Издвоено мислење по предметот У.бр.1/2020

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.1/2020 од 17 февруари 2021 година, со кое Уставниот суд одлучи да ja отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, донесена од Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово“ од Маврови Анови, писмено го образложувам моето несогласување

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

По повод иницијативата поднесена од Владимир Пота од Скопје, на седницата одржана на 17 февруари 2021 година, Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, донесена од Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово” од Маврови Анови.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, доносителот на оспорениот акт, донел Одлука со број 0202-899/2 од 25.11.2019 година за измена на Одлуката број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, со што содржината на актот којшто се оспорува со иницијативата, повеќе не бил во правниот поредок. Поради тоа мнозинството судии се повика на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, според кој Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата и го изгласа предметното Решение У.бр.1/2020.

Со почит ја искажувам мојата несогласност со одлуката на мнозинството судии содржана во Решението У.бр.1/2020 и сметам дека во конкретниот случај Судот требаше да го примени член 70 алинеја 6 од Деловникот и да утврди неуставност и незаконитост на оспорената одлука донесена од Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово” од Маврови Анови, во време на нејзиното важење.

Во конкретниот случај, мнозинството судии погрешно и рестриктивно ги толкуваат деловничките одредби од членовите 47, 70 и 73.
Така, според членот 47 од Деловникот,
„Уставниот суд ќе ја запре постапката:
– ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето;
– ако во текот на постапката биде повлечена иницијативата за оценување на уставноста односно на уставноста и законитоста, а Уставниот суд не наоѓа основа да ја води постапката по сопствена иницијатива;
– ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба;
– ако по утврдувањето на фактичката и правната состојба на јавната расправа отпаднат основите за сомневање на уставноста и законитоста и
– ако во текот на постапката престанат процесните претпоставки за нејзино натамошно водење.“

Понатаму, според членот 70 од Деловникот „Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа:
– за поништување или укинување на закон и друг пропис, програма и статут на политичка партија или друг општ акт;
– за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот;
– за решавање на судир на надлежност;
– за одземање имунитетот, за одговорноста и за утврдување на настапувањето на условите за престанок на функцијата на Претседател на Република Македонија;
– за имунитетот и за условите за разрешување од должноста на судија на Уставниот суд на Република Македонија;
– за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување.“

Членот 73 од Деловникот уредува дека при одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.

Станува збор за исклучително важни деловнички одредби, коишто Уставниот суд во огромно мнозинство (со исклучително ретки исклучоци) на негови одлуки и решенија ги толкува на, според мене, несоодветен начин, за што впрочем се имам и произнесено во претходните издвоени мислења. Ако се толкува на правилен начин Деловникот, јасно е дека актот којшто го уредува начинот на работа и постапката пред Уставниот суд, како орган на Републиката што ја штити уставноста и законитоста, ја обезбедува супрематијата на Уставот со сите негови темелни вредности, начела и гаранции, недвосмислено мора да биде во операционализација на тие вредности и не смее да остава ни најмал простор за можни правни манипулации и толкувања коишто не се во функција на владеењето на правото и правната сигурност (како што во неодамнешната уставно-судска практика беа воочени во предметот У.бр.28/2019 од 29 мај 2019 година, со кој Уставниот суд одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, од причина што по поведената постапка, Советот на Општина Центар донесе нова одлука (со која ја стави вон сила претходната). За мене не постои дилема дека деловничкото решение „во текот на постапката”, мора да биде толкувано на начин што би ги опфатило сите фази на постапката која започнува со денот на приемот на иницијативата (односно формирањето на предмет и доделувањето на истиот на судија-известител), чин по кој започнуваат процесните дејствија. Во спротивно не може да стане збор за почитување на темелната вредност владеење на правото и правна сигурност.

Во спротивно се поставува прашањето дали е во согласност со темелните вредности на уставниот поредок особено владеењето на правото и правната сигурност, доколку Уставниот суд ги запира постапките или ги отфрла иницијативите во случаите кога доносителите на оспорените акти пред иницијативите да бидат разгледувани на седница на Судот, истите ги става вон сила (како што впрочем станува збор и во конкретниов случај со оспорената Одлука во предметното Решение У.бр.1/2020)? Дали Уставниот суд така ги обезбедува и штити Уставот и неговите темелни вредности, начела и гаранции?

За илустрација и потврда на претходниот став, Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки („Службен весник на СРМ“ број 42, 18 декември 1976 година), во членот 7 уредил „Постапката по повод на предлог од овластен предлагач се смета за поведена од денот на приемот на предлогот во Уставниот суд, односно од денот кога предлогот е испратен како препорачана пратка преку пошта. Ако постапката е поведена по повод на претставка со која се дава иницијатива за оценување на уставноста на закон или уставноста и законитоста на друг пропис или општ акт кој престанал да важи, се смета дека постапката е поведена од денот на приемот на претставката.”

За да биде мојот став појасен, поточно моето несогласување со мнозинската одлука на Судот, битно е да се анализира причинско последичната врска меѓу членовите 47, 70 и 73 од Деловникот. Ако членот 47 уредува дека Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката (без разлика на толкувањето што значи „во текот на постапката” и кога почнува постапката) законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, но истото го условува со решението „а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето”, што значи дека Судот може да најде такви основи и без разлика што оспорените прописи или нивни одредби престанале да важат, може да ја оценува нивната уставност, односно уставноста и законитоста, се поставува прашањето кои можат да бидат тие основи? На ова се надоврзува решението од членот 70 од Деловникот, според кое, Уставниот суд донесува одлука кога одлучува за суштината на работата и тоа:……за утврдување на неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за нивно поништување. Значи, основот за да се утврди неуставност и незаконитост на закон, пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката е условот „ако се исполнети условите за нивно поништување”. И клучниот одговор го дава членот 73 од Деловникот, според кој „При одлучувањето дали законот, прописот или општиот акт ќе го поништи или ќе го укине Уставниот суд, ќе ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.” Да заклучам, цитираните деловнички одредби му даваат можност на Судот да утврди неуставност на закон, односно неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако најде основ за тоа, односно ако се исполнети условите за нивно поништување, од причина што при одлучувањето Уставниот суд треба да ги земе предвид сите околности што се од значење за заштитата на уставноста и законитоста, а особено тежината на повредата и нејзината природа и значење за остварување на слободите и правата на граѓаните или за односите што се воспоставени врз основа на тие акти, правната сигурност и други околности од значење за одлучувањето.

Oва се исклучително значајни деловнички одредби за начинот на работа и постапката во заштитата на уставноста и законитоста и за мене е неприфатливо досегашното нивно доминантно рестриктивно толкување – во текот на постапката да се смета моментот кога предметот ќе биде изнесен на седница на Судот, што во голем број конкретни случаи пред Судот, резултирало со одлуки за отфрлање на иницијативите или запирање на постапките, без да се ценат тежината на повредите, последиците по слободите и правата на граѓаните, владеењето на правото и правната сигурност. За да биде појасен мојот став со несогласност за ваквото толкување во примената на горенаведените деловнички одредби, како што впрочем е и во конкретниот случај, неопходно е истите да се толкуваат во светлина на највисоките уставни вредности, начела и гаранции.

Во расправата по предметот У.бр.1/2020, согласно изнесената правна и фактичка состојба, не само од мене, основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со темелната вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеење на правото и начелото на правната сигурност, како и со законските прописи наведени во иницијативата. Според наводите од иницијативата и поднесоците кон истата, Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово” донело Одлука број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, со која се наложувало повторно плаќање надомест за приклучок на вода доколку сопствениците на постојни објекти одлучат да спроведат градежна реконструкција на нивните постоечки куќи (доградат, надградат или рушат) и во случај кога објектот бил приклучен на водоводна мрежа. Како пример, подносителот го наведува неговиот конкретен случај кога за доградба на една просторија на неговата викенд куќа изградена во 1974 година, тој требало да плати и платил надомест за приклучок на вода по доставена фактура во износ од 29.028,00 денари, кој приклучок веќе го имал и го користел уште од 1978 година и за кое приклучување своевремено платил надоместок. Таквата дополнителна давачка според подносителот на иницијативата не била во согласност со владеењето на правото и правната сигурност, ниту во согласност со регулативата и била надвор од утврдената процедура за добивање одобрение за градење. Видно од рефератот по предметот, Советот на Општина Маврово и Ростуше во зададениот рок, не достави до Судот податоци во врска со оспорениот акт (како и со втората Одлука со која се менува оспорената), во смисла дали Советот дал согласност за оспорените акти, како и дали Општината има донесено одлука за комунален ред со која поблиску се уредуваат условите и начинот на давање на комуналните услуги согласно Законот за комуналните дејности.

Правилното толкување и примената на наведените деловнички одредби во конкретниот случај за оспорената Одлука број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, донесена од Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово” од Маврови Анови, по мое длабоко уверување требаше да резултира со одлука на Судот со која ќе се утврди нејзина неуставност и незаконитост, врз основа на којашто подносителот на иницијативата (и евентуално други страни кои претпрпеле последици од оспорената одлука) ќе можат да си ги остварат своите права во смисла на принципот restitutio in integrum.

Судија на Уставниот суд,
д-р Дарко Костадиновски

Решение У.бр.1/2020