Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати, заедно со судиите на Уставниот суд, денес остварија работна средба со претседателот на Република Северна Македонија, г. Стево Пендаровски.
Претседателот Мурати, изрази задоволство од поканата на претседателот на Републиката и посочи дека во минатото, постоела пракса на вакви редовни средби помеѓу двата органи како можност за разгледување на прашања поврзани со нивното функционирање.
Потоа, накратко ја изложи уставната позиција на Судот, како независен и самостоен орган на Републиката кој има задача да ја штити уставноста и законитоста, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Меѓутоа, посочи дека на пониското нормативно ниво не постојат норми преку кои во целост би се остварила независноста на Судот, преку обезбедување негова функционална, буџетска и административна самостојност.
Во оваа прилика, беа презентирани активностите од страна на Судот по однос на потребата од донесување посебен закон за Уставниот суд, регулирање на статусот на уставните судии по примерот на нормативните решенија од регионот, можното проширување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд и унапредување на уставно-судската постапка за заштита на слободите и правата.
Посебен осврт беше направен за работата за време на вонредната состојба која беше прогласена минатата година, при што претседателот на Републиката беше информиран за тоа дека Уставниот суд мораше да се справи со огромен прилив на предмети за еден краток период; да одлучува за важни прашања за државата, како што е распуштањето на Собранието; за првпат да воспостави сопствена пракса за прашања кои од осамостојувањето, не е одлучувано од ниту еден состав на Судот, особено какво што е прашањето за правната природа на уредбите со законска сила и одлуките за утврдување постоење вонредна состојба за кои ниту нашата уставно-правна наука немаше претходно дадено свој став; но и за прашања за ограничување на уставните слободи и права за време на овој период.
Што се однесува до меѓународната соработка на Судот, сегашната состојба со пандемијата создаде одредени предизвици во остварувањето на оваа активност на Судот, која не е помалку важна, особено во делот на размена на искуства за функционирање на уставните судови за време на пандемијата. Сепак, преку новите технолошки решенија, се овозможи учество во неколку регионални иницијативи организирани од страна на германската ИРЗ, како и последното учество на конференцијата на европски уставни судови.
Претседателот Пендаровски изрази поддршка за независноста во работата на Уставниот суд и целосна подготвеност за соработка во иднина со Судот во рамките на своите надлежности.