога се повредувале правата на граѓаните, како и уставно загарантираното право на еднаквост во слободите и правата, поради што со иницијативата се бара поништување на член 3 став 3 од Законот како несогласен со членовите 9, 50 и 54 од Уставот на Република Северна Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 31 став 3 од Законот за просветната инспекција, записникот и решението државниот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен инспекцискиот надзор, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, во рок од осум дена од денот на извршениот инспекциски надзор.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Членот 31 од Законот за просветната инспекција уредува дека:

(1) За извршениот надзор, утврдените состојби, преземените дејства и преземените мерки, просветниот инспектор составува записник.

(2) Доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во одреден рок кој го определува инспекторот, а кој рок не може да биде подолг од осум дена од денот на донесувањето на решението.

(3) Записникот и решението државниот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен инспекцискиот надзор, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, во рок од осум дена од денот на извршениот инспекциски надзор (оспорен став).

(4) Записникот и решението овластениот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот дом каде што е извршен инспекцискиот надзор, до советот на општината, односно Советот на Градот Скопје, во рок од осум дена од денот на извршениот инспекциски надзор.

(5) Установата од ставовите 1 и 2 на овој член во којашто е извршен надзорот е должна за преземените мерки за отстранување на недостатоците во работата наредени со решението да го извести надлежниот инспектор во дадениот рок од денот на приемот на решението.

Според членот 32 од Законот, против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

Со членот 31 од Законот за просветната инспекција се уредува постапката по извршен надзор од страна на овластен просветен инспектор, која опфаќа неколку процесни дејствија, меѓу кои и доставување на решението со кое се наредува извршување на определени мерки на субјектите (установите) опфатени во ставовите 3 и 4 на членот 31 од Законот, каде што се вршел надзорот. Согласно ставот 5 на членот од Законот, установата е обврзана, во даден рок да го извести надлежниот инспектор за мерките кои ги презела за отстранување на недостатоците во работата наредени со решението.

Со членот 31 од Законот се воспоставени правни односи на релација просветен инспектор и установа, заради што на установата и е дадено правото на правна заштита како незадоволна странка (членот 32) бидејќи надзорот е вршен за работењето на установата и мерките се изречени врз установата, односно за нејзиното работење. Доколку, установата, а во врска со извршениот надзор, донесе посебен акт за спроведување на предложените мерки, со цел отстранување на утврдените неправилности во нејзиното работење, а со тој посебен акт, може да бидат засегнати одредени права и обврски на вработените, само во тој случај на засегнатиот вработен му се утврдува правото на правна заштита, како незадоволна странка согласно со закон.

Со иницијативата се оспорува ставот 3 на членот 31 од Законот од причини што во истиот немало уредување според кое решението за извршен инспекциски надзор во установите ќе се доставувало и на вработените во установите каде што се вршел надзорот. Според подносителот, отсуството на такво уредување не давало можност вработените правно да се заштитат во случај кога со решението за утврдените неправилности биле засегнати нивните права и обврски. Поточно, со иницијативата се оспорува ставот 3 на членот 31 од Законот, не, поради содржината којашто ја има законската одредба, туку поради содржина којашто ја нема, но по мислење на подносителот, требало да биде уредена. Имено, за подносителот не е спорна содржината според која решението од извршен надзор се доставува до наведените установи, но, спорно е отсуството на уредување во смисла решението да се доставувало и на вработените во установата.

Уставниот суд ја оценува согласноста на законските норми со одредбите на Уставот од аспект на содржината којашто тие ја имаат, а не од аспект на содржина којашто тие ја немаат, а во конкретниот случај законската одредба се оспорува поради отсуство на содржина која според подносителот на иницијативата требало да биде уредена.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, во конкретниот случај, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.148/2019
15 и 21 април 2021 г
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република  Северна Македонија
Сали Мурати