Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 јануари 2021 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Одлуката за именување на заменици на министри („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 230/2020).
2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 2 и 3, Амандманот VI, член 51 став 1 и член 89 став 1 од Уставот.
Во иницијативата се наведува дека составот на замениците на министри во соодветните министерства избрани на седницата на Собранието одржана на 23 септември 2020 година бил во спротивност со „соодветната и правична застапеност на граѓаните кои не припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“, како темелна вредност на Уставниот поредок на Републиката. Составот на замениците на министри на соодветните министерства ја нарушувал еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.
Во составот на замениците на министри имало 6 Македонци, 2 Турци и 8 Албанци. Статистичките податоци од официјалните датотеки, и без попис на населението од 2001 година, потврдувале дека припадниците на албанската етничка заедница во вкупното население биле далеку под процентот (50%) со којшто учествувале во составот на замениците на министри во соодветните министерства.
Во согласност со Одлуката за избор на Влада на Републиката („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 210/2020), во составот на Владата имало 12 Македонци (66,66%) и 8 Албанци (33.33%) – значително повеќе од соодветната и правична застапеност на Албанците по род во вкупното население, а на штета на сите останати малцински етнички заедници. Иако, статистичките податоци од официјалните датотеки, и без попис на населението од 2001 година, потврдувале дека припадниците на албанската етничка заедница во вкупното население биле далеку под процентот со којшто учествувале во составот на Владата.
Оспорената одлука за избор на заменици на министри била во спротивност со членот 51 од Уставот, затоа што не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, бидејќи сите прописи мора да бидат во согласност со Уставот и со закон.
Независно од парламентарното мнозинство за формирање на Влада, и составот на замениците на министри во соодветните министерства морало да биде во согласност со соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, што во случајов не било испочитувано.
Оспорената одлука не била во согласност и со член 89 став 1 со Амандманот XXIII од Уставот, според кој: “Владата ја сочинуваат претседател и министри“. Во Уставот не била утврдена функција заменик на министер, ниту Собранието имало надлежност за именување на заменици на министри. Замениците на министри биле паралелна Влада, секој заменик на министер добивал кабинет, секретарка, шофер, возило, обезбедување, режиски трошоци и други привилегии, што било трошок од Буџетот и даночните обврзници, иако таква обврска не била дефинирана со Уставот и инсталирана корупција во системот.
Врз основа на наведеното, се бара од Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука, а до донесување на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на сите акти што ги донесува и дејствија што ги презема актуелната Влада врз основа на оспорената одлука, поради штетни последици по владеењето на правото и уставниот поредок и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.
На крајот, се бара од Уставниот суд, на подготвителната и јавна седница по оваа иницијатива што би требало да се одржи во најитен можен рок, да биде поканет претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука гласи:
„ Врз основа на членот 48 став (1) од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019 и 110/2019), Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА ИМЕНУВАЊЕ НА ЗАМЕНИЦИ НА МИНИСТРИ
1. За заменици на министри во соодветните министерства, се именувани:
– Башким Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана,
– Назим Буши, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи,
– Агим Нухиу, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда,
– Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,
– Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи,
– Димитар Ковачевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии,
– Зоран Маневски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија,
– Трајан Димковски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
– Илир Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство,
– Арафат Шабани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука,
– Енвер Хусејин, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за труд и социјална политика,
– Зоран Димитровски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа,
– Седат Сулејмани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за култура,
– Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,
– Беким Реџепи, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и
– Христина Оџаклиеска, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
2. Оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Бр. 08-3106/1 Претседател на Собранието
23 септември 2020 година на Република Северна Македонија,
Скопје м-р Talat Xhaferi, с.р.“
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со оспорената одлука, Собранието на Република Северна Македонија, врз основа на член 48 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, врши поименично именување на заменици на министри во соодветните министерства.
Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниов случај, оспорената одлука има карактер на поединечен, конкретен акт, односно нема карактер на пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, поради што истата не може да биде предмет на уставно-судска оцена.
Имено, од содржината на оспорената одлука произлегува дека истата не содржи одредби од општ нормативен карактер и со неа не се регулираат никакви односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, туку поименично се наведуваат замениците на министри во соодветните министерства, именувани од страна на Собранието на Република Северна Македонија, што и дава карактер на поединечен, конкретен акт, поради што Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нејзината уставност.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.281/2020
21 јануари 2021година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати