Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 17 февруари 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, донесена од Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово” од Маврови Анови.
2. Владимир Пота од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата и поднесоците кон истата, Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово” донело Одлука број 0202-913/2 (со иницијативата по грешка означен како 0202-013/2) од 11.12.2017 година, со која се наложувало повторно плаќање надомест за приклучок на вода доколку сопствениците на постојни објекти одлучат да спроведат градежна реконструкција на нивните постоечки куќи (доградат, надградат или рушат) и во случај кога објектот бил приклучен на водоводна мрежа.
Како пример, подносителот го наведува неговиот конкретен случај кога за доградба на една просторија на неговата викенд куќа изградена во 1974 година, тој требало да плати и платил надомест за приклучок на вода по доставена фактура во износ од 29.028,00 денари, кој приклучок веќе го имал и го користел уште од 1978 година и за кое приклучување своевремено платил надоместок.
Таквата дополнителна давачка не била во согласност со регулативата и надвор од утврдената процедура за добивање одобрение за градење. Оспорената одлука била во директна колизија со одредби од Законот за градење, Законот за водите, Законот за комуналните дејности, Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и Законот за облигационите односи со кои се регулирале процедурите за добивање на одобренија за градење, одобренија за приклучување на објектите на водоводната мрежа, склучените договори со кои се регулирале правата и обврските помеѓу давателите на услуги и корисниците на услуги, наведувајќи дека недопуштено било да се бара повторно плаќање на приклучок на вода којшто веќе постоел и за којшто веќе бил платен надоместок согласно Законот за снабдување со вода за пиење и урбани отпадни води и Законот за комунални дејности.
Од наведените причини, неуставно и незаконито било да се плаќа надоместок за приклучок за кој постоел законски склучен облигационен договор со давателот на услугата, којшто договор во ништо не се менувал, затоа што измените на објектот согласно описот од членот 2 од Законот за градење ништо не менувале по однос на користењето на водата, нејзината дистрибуција во објектот, приклучената шахта, водомер итн., од кои причини со иницијативата се бара да се покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да се поништи.
3. Судот на седницата утврди дека Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово” од Маврови Анови, донело Одлука број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, која со Одлука на Јавното претпријатие, број 0202-899/2 од 25.11.2019 година, е изменета.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека по поднесувањето на иницијативата, доносителот на оспорениот акт, донел Одлука со број 0202-899/2 од 25.11.2019 година за измена на Одлуката број 0202-913/2 од 11.12.2017 година, со што содржината на актот којшто се оспорува со иницијативата, повеќе не е во правниот поредок.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот констатира процесни пречки за постапување по иницијативата со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.1/2020
17 февруари 2021 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати