У.бр.161/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 174 ставови 2 и 3, член 178 став 2, членови 179, 180 и 181 од Судскиот деловник („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2013 и 114/2014).

2. М-р Стеван Огненовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Судскиот деловник означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од Судскиот деловник „се изигрува целиот концепт на правична распределба и се дава подлога некои предмети да се распоредуваат рачно и со тоа граѓаните не се еднакви пред законот во остварување на своите права во судските предмети и во некои случаи ја потпомага корупцијата во судството и ја зголемува недовербата на граѓаните во судските пресуди.“ Поради тоа, оспорените одредби не биле во согласност со членот 7 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006), според кој „Предметите што доаѓаат во судот на одлучување се распределуваат меѓу судиите според времето на приемот на предметот во судот, со исклучување на секакво влијание врз начинот на распределба од страна на претседателот на судот, судијата или судската администрација“, како и со член 9 став 2 од Уставот, според кој „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.“

Во врска со последиците од примената на оспорените одредби од Судскиот деловник, подносителот на иницијативата укажува на предметите У-1 бр.234/2019 и У-1 бр.235/2019, кои биле распоредени рачно на исти тројца судии и ист претседател на совет во Управниот суд, иако во тој суд имало 30 судии а наведените предмети се поднесени во различни денови.

Во Дополнувањето на иницијативата, подносителот наведува дека и предметот У-1 бр.233/2019 исто така бил распореден на истите тројца судии и претседател на совет во Управниот суд иако и овој предмет е поднесен повеќе денови пред наведените два предмети. Освен тоа, се наведува дека рачното распоредување на предметите, а не со помош на АКМИС-системот за распределба на судските предмети, се повредувал и членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, според кој „При утврдувањето на неговите граѓански права и обврски или какво било кривично обвинение против него, секој има право на фер и јавно сослушување во разумен рок од независен и непристрасен трибунал основан со закон.“

Со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Судскиот деловник, изрекување на времена мерка така што ќе се запре извршувањето на овие одредби од Судскиот деловник, а потоа да се укинат член 174 ставови 2 и 3, член 178 став 2, членови 179, 180 и 181 од Судскиот деловник („Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2013).

3. Судот на седницата утврди дека:
а) Во Воведот на Судскиот деловник (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.66/2013), како и во Воведот на Деловникот за изменување и дополнување на Судскиот деловник (објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2014), се наведува дека основата за нивното донесување е член 84 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010), според кој „Министерот за правда донесува Судски деловник, по претходно мислење на општата седница на Врховниот суд на Република Македонија.“
Судскиот деловник има 380 члена распоредени во 24 глави.

б) Во врска со „автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети“, Судскиот деловник го определува следното:
– според членот 1 од глава I „Воведни одредби“ на Судскиот деловник, „Со Судскиот деловник се уредуваат внатрешната организација на судовите, начинот на работењето на судовите, водењето на евиденции за предметите, водењето на уписници и други помошни книги и книги за евиденција, постапувањето со списите, обрасците, работата по меѓународната правна помош и постапувањето по претставките и предлозите, повикувањето и распоредувањето на судиите-поротници, поставувањето на постојаните судски преведувачи, толкувачи и вешти лица, водење статистика и евиденција и стручно усовршување на кадрите, правилата за односи со јавноста, посебните ознаки на судските возила, информатичкиот систем во судовите, аудиовизуелно снимање на расправа, како и други прашања од значење за работата на судовите“;
– членот 4 од глава II „Значење на изразите“ на Судскиот деловник, посветен на значењето на одделни изрази употребени во овој деловник, во алинеја 3 утврдува дека: „автоматизиран компјутерски систем за управување со судските предмети е интегриран компјутерски систем во кој се запишуваат сите судски дејствија“;
– членовите 8-10 од глава III „Судска управа“ на Судскиот деловник пропишуваат дека:
*член 8: „За употребата и унапредувањето на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети во судовите, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија формира Работно тело за стандардизација на постапките во судовите“, дека
*член 9: наведеното работно тело „одговара пред претседателот на Врховниот суд“ (став 1) и дека Работното тело е составено од: член на Судскиот совет на Република Македонија, еден судија на Врховниот суд, еден судија на Вишиот управен суд, еден судија на Управниот суд, по еден судија од секое апелационо подрачје, двајца судии од основните судови, овластен претставник на центарот за информатика во Врховниот суд и координатор-технички секретар вработен во Врховниот суд (став 2), при што
*член 10: наведеното работно тело „донесените упатства и заклучоци задолжително ги објавува на веб страницата на Врховниот суд на Република Македонија и ги доставува до Комисијата формирана од министерот за правда“ (точка 2), како и дека му предлага на претседателот на Врховниот суд, меѓу другото, „критериуми за автоматската распределба на предметите на судиите и е одговорно за дефинирањето и промената на овие критериуми“ (точка 3);
– членовите 14 и 16 исто така од глава III „Судска управа“ на Судскиот деловник определуваат дека:
*член 14: „Претседателот на судот се грижи за обезбедување на неопходните кадровски, технички и организациони услови за функционирање на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети“ и дека
*член 16: „Претседателот на судот формира работно тело за управување со движењето на предметите во судот, а на предлог на работното тело ги донесува внатрешните процедури за одделни процеси при управувањето со движењето на предметите во судот и го донесува годишниот план за управување со движењето на предметите во судот и спречување на создавање заостаток, намалување на заостатокот на нерешени предмети и застојот на движењето на предметите во судот, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите“.

в) Во врска со „автоматска распределба на предметите“, членот 174 од глава X „Работа по примени поднесоци“ на Судскиот деловник определува:
*во ставот 1, „Автоматската распределба на предметите во судот се врши преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети на начин со кој се обезбедува секој судија во судот да добие во работа подеднаков број на предмети по дефинирани критериуми од Работното тело за стандардизација во Врховниот суд на Република Македонија“;
*според оспорениот став 2 на член 174, „Дополнителните критериуми кои се користат во автоматската распределба на предметите ги утврдува Работното тело за стандардизација“;
*оспорениот став 3 од член 174 пропишува дека: „Претседателот на секој суд одредува кои критериуми во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети се користат при автоматската распределба на предметите во секој оддел и одговорен е за добивање на рамномерен број на предмети кај судиите“.

г) Во врска со „автоматска прераспределба на предметите“ Судскиот деловник го пропишува следното:
– во членот 177 од глава X „Работа по примени поднесоци“: „Предметите распределени на судијата може повторно да се распределат на друг судија, по донесено решение на претседателот на судот заведено во СУ уписник, а причина за прераспределба на предмети може да биде: (!) барање за изземање на судија (од странките, од судијата, одлука на повисок суд и др.), (!) судијата повеќе да не работи на одреден вид предмет, (!) доделен нов судија за одреден вид предмет, (!) отсуство на судија за предмет од итен карактер кој не трпи одлагање на постапката“;
– според член 178 став 1 од Судскиот деловник, „По барање за изземање на судија на кого му е распределен предметот, претседателот на судот по донесена одлука за изземање на судијата, донесува одлука за повторна автоматска распределба на предметот (во тој случај во автоматската распределба не учествуваат судиите кои биле изземени во овој предмет)“;
*оспорениот член 178 став 2 од Судскиот деловник гласи: „По барање за изземање или ненадејно отсуство на судија член на совет, претседателот на судот со одлука за изземање на тој судија, заведена во уписникот за изземање „ИЗЗ“, ќе определи судија кој ќе го замени судијата кој е изземен“;
– понатаму, во оспорениот член 179 став 1 од Деловникот се предвидува дека: „Во случај кога судијата повеќе не работи со одреден вид предмети (разрешен, распореден во друг оддел, распореден на друг вид на предмети, подолго отсуство), претседателот на судот донесува изменување и дополнување на Годишниот распоред за работа на судот“;
*според оспорениот став 2 на член 179 од Судскиот деловник, „Прераспределбата на предметите во случајот од ставот 1 на овој член може да биде со доделување на сите предмети на одреден судија (најчесто тоа е новоизбран или новораспореден судија во тој оддел, вид предмет) или ако не е одреден судија преку автоматска прераспределба на сите предмети од судијата на сите судии во одделот кои работат со тој вид предмети“;
– оспорениот член 180 определува дека: „Предметите што се евидентирани во уписник за кој е задолжен само еден судија со самото евидентирање му се распределуваат на судијата“;
– оспорениот член 181 став 1 од Судскиот деловник определува дека: „Ако има новоизбран или новораспореден судија во одреден оддел по видот на предмет, претседателот на судот одлучува за моделот по кој ќе му се доделат предметите за работа“;
*оспорениот став 2 на член 181 предвидува дека: „Првиот модел е со доделување на сите предмети на одреден судија (најчесто новоизбран или новораспореден судија во тој оддел, вид предмет), кој ги добива во работа сите неархивирани предмети од друг судија (нерешени и решени предмети за кои постапката продолжува)“;
*оспорениот став 3 на член 181 уредува дека: „Според вториот модел, судијата добива само новоформирани предмети преку вклучување на судијата во автоматската распределба на предмети со иницијална вредност, кој претставува процент од најнискиот број на предмети кај активните судии кои работат со тој вид предмет. Процентот го одредува претседателот на судот“;
*во оспорениот став 4 од член 181 се пропишува дека: „Третиот модел е прераспределба на предмети доделени на судии кои работат со тој вид предмети. Не се прераспределуваат предметите во кои е заклучена расправата или претресот или седницата на советот, како и повторно заведените предмети“;
*според оспорениот став 5 на член 181, „Вкупниот број на предмети кои треба да му се доделат на новиот судија се определува на начин што од вкупниот број на предмети кои ги исполнуваат условите наведени во ставот 4 од овој член се дели со бројот на судии кои ќе работат на предметите и така добиениот број на предмети се доделуваат автоматски“;
*оспорениот став 6 на член 181 гласи: „Фондот на предметите на новиот судија се определува од вкупниот број на предмети хронолошки по датумот на прием“.
д) Во врска со правилната примена на Судскиот деловник, па и на одредбите што се однесуваат на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети и на автоматска распределба и автоматска прераспределба на предметите, Судскиот деловник определува:
– во член 2 став 6: „За давање на стручни мислења за примената на овој деловник и неговото усогласување со законите, од страна на министерот за правда со формира Комисија која дава стручни мислења за неговата примена и усогласување со законите“;
– според член 2 став 7 од Судскиот деловник, „Комисијата од ставот 6 на овој член е составена од седум члена: еден судија од Врховниот суд на Република Македонија (претседавач на Работното тело за стандардизација на постапките во судовите), еден член на Судскиот совет на Република Македонија, еден судија на Виш управен суд, еден судија од апелационен суд, еден судија од основен суд и двајца претставници од Министерството за правда – претседавач и координатор на Комисијата“.

4.а) Во врска со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети и распределба на судските предмети, Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019) го определува следното:
– Членот 6 од глава I. „Основни начела“ на Законот пропишува дека:
*став 1: „Секој има право на еднаков пристап пред судот во заштитата на неговите права и правно заснованите интереси“ и
*став 2: „При одлучувањето за граѓанските права и обврски и при одлучувањето за кривичната одговорност, секој има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд основан со закон“;
– Во членот 7 од глава I. „Основни начела“ на Законот се определува дека: „Предметите што доаѓаат во судот на одлучување се распределуваат електронски меѓу судиите според времето на приемот на предметот во судот, со исклучување на секакво влијание врз начинот на распределба од страна на претседателот на судот, судијата или судската администрација преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, согласно со закон“;
– Според член 79 од глава V. „Престанок и разрешување од судиска функција“ на Законот, „Претседател на суд се разрешува од функција претседател, кога Судскиот совет на Република Македонија во постапка ќе утврди исполнување на некои од следните основи:“
*„неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети“ (алинеја 4) и
*„повреда на одредбите за донесување и измена на Годишниот распоред на судии“ (алинеја 5).
– Понатаму, во членот 84 од глава VI. „Правосудна управа“ на Законот, се предвидува дека:
*став 1: „Министерот за правда донесува Судски деловник, по претходно позитивно мислење на општата седница на Врховниот суд на Република Македонија“, дека
*став 2: со Судскиот деловник се уредува, меѓу другото, информатичкиот систем во судовите, дека
*став 3: „Надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник врши Министерството за правда, без притоа да се наруши самостојноста и независноста на судската функција, согласно со Планот за надзор кој го донесува министерот за правда најдоцна во декември во тековната година за следната календарска година“;
*Според ставот 4, „Надзорот од ставот 3 на овој член го врши комисија формирана од министерот за правда составена од двајца претставници од Министерството за правда, дипломирани правници со најмалку 10 години стаж на правни работи по полагање на правосудниот испит и двајца информатичари обучени за функционалноста и начинот на работа на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети“.
*Во ставот 5 од истиот член на Законот се определува дека: „За извршениот надзор комисијата од ставот 4 на овој член изготвува извештај за констатираната состојба и предлог-мерки за отстранување на утврдени неправилности. Примерок од извештајот се доставува до судот, непосредно повисокиот суд, Врховниот суд на Република Македонија и до Судскиот совет на Република Македонија“.
– Според член 88 од глава VII. „Судска управа“ на Законот,
*став 2: „Претседателот на судот ја обезбедува примената на Судскиот деловник“,
*став 3: „Претседателот на судот го утврдува распоредот на работите во судот по претходно прибавено мислење од (!) седницата на судиите и (!) општата седница на Врховниот суд“,
*став 4: „Претседателот на судот го заменува судија што тој ќе го определи со годишниот распоред за работа кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и во однос на останатите судии има добиено најголем број бодови“.
– Членот 99 од глава VIII. „Судски информатички систем“ на Законот определува дека:
*став 1: „Во Врховниот суд на Република Македонија се формира центар за информатичка технологија надлежен за техничко управување со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, судскиот портал и базите на податоци кои произлегуваат од работата на судовите“;
*Според ставот 2 од истиот член, „Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија е одговорен за функционирање на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети во судовите“;
*Ставот 3 гласи: „Во Врховниот суд на Република Македонија се формира работно тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите во состав од еден судија на Врховниот суд на Република Македонија, по еден судија од секој апелационен суд, еден судија од Управниот суд, еден судија на Виш управен суд, еден судија од основен суд, администраторот на Врховниот суд на Република Македонија и тројца информатичари од судовите“;
*Во ставот 8 од член 99 на Законот се утврдува дека: „Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија со подзаконски акт го определува начинот на функционирање на информатичкиот систем во сите судови, по претходна согласност од општата седница на Врховниот суд на Република Македонија“.

Од изнесените законски одредби произлегува дека:
– со Законот за судовите се воспоставува автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети со цел да се врши *електронска распределба на предметите меѓу судиите и *исклучување на секакво влијание врз начинот на распределба на предметите (член 7),
– тоа претставува еден од начините на обезбедување на *правото на граѓаните на еднаков пристап пред судот (член 6 став 1) и на *правото на граѓаните на правично судење пред непристрасен суд (член 6 став 2),
– претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија го определува, со подзаконски акт, начинот на функционирање на информатичкиот систем во сите судови, по претходна согласност од општата седница на Врховниот суд (член 99 став 8) и тој е одговорен за функционирањето на тој систем во целина (член 99 став 2),
– во врска со информатичкиот систем во сите судови, во Врховниот суд на Република Северна Македонија се формира работно тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети во судовите, составено од компетентни лица – судии и информатичари (член 99 став 3),
– покрај тоа, во Врховниот суд на Република Северна Македонија се формира центар за информатичка технологија надлежен за техничко управување со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, судскиот портал и базите на податоци кои произлегуваат од работата на судовите (член 99 став 1), а
– претседателот на секој конкретен суд донесува годишен распоред за работа (член 88 став 4), со кој го утврдува распоредот на работите во судот откако претходно ќе прибави мислење од *седницата на судиите и од *општата седница на Врховниот суд (член 88 став 3), како и ја обезбедува примената на Судскиот деловник (член 88 став 2) и
– доколку претседателот на конкретен суд не ги применува одредбите за распределба и за управување со судските предмети, или ги повредува одредбите за донесување и изменување на Годишниот распоред на судиите, тој се разрешува од функцијата претседател (член 79 алинеи 4 и 5),
– при сето тоа Законот за судовите го овластува министерот за правда да донесе Судски деловник, по претходно позитивно мислење од општата седница на Врховниот суд (член 84 став 1) и со тој акт да го уреди, покрај другото, и информатичкиот систем во судовите (член 84 став 2), како и
– Министерството за правда да врши надзор над примената на Судскиот деловник, па и на примената на одредбите од тој деловник посветени на информатичкиот систем во судовите без да ја наруши самостојноста и независноста на судската функција (член 84 став 3), при што надзорот и на информатичкиот систем во судовите се врши преку посебна комисија составена од компетентни лица – искусни правници и информатичари, чиј извештај се доставува до конкретниот суд, непосредно повисокиот суд, Врховниот суд и до Судскиот совет на Република Северна Македонија (член 84 ставови 4 и 5).

Воопштувајќи ја содржината на наведените одредби од Законот за судовите произлегува дека, во врска со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, Законот врши прецизно разграничување меѓу:
– претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, кој е законски овластен и одговорен за уредувањето и функционирањето на автоматизираниот компјутерски систем во судството како целина (во што му помагаат општата седница на Врховниот суд, Работното тело за стандардизација при Врховниот суд, Центарот за информатичка технологија во Врховниот суд), од една страна, и претседателите на сите останати судови, кои се законски овластени и одговорни за донесување на годишни распореди за работа на конкретен суд и за спроведувањето на стандардите за постапките при користењето на автоматизираниот компјутерски систем во конкретниот суд (во што им помагаат седницата на судиите од конкретниот суд, општата седница на Врховниот суд), од друга страна, како и меѓу
– судовите, кои се носители на судската власт во чија надлежност е да го спроведуваат информатичкиот систем во судовите уреден со Судскиот деловник донесен од министерот за правда, од една страна, и министерството за правда, како претставник на извршната власт во чија надлежност е да донесува Судски деловник и со него да ги уредува одделните прашања за информатичкиот систем во судовите како и да врши надзор над нивното спроведување но без да ја наруши самостојноста и независноста на судската функција, од друга страна.

б) Автоматизираниот компјутерски систем за управување со судски предмети е уреден и со посебен закон, Законот за управување со движењето на предметите во судовите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020 од 16 февруари 2020 година).
– Во членот 2 од овој закон се определува дека „целите на овој закон се:
*обезбедување на правото на непристрасно избран судија при распределба на предметите во судовите,
*управување со движењето на предметите во судовите во Република Северна Македонија преку користење на автоматизиран компјутерски систем за управување со судски предмети (во натамошниот текст: автоматизираниот систем),
*спречување на застој во движењето на судските предмети,
*спречување на создавање на заостаток на нерешени судски предмети и
*почитување на законските рокови за преземање на процесните дејствија, законските рокови за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки и роковите определени со овој закон.“
– Според член 3 од Законот,
*став 1: „Автоматизираното управување со судските предмети претставува преземање на дејствија од страна на претседателот на судот, судскиот администратор, судиите и судските службеници, од денот на приемот на писмената во судот до денот на правосилно завршување и архивирање на предметите“;
*Во ставот 4 од истиот член на Законот се пропишува дека: „Судовите се должни да постапат по заклучоците на Работното тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот систем во судовите во рокот определен во заклучоците“.
– Членот 4 од Законот определува дека:
*став 1: управувањето со движењето на предметите во судовите се уредува со три вида на акти: внатрешни процедури за управување со движењето на предметите во судот, годишен план за управување со движењето на предметите во судот и спречување на создавање и намалување на заостатокот на нерешени предмети и спречување на застојот на движењето на предметите во судот и утврден список на кориснички групи со степен на достапност до автоматизираниот систем за секој судија и судски службеник, при што
*став 2 и член 6 став 1: актите за внатрешните процедури и годишниот план ги донесува претседателот на судот на предлог на Работното тело за управување со движењето на предметите во судот формирано од претседателот на судот и во состав од судскиот администратор, претседателите на судските оддели и судските службеници, а
*став 3 на член 4: списокот на кориснички групи со степен на достапност до автоматизираниот систем го утврдува судскиот администратор врз основа на распоредот за работа на судиите и судската служба и на предлог на Работното тело за управување со движењето на предметите во судот, со тоа што
*став 4 на член 4: Наведените три акти (внатрешните процедури, годишниот план и списокот на кориснички групи) се донесуваат истовремено со годишниот распоред за работа на судиите и судската служба во судот.
– Според член 5 став 1 од Законот, „Претседателот на судот е должен да ја следи состојбата со управувањето со движењето на предметите во судот, а особено:
*автоматска распределба на предметите (алинеја 3),
*прераспределба на предметите (алинеја 5),
*состојбите со функционирањето на автоматизираниот систем (алинеја 17);
*Ставот 2 од истиот член определува дека: „Обврските од ставот 1 на овој член, претседателот на судот ги извршува секојдневно и непосредно преку следење на евиденцијата и прегледите на задолженија на претседателите на судските оддели, судиите, судскиот администратор, одговорните судски службеници и на секој судски службеник во врска со навремено исполнување на нивните задолженија за управување со движењето на предметите во судот.“
– Во членот 8 од Законот се пропишува дека:
*став 1: „Судијата и судскиот службеник се должни дејствијата во врска со движењето на предметите во судот да ги преземаат истиот ден, а најдоцна до крајот на наредниот ден, доколку поинаку не е определено со закон“, односно
*став 2: најдоцна во рок од три работни дена од денот кога треба да бидат преземени при зголемен обем на работа.
– Членот 10 од Законот предвидува:
*став 1: „Информатичкиот центар на Врховниот суд на Република Северна Македонија води база на правосилни и неправосилни судски одлуки со интегрални текстови без анонимизирање на податоците на странките и другите учесници во постапката“,
*став 2: пристап до базата може да имаат (!) судиите и (!) Судскиот совет на Република Северна Македонија, како и
*став 3: други лица заради научно-истражувачки цели, со тоа што
*став 5: нивоата и пристапот до судските одлуки се уредува со акт на претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија на предлог на Работното тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот систем во судовите.

Од изнесените одредби на Законот за управување со движењето на предметите во судовите произлегува дека:
– со овој закон се уредува, покрај *непристрасно избирање на судија при распределување на предметите во судовите, и *спречување на застој во движењето на судските предмети, потоа *спречување на заостаток на нерешени судски предмети, како и *почитување на законските рокови за преземање на процесни дејствија и за донесување, изготвување и објавување на судските одлуки (член 2),
– автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети ги опфаќа сите дејствија преземени по конкретен предмет формиран во судот, почнувајќи од денот кога судот го примил писменото до денот на правосилно завршување и архивирање на конкретниот предмет (член 3 став 1), и сето тоа на начин определен со заклучоците на Работното тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот компјутерски систем во судовите (член 3 став 4),
– управувањето со движењето на предметите во судовите го уредува претседателот на секој суд одделно, така што донесува два акти -внатрешни процедури за управување со движењето на судските предмети и годишен план за управување со движењето на судските предмети, а на предлог на Работното тело за управување со движењето на предметите во судот составено од лица определени во Законот (член 4 ставови 1 и 2 и член 6 став 1),
– освен со наведените два акти, управувањето со движењето на предметите во судот се уредуваат и со трет акт – список на кориснички групи со степен на достапност до автоматизираниот компјутерски систем за секој судија и судски службеник, кој го утврдува судскиот администратор и *врз основа на распоредот за работа на судиите и судската служба и *на предлог на Работното тело за управување со движењето на предметите во судот (член 4 ставови 1 и 3),
– наведените три акти (внатрешните процедури, годишниот план и списокот на кориснички групи) се донесуваат истовремено со годишниот распоред за работа на судиите и судската служба во судот (член 4 став 4),
– претседателот на конкретниот суд е должен секојдневно и лично да ја следи евиденцијата за управувањето со движењето на предметите во судот, а особено автоматската распределба на предметите, прераспределбата на предметите и состојбата со функционирањето на автоматизираниот компјутерски систем (член 5 ставови 1 и 2),
– судијата и судскиот службеник се должни дејствијата во врска со движењето на предметите во судот да ги преземаат истиот ден или до крајот на наредниот ден, односно најдоцна во рок од три работни дена од денот кога треба да бидат преземени при зголемен обем на работа (член 8 ставови 1 и 2), а
– информативниот центар на Врховниот суд на Република Северна Македонија води база на правосилни и неправосилни судски одлуки, до која база имаат пристап *судиите и *Судскиот совет на Република Северна Македонија, а нивоата и пристапот до судските одлуки се уредува со акт на претседателот на Врховниот суд на предлог на Работното тело за стандардизација на постапките при користење на автоматизираниот систем во судовите (член 10 ставови 1, 2 и 5).

Воопштувајќи ја изнесената содржина на наведените одредби од Законот за управување со движењето на предметите во судовите произлегува дека, во врска со автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети, овој закон прецизно утврдува:
– кои дејствија и за кои цели се преземаат со автоматизираниот компјутерски систем за управување со движењето на судските предмети,
– прецизно го разграничува делокругот на претседателот на конкретен суд, кој е законски овластен и одговорен за донесување на конкретни акти на предлог на посебно работно тело основано во истиот суд (внатрешни процедури, годишен план, годишен распоред за работа) и за начинот на спроведувањето на тие акти (како и на списокот на корисничките групи) меѓу кои е особено следењето на автоматската распределба и прераспределба на предметите и состојбата со функционирањето на автоматизираниот компјутерски систем, од една страна, од делокругот на судиите и судските службеници, кои се законски овластени и одговорни за секојдневно или во кратки со Законот утврдени рокови за преземање на дејствија во врска со автоматизираниот компјутерски систем, од друга страна,
– на тој начин, овој закон врши *продлабочено разработување на одредбите од Законот за судовите поврзани со автоматизираниот компјутерски систем и *заокружување во единствена целина на материјата за автоматизираниот компјутерски систем за управување со предметите во судовите.

в) При таква законска уреденост на автоматизираниот компјутерски систем во судовите, членот 174 од Судскиот деловник го продлабочува уредувањето на материјата за автоматска распределба на судските предмети така што определува дека *секој судија во конкретен суд добива во работа подеднаков број на предмети и *според критериумите дефинирани од Работното тело за стандардизација во Врховниот суд (член 174 став 1), при што оспорениот став 2 од истиот член на Судскиот деловник пропишува можност во конкретен суд, според состојбите со судските предмети во тој суд и нивното надминување, да се применат и дополнителни критериуми за автоматска распределба на предметите утврдени од Работното тело за стандардизација во Врховниот суд, а со оспорениот став 3 од истиот член се задолжува претседателот на конкретниот суд да ги одреди критериумите за автоматска распределба на предметите во секој оддел на конкретниот суд со обврска да предвиди *рамномерен број на предмети кај судиите. Таквото уредување на автоматската распределба на судските предмети е во рамките на законските овластувања и одговорности на претседателите на конкретните судови, утврдени во Законот за управување со движењето на предметите во судовите пред се во член 4 ставови 2 и 4 од тој закон (да донесуваат акт за уредување на внатрешната процедура за управување со движењето на судските предмети, потоа годишен план за управување со движењето на судските предмети и годишен распоред за работа во судот) и не го доведуваат во прашање непристрасното избирање на судијата, односно правото на граѓаните на еднаков пристап пред судот и нивното право на правично судење од непристрасен суд утврдени во членовите 6 и 7 од Законот за судовите. Поради тоа, не може да се постави прашање за законитоста на член 174 ставови 2 и 3 од Судскиот деловник, ниту пак за повреда на уставното начело на еднаквоста на граѓаните утврдено во членот 9 од Уставот.

г) Оспорениот член 178 став 2 и оспорените членови 179, 180 и 181 од Судскиот деловник уредуваат прашања во врска со автоматска прераспределба на судските предмети. Притоа:
-во член 178 став 2 се определува дека во ситуации кога *странка бара изземање на судечкиот судија или кога *ненадејно отсуствува судија член на совет, претседателот на судот ќе определи судија кој ќе го замени судечкиот судија и тоа ќе го направи на начин што ќе донесе одлука за изземање на судечкиот судија и ќе ја заведе во уписникот за изземање „ИЗЗ“;
-членот 179 од Судскиот деловник се однесува на ситуации кога *судечкиот судија повеќе не работи со одреден вид на предмети поради разрешување, распоредување во друг оддел, распоредување на друг вид на предмети, или поради подолго отсуство, па претседателот на судот ќе донесе изменување и дополнување на Годишниот распоред за работа на судот (став 1), при што со тој акт ќе изврши прераспределба на судските предмети на начин што *сите предмети ќе ги додели на одреден судија, ако е новоизбран или прераспореден во тој оддел или е прераспореден на тој вид на судски предмети, или пак *ако не е одреден судија, сите предмети на конкретниот судија преку автоматска прераспределба на предметите ќе се прераспределат на сите судии во одделот кои работат со тој вид на предмети (став 2);
-членот 180 од Судскиот деловник пропишува дека во ситуација кога еден судија е евидентиран во уписник да постапува по одреден вид на предмети, таквите предмети се распределуваат само на тој судија;
-во членот 181, пак, се предвидува дека во ситуации кога има *новоизбран судија или *новораспореден судија во одреден оддел, претседателот на судот одлучува за моделот по кој ќе му се доделат судските предмети за работа (став 1), при што првиот модел е доделување на сите предмети на еден судија кој е новоизбран или новораспореден во тој оддел (став 2), вториот модел е новоизбраниот или новораспоредениот судија добива само новоформирани предмети преку вклучување на судијата во автоматската распределба на предмети (став 3), третиот модел е прераспределба на сите предмети доделени на судиите кои работат со тој вид предмети (став 4) со тоа што вкупниот број на предмети од ставот 4 се дели со бројот на судии кои работат на тој вид на предмети вклучувајќи го и новиот судија и тој број на предмети по судија се доделуваат автоматски (став 5) и од вкупниот број на предмети, на новиот судија му се определуваат хронолошки според датумот на прием (став 6).

Таквото уредување на прераспределбата на судските предмети во специфични ситуации (изземање на судечкиот судија по барање на странка, ненадејно отсуство на судијата, новоизбран судија, новораспореден судија, постапување по одреден вид на судски предмети само од еден судија), како и овластувањето на претседателот на судот за тоа како да постапува во тие ситуации (на пример, да избере еден од пропишаните модели за прераспределба на судските предмети, или да ги додели предметите на еден судија ако само тој постапува по тој вид на предмети), е во рамките на законските овластувања и одговорности на претседателот на судот, утврдени во Законот за управување со движењето на предметите во судовите, претставува објективизација на распределбата и прераспределбата на судските предмети во одредени специфични ситуации и не го доведуваат во прашање непристрасното избирање на судијата, односно правото на граѓаните на еднаков пристап пред судот и нивното право на правично судење од непристрасен суд утврдени во членовите 6 и 7 од Законот за судовите. Поради тоа, не може да се постави прашање за законитоста на член 178 став 2, членовите 179, 180 и 181 од Судскиот деловник, ниту пак за повреда на уставното начело на еднаквоста на граѓаните утврдено во членот 9 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.161/2019
21 јануари 2021 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати