На покана од претседателот на Уставниот суд на Република Турција, проф.д-р Зухту Арслан, во период од 27 до 31 јануари делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе оствари работна посета на Република Турција.
Делегацијата ја предводи претседателот на Судот, Сали Мурати, а во состав од судиите Елена Гошева, Јован Јосифовски и д-р Осман Кадриу и советникот м-р Љубица Ангелова.
Во рамките на работната посета ќе се разменат мислења и искуства за актуелни уставно правни прашања од посебен интерес за двата Суда и тоа:
1) Постигнувања во областа на човековите права во Туција со воведување на индивидуална жалба како правен лек пред Турскиот уставен суд и ефектот на механизмот „индивидуална жалба“ во однос на жалбите поднесени против Турција пред Европскиот суд за човекови права; и
2) Заштита на основните слободи и права во правниот систем на Република Северна Македонија со посебен овсрт на уставно судската пракса и предизвиците пред Уставниот суд на Република Северна Македонија
Покрај работниот дел од средбата, Делегацијата ќе има и бројни средби со претставници на највисоките судски власти, а ќе биде примена и од највисокиот државен врв на Република Турција.
Посетата се реализира врз основа на Меморандумот за разбирање и билатерална соработка, согласно кој досега се организирани бројни настани и има за цел понатамошно продлабочување на извонредно блиската и пријателска соработка помеѓу двата Суда.