У.бр.160/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 21 јануари 2021 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015, 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/2019).

2. Адвокатот м-р Дељо Кадиев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и со член 30 ставови 1 и 3 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека правото на сопственост било право кое Уставот го гарантирал како една од темелните вредности на уставниот поредок. Впрочем и сите модерни демократски држави, уставни демократии, на правото на сопственост имале ист поглед, односно го сметале за едно од најважните и најбитни права на кои е втемелена една модерна држава.

Токму затоа, правото на сопственост било гарантирано и со членот 1 на Протоколот број 1 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП), кон која конвенција има пристапено и нашата држава и истата е правно обврзувачки документ. Потоа се цитира одредбата, и тоа:

„Секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога тоа е во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право.

Претходните одредби на никој начин не го спречуваат правото на државата да ги примени оние закони кои се неопходни за да се контролира користењето на сопственоста, согласно на општите интереси или да се обезбеди плаќање на даноците или други придонеси или парични казни.“

Натамошна разработка на уставните одредби, како и одредбите од членот 1 на Протоколот број 1 кон ЕКЧП, имало и во одредбите на членовите 8, 9 и 10 од Законот за сопственост и други стварни права.

Она што било битно и произлегувало од сите овие одредби е дека:
– правото на сопственост е неприкосновено право
– правото на сопственост може да биде ограничено само кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Очигледно било дека со оспорената законска одредба законодавецот го ограничувал правото на сопственост. Со одредбата се оневозможувало користење на една просторија за точно определена намена: „во таа просторија да се врши технички преглед на возила“, доколку таа просторија била користена од правно лице на кое му била одземена лиценцата-овластувањето за вршење на технички преглед на возила. Ваквото ограничување траело три години од одземањето на таквото овластување на тоа правно лице.

Се поставувало прашање дали ваквото ограничување на сопственоста претставува ограничување кое Уставот го дозволува, а кое согласно член 30 став 3 од Уставот, било можно единствено доколку се работи за постоење на јавен интерес.

Дали одземањето на лиценца на едно правно лице кое се занимава со вршење на технички преглед на возила всушност имало каква било поврзаност со просторијата во која бил вршен таквиот технички преглед не од аспект на нејзина техничка опременост, нешто кое секако морало да биде исполнето, туку дали таквото одземање на лиценца од која било со закон предвидена причина на тоа правно лице би требало да го оневозможи користењето на таа просторија од било кој друг правен субјект во иднина, односно во нареден период од три години од одземањето на таквата лиценца?

Подносителот на иницијативата смета дека нема таква поврзаност.

Одземањето на лиценцата, односно овластувањето за вршење на технички преглед, на едно правно лице кое се занимава со технички преглед на возила, можело да се должи исклучиво на причини кои не се поврзани со сопственоста на објектот. Можело да биде одземена лиценцата доколку таа просторија повеќе не била доволно технички опремена на начин како што тоа го бара Законот и подзаконските акти. Можело да биде одземена лиценцата доколу правното лице кое ја користи таа просторија стори прекршок заради кој законодавецот предвидел дека може да биде изречена таква санкција со која му се одзема овластувањето на ова правно лице за вршење на дејноста – вршење на технички преглед на возила.

Но, ова правно лице кое се занимава со вршење на дејност технички преглед на возила можело да биде:
1. Сопственик на просторијата во која се врши технички преглед
2. Закупец на просторијата во која се врши технички преглед

Понатаму во иницијативата се дава конкретна разработака на двата случаи.

1. Случај кога правното лице е сопственик на просторијата во која се врши технички преглед:

Доколку на ова правно лице му биде одземено овластувањето за вршење на технички преглед заради изречена прекршочна санкција, се поставувало прашањето, зошто сега ова правно лице да не може оваа просторија да ја издаде на друг правен субјект за истата намена. Вината на правното лице за евентуален прекршок кој довел до одземање на овластувањето, била субјективна и се однесувала токму на тоа правно лице. Не постоела никаква оправдана причина, а уште помалку јавен интерес, таа просторија да не може понатаму да биде користена од друг правен субјект за истата намена.

На овој начин, одговорноста на еден правен субјект, кој бил санкциониран со одземање на овластувањето за вршење на технички преглед, која одговорност била субјективна, се префрлала и на објективен план, односно се протегала и на самата просторија, за што не постоело никакво оправдување.

Ваквото нешто претставувало двојно санкционирање, на кое можело да се гледа и како казнување без законски основ. Ова затоа што тој правен субјект, сопственик на оваа просторија, сега бил оневозможен истата просторија да ја отуѓи на друг правен субјект кој би сакал истата да ја купи за таа намена. Тоа претставувало ограничување на правото на сопственост кое немало никаков јавен интерес, но само претставувало двојно казнување на субјектот кој ја изгубил лиценцата. Тој сопственик бил исто така, оневозможен и да ја издаде под закуп за таа намена оваа просторија.

2. Случај кога правното лице е закупец на просторијата во која се врши технички преглед:

Оваа ситуација била уште поригидна и без никаква правна логика.

Доколку правното лице кое врши дејност и има овластување за технички преглед на возила било закупец на просторијата во која се врши техничкиот преглед, ја изгуби лиценцата, односно овластувањето за вршење на технички преглед, сега се санкционирал сопственикот на таа просторија.

Во ваков случај, сопственикот на просторијата, кој на никаков начин не го повредил законот, а бил сопственик на технички опремена просторија за вршење на технички преглед на возила, кое нешто подразбирало дека во таа просторија извршил дополнителни вложувања заради определена намена на таа просторија, ќе бил оневозможен истата просторија да ја издаде под закуп на трето лице, на трет правен субјект кој евентуално би сакал истата просторија да ја земе под закуп и во истата да врши дејност на технички преглед на возила.

Не постоела никаква одговорност на сопственикот за евентуалните дејствија на неговиот закупец кои би се коселе со закон и би го довеле до негово губење на овластувањето да врши технички преглед.

На ваков начин би дошло до казнување на самиот сопственик на просторијата кој немал никаква одговорност за такви дејствија.

На тој начин се повредувала правната сигурност на граѓаните и се повредувало основното уставно начело на „владеењето на правото“.

Подносителот на иницијативата смета дека во ниту еден случај заради дејствија на друг и заради изречена санкција на друг, не може да биде санкциониран сопственикот во користењето на неговата сопственост. Тоа би довело, од аспект на сопственикот, до т.н. „објективна одговорност“, односно одговорност без да има какви било дејствија, кои би го санкционирале, ограничиле неговото право на сопственост.

Подносителот на иницијативата смета дека не постои никаков „јавен интерес“ во ограничувањето на правото на сопственост на сопственикот на просторијата во која се вршело технички преглед, а кое ограничување го воведувала оспорената законска одредба.

Одговорноста од губењето на овластувањето за вршење на технички преглед била на субјектот кој заради определени со закон причини го изгубил таквото овластување, но никако не би смеело да доведе до ограничување на правото на сопственост на сопственикот на објектот – просторијата во која тој правен субјект вршел дејност. Тоа немало никакво оправдување во „јавен интерес“.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 62-a став 5 алинеја 4 од Законот за возила, кон барањето за добивање овластување за вршење работи на технички преглед на возила, правното лице до Министерството за внатрешни работи доставува доказ дека објектот за технички преглед на возила од членот 64 од овој закон да не бил користен од правно лице на кое му било одземено овластувањето за вршење на технички преглед на возила во последните три години, сметано од денот на доставување на барањето од ставот 2 на овој член.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Ванчо Велинов од Скопје, со Одлуката У.бр.123/2019 од 9 декември 2020 година, го укина член член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015, 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/2019). Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 308/2020 од 23 декември 2020 година, од кој датум наведената одредба од Законот повеќе не е дел од правниот поредок на Република Северна Македонија.

Со оглед на фактот дека и со иницијативата на адвокатот м-р Дељо Кадиев од Скопје, се бара оценување на уставноста на член 62-а став 5 алинеја 4 од Законот за возила, која одредба е укината со Одлуката на Уставниот суд и која повеќе не е во правниот поредок, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на истата.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.160/2019
21 јануари 2021година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати