Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), а по гласањето против Одлуката на Уставниот суд, У.бр.22/2019 од 21.04.2021 година со која се укинува член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина („Службен весник на РМ“ бр.25/2015, 39/2016 и 83/2018), судиите Добрила Кацарска, д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари, писмено го образложуваат следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија, а по повод поднесената иницијатива од Љубица Панова од Скопје, со Одлука У.бр.22/2019 година од 21.04.2021 година донесе Одлука со која се укинува член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина („Службен весник на РМ“ бр.25/2015, 39/2016 и 83/2018).

Судиите Добрила Кацарска, д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари гласајќи против одлуката најавија и издвоено мислење коешто понатаму е образложено.

Во образложението на Одлуката на Уставниот суд, донесена со мнозинство гласови се наведува дека одредбата содржана во член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина не е во согласност со Уставот, посебно со одредбите на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, со одредбите на член 9, од член 13 став 1, член 23 како и со други одредби од Уставот, таксативно наведени во образложението. Посебно се потенцира дека со предвидувањето на посебниот услов за добивање лиценца за работа во установа на комплементарна и алтернативна медицина, а тој услов се однесува на тоа кандидатот да „не е осудуван за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци“, се ограничува правото на работа.

Издвоеното мислење се однесува на следните факти и правно релевантни околности според кои сметаме дека нема основа да се укине оспорената одредба содржана во член 96 став 3 точка 2 од наведениот закон, како одредба спротивна на закон. Имено, посочените одредби на Уставот на Република Северна Македонија за кои се смета дека оспорената одредба не е во согласност, според нашето мислење не кореспондира со содржината на одредбите на член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина. Во тој контекст доволно е да се спомене членот 23 од Уставот на земјата, на кој се повикува Уставниот суд со донесената одлука со мнозинство гласови. Точно е дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции. Меѓутоа, ако правилно се толкува оваа уставна одредба, учеството во вршењето на јавни функции секогаш претпоставува и е условено со исполнување на условите кои, во зависност од работата односно функцијата, ги предвидува или Уставот или конкретниот закон.

Исто така, имаме сосема друго мислење и по однос на констатацијата елаборирана во образложението на Одлуката на Уставниот суд, а имено, дека со оспорената законска одредба се повредува уставниот принцип на „претпоставената невиност“ и принципот на законитост во казнувањето, а со тоа се ограничува правото на работа. Оспорената законска одредба предвидува нешто сосема друго. Со оспорената одредба се предвидуваат, покрај општите услови, и посебните услови за добивање лиценца за работа во установата за комплементарна и алтернативна медицина. Во рамките на посебните услови законодавецот го уредува и посебниот услов – лицето „да не е осудувано за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци“. Спрема тоа, со ваквата одредба не се доведува во прашање „претпоставена невиност или законитост во казнувањето“. Се бара постоење на правосилна кривична пресуда.

Од изложеното јасно произлегува дека со оспорената одредба не се ограничува правото на работа. Напротив остварувањето на правото на лиценца за работа во установата за комплементарна и алтернативна медицина се условува со исполнување на општите и посебните услови. По овие прашања јасно стојалиште има и Законот за работните односи како лекс генералис. Во општите услови, кои се заеднички за секое работно место и кај секој работодавач се здравствената состојба и возраста. По однос на посебните услови тие се различни и по однос на бројот така и според нивниот вид (врста), што зависи, и тоа секогаш, од природата, сложеноста, одговорноста и другите посебности коишто ги има конкретното работно место кај одреден работодавач.

Во горенаведената смисла, а според природата на работа – практичар во установата за комплементарна и алтернативна медицина, според оценката на законодавецот се утврдуваат и правно се санкционираат посебните услови. Во тие услови, како посебен услов, кој се санкционира се однесува на условот дека лицето „да не е осудувано за кривично дело со казна затвор во траење подолго од шест месеци“.

Поради изложените причини, според нашето мислење (издвоено) оспорената одредба, содржана во член 96 став 3 точка 2 од Законот за комплементарна и алтернативна медицина, цитиран во „Службениот весник на РМ“, погоре наведен, не може да се проблематизира, а со тоа и да се доведува во прашање нејзината уставност, поради што и го издвојуваме нашето образложено мислење.

Судии на Уставниот суд:

Добрила Кацарска,
д-р Осман Кадриу,
Насер Ајдари

Одлука У.бр.22/2019