Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати, денес оствари протоколарна средба со Амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри.
Амбасадорот Андреа Силвестри на почетокот на средбата се заблагодари за приемот и истакна дека, како новоименуван италијански амбасадор, оваа посета на Уставниот суд е со цел изворно да се запознае со работата на една од највисоките институции во државата.
Претседателот на Судот, г. Мурати, ја презентираше уставната положба на Суд, историјатот и надлежностите на оваа институција, како и состојбите и предизвиците со кои Судот се соочува заради остварување на целосна административна, функционална и финансиска независност. Притоа, претседателот Мурати, го запозна Амбасадорот Силвестри и со последните измени и дополнувања на поголем број одредби од Деловникот на Судот, направени со цел што побрзо да се обезбеди незавиноста во сите сегменти од работата на Судот. Во таа насока, претседателот Мурати укажа дека за прв пат оваа година Судот има зголемен Буџет од 32%, а со донесувањето на актите за внатрешна систематизација се создаваат правни предуслови за административно осамостојување на стручната служба во Судот.
Исто така, претседателот Сали Мурати истакна дека последнава година Судот бележи зголемена транспарентност во однос на својата работа, и покрај рестрикциите поради КОВИД-19, одржа повеќе подготвителни седници со што се даде можност и на научната фела да даде свој придонес при анализата на битни прашања што се предмет на оценка на Судот.
Амбасадорот Андреа Силвестри укажувајќи на историските и културни врски на двете земји, потенцира дека римското право е еден од столбовите врз кои се создаде денешното континентално право и најави можност за донирање на стручна литература за збогатување на фондот на библиотеката во Уставниот суд.
На средбата беше искажана желба за продлабочување на пријателските односи помеѓу уставните судови на двете земји и отпочнување на билатерална соработка заради размена на искуства од областа на уставната правда.