Издвоено мислење по предметот У.бр.284/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), по моето гласање против Решението У.бр.284/2020 од 21 април 2021 година, го образложувам следното

И З Д В О Е Н О  М И С Л Е Њ Е

        I.

Не само што не се согласувам со одлуката на мнозинството во овој предмет, туку морам да изразам и жалење во однос на негативниот ефект што ќе го имаат ставовите изложени во ова решение во однос на оспорената одредба којашто ќе продолжи да биде дел од правниот поредок, иако е на штета на работникот и ги повредува неговите уставни и права.

           II.

Ќе започнам прво со предметот на уредување на оспорената втора реченица од став 4 од член 73 од Колективниот договор на Министерството за одбрана (во натамошниот текст: Колективен договор), која во Решението погрешно е означена како дел од цитираниот став од овој колективен договор. Имено, ставот 4 содржи две реченици, при што оспорена е втората реченица која е норма и заокружена номотехничка целина што уредува еден аспект, поради што не може да биде означена како оспорен дел од овој став.

Со неа, се предвидува можност за замена на зголемувањето на платата со слободни денови врз основа на: прекувремена работа; ноќна работа; работа во смени, односно турнус; и работа за време на неделен одмор и за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон.

За мнозинството, како што се наведува во образложението, оваа одредба „само давала право кое можело да се оствари исклучиво со согласност на двете страни (!?), не на штета на интересите на страните и работниот процес, соодветно и на карактерот кој го имало колективното договарање дека можеле да се уредуваат и други права со кои не се намалувале правата утврдени во закон, како што било во случајот“, па од овие причини „не можело основано да се постави прашањето за несогласност со одредбите од Уставот и Законот за работните односи на кои се повикувал подносителот во иницијативата“.

Во однос на последното, морам да укажам дека подносителот, меѓу другото, во својата иницијатива бара преиспитување на уставноста на оспорената одредба и во однос на член 32 став 3 од Уставот, според кој, секој вработен има право на соодветна заработувачка, што е нотирано и во Решението.

Ова обраќање до Судот, бара уставно-правна анализа и во овој дел каде треба да се одговори на основното прашање, ако се има предвид предметот на уредување на оспорената одредба: дали е во согласност со член 32 став 3 од Уставот со пониска правна норма да се предвиди платата на работникот да може да се замени со слободни денови?

Одговорот на ова прашање очигледно недостасува во Решението.

Неспорно, во точката 4 од Решението каде е изложено правното резонирање на мнозинството, цитиран е член 32 ставот 3  од од Уставот. Но, останато е само на тоа, без да се изложи смислата на оваа одредба и да се направи анализа дали постои несогласност на оспорената реченица од став 4 од член 73 од Колективниот договор со оваа уставна норма.

За илустрација, ќе изложам она што е наведено во однос на уставните одредби во истата точка од Решението, а кое следи по цитирањето на нивната содржина. Па така, се наведува: „Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Како што може да се види, во овој дел, буквално само е пренесена содржината на една од цитираните уставни одредби (ставот 5 од членот 32 од Уставот). Недостасува нивно уставно-правно толкување и соодветна анализа на клучното прашање, врз основа на што ќе може да се даде заклучок за уставноста на пониската норма од овој појдовен аспект.

Морам да констатирам дека ваквиот пристап е често присутен во одлуките и решенијата на Судот, каде правната анализа се сведува на парафразирање на уставните одредби, без да се изложи нивната смисла со примена на разните методи на толкување. Вообичаено, во овие ситуации за да се даде тежина и одредена авторитативност, се употребува формулацијата „врз основа на направената уставно-правна анализа“ без да се изложи таквата анализа (од причина што очигледно не постои).

Уставниот суд е органот којшто треба да даде автентично толкување на уставните одредби коишто не се обични правни норми, туку основни постулати на правниот поредок врз основа на кои треба да се уредат општествените односи. Ваквото толкување е обврзувачко за доносителите на пониските акти кои при нивното донесување, треба да ги имаат предвид ова со цел да се обезбеди почитување на уставноста, а со тоа и владеење на правото.

III.

 Во овој дел ќе ја изложам мојата анализа во однос на она што мнозинството пропушти да го направи во овој предмет, на што укажав погоре.

Член 32 став 3 од Уставот, предвидува дека секој вработен има право на соодветна заработувачка. Тоа значи дека работникот има право да добие еквивалент во парична форма за извршената работа преку кој ќе се обезбеди негова егзистенција и намирување на основните животни потреби. Од друга страна, работодавачот има обврска на работникот да му го исплати овој еквивалент и тоа е единствениот начин на кој може да се оствари ова уставно право. Или кажано поедноставно: за својата работа, работникот може од работодавецот да добие единствено (соодветен) паричен надомест и ништо друго, бидејќи уставно употребениот израз „заработувачка“ нема и не може да има друго значење, ниту пак постои уставен основ за заменување на заработувачката со нешто друго (како во случајот, со слободни денови)!

Ова не е поврзано само со директната (нето) парична исплата на работникот за неговата работа, што му овозможува самиот да определи на кои свои потреби ќе ги насочи овие средства како слободен и независен поединец. Преку плаќањето во парична форма, ќе се платат и придонесите од социјално осигурување од кои зависи остварувањето на другите социјални права на работникот (правото на здравствено осигурување, старосна пензија), како и јавните давачки (во случајот, персоналниот данок на доход) во однос на државата, кои исто така се намируваат во парична форма и се уставна должност (член 33 од Уставот).

Со оспорената одредба, тоа не случај.

Имено, во услови кога работникот работел прекувремено, ноќе, во смени, односно турнус или за време на неделен одмор или во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, со истата се предвидува можност да не му се плати за извршената работа како што предвидел Уставот, туку наместо тоа да користи слободни денови. На овој начин, нема да му се исплати соодветната заработувачка на која има уставно право; ќе му биде уплатен помал износ на социјални придонеси со што ќе му биде повредено друго уставно право; и ќе бидат уплатени помали други јавни давачки кон државата, односно нема да биде исполнета уставната должност.

Од друга страна, законодавецот преку Законот за работните односи, го инкорпорирал уставниот принцип за кој зборував претходно. Така, во член 41 од овој закон е предвидено дека работодавачот е должен на работникот да му обезбеди соодветно плаќање за вршењето на работата во согласност со одредбите од членовите 105 до 114 на овој закон. Во член 105 став 1 од Законот е предвидено дека работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување; како и дека плаќањето на работата по договорот за вработување мора да биде секогаш во парична форма (став 2 реченица прва од истиот член).

Од ова лесно може да се изведе заклучок дека освен за уставноста, постојат сериозни сомнежи и во однос на законитоста на оспорената одредба. Повторно, во правната анализа во Решението не е опфатен овој аспект и не е испитана законитоста, туку е дадено образложение како што наведов претходно.

Во ситуација кога постојат повисоки норми, од кои јасно и недвосмислено произлегува заклучок дека единствен начин на кој може да се плати работникот за својата работа е преку парична форма, мнозинството ја оправдува уставноста и законитоста на оспорената одредба на начин што преку неа се „давало право кое можело да се оствари исклучиво со согласност на двете страни“ и тоа „не на штета на интересите на страните и работниот процес, соодветно и на карактерот кој го имало колективното договарање дека можеле да се уредуваат и други права со кои не се намалувале правата утврдени во закон, како што било во случајот“.

Она што овој став го прави неодржлив е дека претходно цитираните одредби од член 32 став 3 од Уставот и член 41 и член 105 став 1 и став 2 реченица прва од истиот член) од Законот за работни односи се императивни во однос на паричната исплата на работникот за извршената работа. Тоа значи дека ова право на работникот и обврска на работодавецот се изземени од можноста за слободно договарање помеѓу работникот и работодавецот (и со тоа поинакво уредување), како преку колективен договор, така и преку договорот за работа и дека со ова право не може да се располага! Едноставно, уредувањето на работниот однос има своја диспозитивна димензија, но има и своја императивна димензија која произлегува токму од одредби какви што се оние што погоре ги цитирав.

Според тоа, наводот дека се работело за „алтернативна можност“, не може да биде причина за оправдување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, бидејќи и самото предвидување како можност е противуставно и незаконито.

Ваквата „алтернативна можност“, понатаму во образложението се третира како „право на избор на работникот и работодавачот со заедничка согласност за остварување на ова право“.

Според мене, нејасно од каде е извлечен заклучокот за постоење на вакво право и потребата од заедничка согласност. Имено, ако се работи за право, кој е неговиот носител? Одредбата не дава одговор, туку како што наведов претходно, предвидува можност без да ја услови со каква било согласност. Од друга страна, токму во тоа е и проблемот, бидејќи ако е нејасно кој е носителот на правото, може да се толкува дека ова е можност работодавецот самиот да одлучи да ја замени зголемената плата со слободни денови, што секако не може да се оправда нејзиното понатамошно постоење во правниот поредок, по основ на непрецизност како едно од барањата на темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото.

За жал, во анализата на Решението отсуствува анализа и за тоа што претставува категоријата „слободни денови“ преку која ќе можеше да се увиди и апсурдноста на решението предвидено со оспорената одредба (покрај неуставноста и незаконитоста). Имено, во член 112 став 2 од Законот за работни односи е предвидено дека работодавачот меѓу другото, е должен да му исплати надоместок на плата на работникот во случаите на отсутност од работа поради користење на слободни денови. Па, врз основа на ова, ако се применат оспорената одредба и цитираната одредба од Законот за работните односи во пракса, може накратко да се сумира следното: наместо зголемување на плата, работникот ќе користи слободни денови, кои пак му се платени по друг основ.

IV.

Како последица на погрешниот и неодржлив став на мнозинството, оспорената одредба од Колективниот договор се уште е дел од правниот поредок, иако според претходно наведено во ова издвоено мислење, постојат сериозни сомнежи за нејзината уставност и законитост.

Преку ова, се овозможува повредување на уставните права на работникот со што Уставниот суд пропушти да ја оствари својата улога на заштитник на слободите и правата утврдени во Уставот.

Но, тоа е само едниот аспект кој сакам да го изложам во овој дел.

Сепак, законодавецот обезбедил начин работничките права да бидат заштитени и во ситуации кога постојат вакви одредби во колективните договори. Согласно член 12 став 2 од Законот за работните односи, со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Тоа значи дека на оние работници на кои врз основа на оспорената одредба нема да им биде исплатено зголемувањето на платата, туку наместо тоа од страна на работодавецот ќе им биде заменето со слободни денови, можат преку редовните судови да бараат директна исплата врз основа на законските одредби кои предвидуваат исплата на платата исклучиво во паричен облик, наместо преку оспорената одредба, која врз основа на наведената законска одредба може да се смета за ништовна.

Претседател
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Сали Мурати

Решение У,бр.284/2020