Во рамките на чешкото претседателство со Конференцијата на европските уставни судови, на 24-25 февруари ќе се одржи XVIII-от Конгрес на тема: „Човекови права и фундаментални слободи: Односот помеѓу меѓународните, наднационалните и националните каталози во 21 век“.
Во работата на Конгресот, кој годинава поради пандемијата од КОВИД-19, се одржува по пат на видео-конференција, учествуваат 35 уставни/врховни судови кои се полноправни членки на Европската Конференцијата на уставни судови.
Конгресот, започна со состанокот на Кругот на претседателите, што се одржа вчера (24 февруари 2021 година), на кој учествуваше претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати, при што беа разгледани и се гласаше за повеќе прашања од организациски карактер кои се однесуваат на Конференцијата.
Претседателот Мурати, судијата д-р Дарко Костадиновски, секретарот на Судот, Александар Лазов и советникот м-р Симона Герасимова-Јовановска, денес ќе учествуваат во работата на овој конгрес, на кој ќе се дискутира за повеќе теми кои се однесуваат на уставното судство и заштитата на слободите и правата.