У.бр.310/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/ 1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 21 април 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за предавање на недвижност – градежно земјиште во владение на Јавното претпријатие за државни патишта, бр.42-4072/1 од 3 јуни 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.90 од 11.06.2014 година), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Владимир Василевски од Скопје, застапуван од полномошник адвокат Горан Андревски од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата оспорената одлука не била во согласност со членот 30 од Уставот, со членот 29 од Законот за управни спорови и со членовите 5, 8 и 26 од Законот за експропријација, бидејќи на подносителот насилно и незаконски му се одземал имот којшто легално го поседувал и владеел.

Подносителот на иницијативата бара да се поништи оспорената одлука на Владата, а до завршувањето на постапката да му се вратело владението на сопственикот на недвижниот имот – парцели КП бр.2084 и КП бр.2071 во место т.н. Русеј Кошари, заведени во Имотен лист бр.22 за КО Попоец – Кичево.

Според наводите во иницијативата, Владата на Република Македонија во 2014 година ја донела оспорената Одлука за одземање на имот и предавање во владение на ЈП за државни патишта на приватен имот на подносителот без негово знаење, иако била во тек постапката за експропријација. Во истата експропријација, решенијата Управниот суд трипати ги поништувал, а Јавното правобранителство – Кичево носело само нови решенија, и затоа сега била поднесена тужба и по четврти пат. За тоа време, Јавното претпријатие за државни патишта продолжувало со градежни активности, иако противправно му го одзела владението на подносителот. За овој факт, подносителот дознал случајно во текот на четвртата тужбена постапка пред Управниот суд, кога извадил Имотен лист во кој стоело прибелешка дека Владата противуставно му го одземала владението на имотот на кој бил законски сопственик без негово знаење и информирање.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 33 став 2 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија” бр.95/2012, 131/12, 24/13 и 27/14), Владата на Република Македонија, на седницата, одржана на 03.06.2014 година, ја донела оспорената одлука за предавање на недвижност – градежно земјиште во владение на јавното претпријатие за државни патишта.

Одлуката содржи 490 точки коишто се однесуваат на предавање на градежно земјиште во владение на ЈП за државни патишта, согласно решенија за експропријација, меѓу кои е и точката бр.175 што се однесува на имотот на подносителот на иницијативата.

Согласно членот 1 од оспорената одлука, со оваа Одлука на Јавното претпријатие за државни патишта – како предлагач на експропријацијата, му се предава во владение градежното земјиште кое претставува:

175. Дел од КП.бр.2071 со површина од 224 м2 и дел од КП 2084 со 19 м2 дел од КП 2118 со 4484 м2 КО Попоец евидентирана во Имотен лист бр.22, согласно Решение за експропријација УП.бр.26-200/3 од 17.03.2014 година на Министерство за финансии, Управа за имотно-правни работи – Одделение за управна постапка во Кичево;

Со членот 2 од оваа одлука е уредено дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според членот 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за предавање на недвижност – градежно земјиште во владение на Јавното претпријатие за државни патишта, бр. 42-4072/1 од 3 јуни 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.90 од 11.06.2014 година), донесена од Владата на Република Македонија на 3 јуни 2014 година.

Воедно, во прилог на иницијативата, до Судот беа доставени и:

– Пресуда на Вишиот Управен суд (Уж-1.бр.359/2016 од 19.05.2016 година) со која жалбата на тужителот Владимир Василевски (подносител на иницијативата) се уважува, а пресудата на Управниот суд У-2.бр.430/2014 од 10.12.2014 година се преиначува и се одлучува: тужбата на тужителот да се уважи, а решението на Министерството за финансии – Одделение за првостепена управна постапка во Кичево УП.бр.26-200/3 од 17.03.2014 година, да се поништи.
– Пресуда на Управниот суд (У-2.бр.218/2017 од 23.08.2017 година), со која тужбата на тужителот се уважува, а Решението на Министерството за финансии – Одделение за првостепена управна постапка во Кичево УП.бр.26-200/7 од 28.02.2017 година, се поништува.
– Пресуда на Управниот суд (У-2.бр.447/2018 од 04.07.2018 година) со која тужбата на тужителот се уважува, а Решението на Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, Одделение за првостепена управна постапка – Кичево УП.бр.26-248/3 од 12.03. 2018 година, се поништува.
– Тужба за заведување на управен спор до Управниот суд поднесена од тужителот Василевски Владимир од 22.10.2020 година.

Од содржината на оспорената одлука, произлегува дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 33 став 2 од Законот за експропријација, донела Одлука за предавање на недвижност – градежно земјиште во владение на Јавното претпријатие за државни патишта. Според членот 1 од оваа одлука, на јавното претпријатие за државни патишта–како предлагач на експропријацијата, му се предаваат во владение градежни земјишта коишто претставуваат дел од одредена КП со одредена површина, евидентирани во имотен лист согласно решение за експропријација на Министерството за финансии, Управа за имотно-правни работи – Одделение за управна постапка, во Охрид и Кичево. Во членот 1 има 490 точки коишто се однесуваат на конкретни градежни парцели предадени во владение на ЈП за државни патишта.

Од друга страна, доколку граѓаните сметаат дека со конкретен, поединечен акт им е повредено одредено имотно право, заштитата на имотно-правните интереси, можат да ги остварат пред надлежни органи во Република Северна Македонија. Во конкретниот случај, постапката за експропријација сѐ уште не е правосилно завршена односно подносителот на иницијативата сѐ уште води судска постапка пред Управниот суд.

Според Судот, од содржината на оспорената одлука, произлегува дека во конкретниот случај, оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајот станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија, со кој се одлучува за предавање во владение на конкретни недвижни имоти – градежно земјиште (наведени во 490 точки од членот 1 на Одлуката, меѓу кои и оспорената точка бр.175 која се однесува на имотот на подносителот на иницијативата), на конкретен субјект – Јавното претпријатие за државни патишта.

Имајќи предвид дека не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниот случај, оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија.

Оттука, со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за акт со таков карактер, оспорената одлука не е подобна за уставно-судска оцена, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.310/2020
21 април 2021 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати