У.бр.178/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 4 февруари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 76 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011,11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Заклучокот донесен на работната средба на граѓанските оддели на апелациони судови Скопје, Битола и Штип одржана на 02.03.2007 година.

3. Анета Сотировска, адвокат од Тетово, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот за работните односи и Заклучокот, не биле во согласност со членот 8 , членот 30, членот 51, членот 58 и членот 98 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во иницијативата се наведува дека Законот за работните односи не ја определувал постапката за давање отказ по основ на деловни причини, туку тоа го оставал подетално да биде регулирано со Колективен договор, со исклучок на членовите 94-а и 95 од истиот закон кои содржеле во себе обврски на работодавач кој има вработено повеќе од 50 работници и во случај на колективни отпуштања.

За малиот работодавач кој имал вработено до 50 работници, според наводите во иницијативата, позитивното право не содржело одредби од кои произлегувало каква било обврска за мал работодавач да спроведе постапка за еваулација и вреднување на работењето на работниците при избор на работник на кој ќе му престане работниот однос со отказ поради деловни причини т.е. како технолошки вишок.

Наведената законска одредба содржела таксативно наброени основи од кои работодавачот требал да се раководи при селекцијата на вработените, меѓу кои како други основи ги наведува и други критериуми утврдени со Колективниот договор. Ваквата формулација ја чинела оспорената законска одредба нејасна и непрецизна, истовремено и неприменлива од причина што голем број на мали работодавачи не биле потписници на колективни договори. Оттука, според наводите во иницијативата, се наметнувало прашањето како истата судовите ќе ја применувале при донесување на одлуки во случај кога одлучуваат за отказ на договор за работа од деловни причини од страна на мал работодавач. Поради наведените причини подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба била апсолутно нејасна, недоречена и неприменлива за сите правни субјекти подеднакво.

Според подносителот на иницијативата содржината на оспорената одредба не содржела разработена, односно доуредена постапка за откажување од деловни причини, а од друга страна немало можност истото да се утврди ниту со поединечен акт на работодавачот. Ова од причина што во Законот за работните односи не била предвидена обврска за тоа и истото би резултирало со самоволие на работодавачот при откажување на договорот за вработување од деловни причини.

Подносителот на иницијативата цени дека не може со Заклучок на граѓанските оддели да се допрецизира оспорената одредба, поради што смета дека истиот не е во согласност со уставните норми на кои е укажано во воведниот дел од иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорените акти се со следната содржина:

I. член 76 став 2

(2) Престанокот на работниот однос од ставот (1) точка 3) на овој член, се врши врз основа на потребата за ефикасно функционирање на работата на работодавачот, стручната подготовка и квалификација на работникот, неговото работно искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж и други критериуми утврдени со колективен договор, како и критериуми за заштита на инвалидни лица, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби на кои им престанува работниот однос по истиот основ.

II. ЗАКЛУЧОК

“Работодавецот пред започнување на постапката за откажување на договорот за вработување поради деловни причини мора во некој акт да има определено критериуми и мерила, како и да ги примени истите, за да на тој начин го утврди приоритетот за задржување на работното место, односно утврди на кои работници треба да им престане работниот однос.”

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен, дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 58 од Уставот сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учествувањето во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Според Амандман XXV точка 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2).

Законот за работните односи ги уредува работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1).

Според член 5 став 1 точка 1 од Законот, „работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот, во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.

Во член 12 став 4 од Законот за работните односи се предвидува дека правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Според член 13 став 1 од Законот, работниот однос се заснова исклучиво со договор за вработување, односно со потпишување на договорот за вработување се заснова работен однос меѓу работникот и работодавачот.

Согласно член 19 став 1 од истиот закон, работникот кој склучува договор за вработување мора да ги исполнува условите за вршење на работата определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот.

Според членот 28-а од Законот, кој е поместен во поднасловот: “Измена на договорот за вработување” се предвидува дека измени на договорот за вработување можат да бидат предложени од страна на работодавачот или од страна на работникот. Измените на договорот за вработување се вршат со анекс на договорот за вработување. Анексот на договорот за вработување се склучува во иста форма како и договорот за вработување, согласно со закон. Измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото.

Во членот 62 од Законот, кој е поместен во точката со наслов: „Начини на престанување на важноста на договорот за вработување“, децидно се наведува во кои случаи договорот за вработување престанува, а тоа се:

1) со изминување на времето за коешто бил склучен,
2) со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице),
3) поради престанување на работодавачот согласно со закон,
4) со спогодбено раскинување,
5) со отказ,
6) со судска пресуда и
7) во други случаи утврдени со закон.

Оспорениот член 76 од Законот е поместен во точката со наслов: „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“.

Членот 76 од Законот, со наслов:”Основани причини за отказ”, предвидува:

(1) Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако:
1) работникот заради своето однесување, недостаток на знаења или можности или заради неисполнување на посебните услови определени со закон, не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос (лична причина) или
2) работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос (причина на вина) и
3) престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).
(2) Престанокот на работниот однос од ставот (1) точка 3) на овој член, се врши врз основа на потребата за ефикасно функционирање на работата на работодавачот, стручната подготовка и квалификација на работникот, неговото работно искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж и други критериуми утврдени со колективен договор, како и критериуми за заштита на инвалидни лица, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби на кои им престанува работниот однос по истиот основ.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски норми vis a vis наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани, од следниве причини:

Оспорениот став 2 на членот 76 од Законот за работните односи всушност е појаснување и прецизирање на точката 3 од член 76 став 1 од Законот. Имено, согласно член 76 став 1 точка 3 од Законот за работните односи, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, кога не е можно продолжување на работниот однос, ако престане потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини).

Со ставот 2 на членот 76 од Законот престанокот на работниот однос од ставот (1) точка 3) на овој член, се врши врз основа на потребата за ефикасно функционирање на работата на работодавачот, стручната подготовка и квалификација на работникот, неговото работно искуство, успешноста на работењето, видот и значењето на работното место, работниот стаж и други критериуми утврдени со колективен договор, како и критериуми за заштита на инвалидни лица, самохрани родители и родители на деца со посебни потреби на кои им престанува работниот однос по истиот основ.

Од анализата на содржината на оспорениот став 2 од членот 76 од Законот за работните односи, според Судот, јасно произлегува дека истата не упатува на кумулативно користење на законските основи со други основи утврдени со Колективен договор. Имено, во ставот 2 од овој член од Законот јасно, децидно и недвосмислено се утврдени, односно уредени основите и критериумите кои се неопходни за спроведување законита постапка за откажување на договорот за вработување од деловни причини во случај кога не се укинува работното место, туку само се намалува бројот на извршителите на истото. Оттука, Судот оцени дека со оспореното законско решение работодавачот при откажување на договорот за вработување од деловни причини ќе ги земе предвид исклучиво законски утврдените основи утврдени во член 76 став 2 од Законот.

При анализата на оспорената одредба и оценувањето на нејзината согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата го имавме во вид фактот дека работниот однос е пред се договорен однос меѓу работникот и работодавачот, работникот кој склучува договор за вработување мора да ги исполнува условите за вршење на работата определени со закон, актот на работодавачот, односно условите барани од страна на работодавачот. Во конкретниот случај во услови кога не е можно продолжување на работниот однос поради престанување на потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини), законодавецот со сега оспорениот став 2 на членот 76 од Законот ги утврдува критериумите и условите врз основа на кои работодавачот на работникот ке му го откаже договорот за вработување.

Оттука, дел од наведените услови, односно критериуми во член 76 став 2 од Законот се децидно поврзани со одредено работно место, односно со утврдените работи согласно работното место, а кои основи работодавачот може да ги земе предвид независно од тоа дали станува збор за мал работодавач или работодавач кој вработува повеќе од 50 работници, без притоа истото да биде условено од постоење на поединечен акт на работодавачот или пак примена на Колективен договор.

Од наведените аргументи Судот оцени дека оспорениот член 76 став 2 од Законот за работните односи не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кои се укажува во иницијативата, односно оспорениот член во целост кореспондира со одредбите утврдени во Уставот на Република Северна Македонија.

По однос на наводите истакнати во иницијативата со кои се оспорува уставноста на Заклучокот донесен на работната средба на претставници од апелационите судови во Скопје, Битола и Штип, Судот оцени дека истиот не може да биде предмет на уставно-судска анализа. Ова,од причина што истиот не претставува општ пропис, не ги содржи правните елементи на општи норми на однесување и на општ начин да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото бидејќи истиот претставува усогласување, односно воедначување на судската пракса во примената на одредбите на Законот за работните односи, што всушност значи упатство за работа на судовите во Република Северна Македонија и претставува интерен акт кој не подлежи на уставно-судска анализа во смисла на членот 110 од Уставот.

Од наведените причини според наоѓањето на Судот иницијативата во делот по однос на оспорениот Заклучок треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението по однос на точката 2 Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.178/2020
4 февруари 2021 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати