У.бр.66/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 16 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2; членот 3; членот 4; членот 5; член 6 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8; членот 7; членот 16; член 19 ставови 1 и 8; членот 22 и член 24 став 1 од Правилникот за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта заведен под број 07-9992/3 од 5 јуни 2014 година донесен од страна на министерот за образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013 и 201/2014).

2. Мирослав Андоновски од Прилеп, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитира содржината на оспорените одредби од Правилникот за кој е наведено дека е во спротивност со член 8 алинеи 3 и 4 од Уставот, се образложува дефинирањето на училишните екскурзии и не постоењето основ во членот 24-а од Законот за средното образование. Подносителот на иницијативата смета дека со регулираните прашања во Правилникот се излегувало надвор од овластувањата коишто му биле дадени на министерот за образование. Особено загрижувачки биле одредбите од членот 4 од Правилникот во однос на составот на стручниот тим во поглед на неговата бројност, немало одредби со кои ќе се определувала економската состојба на учениците, односно со Правилникот се уредувал само начинот како се организирале екскурзиите, а не и правата на учениците.

Според наводите во иницијативата спорно било прашањето за тоа дали некој друг може да одлучува во име на тој што ги сноси целокупните трошоци за екскурзијата, односно родителите, кои пак најмалку имале влијание за изборот на давателот на услуги. Одредбата од членот 22 од Правилникот внесувала голема конфузија во постапката во однос на предвиденото право на жалба, се оставало простор за злоупотреба на правата од страна на учесниците во постапката и од страна на градоначалникот на општината односно министерот кои имале неограничено право на одлучување во поглед на тоа што се можело да биде прифатено како повреда на постапката за организирање на екскурзиите. Поради наведеното во иницијативата, со ваквиот начин на организирање на екскурзиите во целост се нарушувал принципот на владеење на правото и поделбата на власта. Со оспорените одредби од Правилникот, според наводите во иницијативата министерот излегол надвор од уставните и законските овластувања и му дал на директорот на средното училиште одредени овластувања коишто пак ги немал и затоа не се обезбедувало владеење на правото ниту пак се почитувал принципот на поделба на власта и се предлага поведување на постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените членови од Правилникот.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 24-а став 11 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија” број 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/2003, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13 и 41/14), министерот за образование и наука, донесе

ПРАВИЛНИК
за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта

ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој правилник се пропишува начинот на изведувањето на училишните екскурзии на учениците од средните училишта.

Член 2

Училишните екскурзии претставуваат облик на воспитно-образовна работа кој се остварува преку различни активности надвор од училиштето со посети на: природни и туристички места, образовни, културни и спортски установи, техничкотехнолошки објекти и други локалитети, во согласност со одредени цели и задачи од наставните програми и подрачја за развивање и остварување на различните интереси на учениците.

II. ВИДОВИ ЕКСКУРЗИИ

Член 3

Училишните екскурзии може да бидат: – екскурзии поврзани со теми и содржини од наставните програми, – завршни екскурзии, – стручно-истражувачки екскурзии и – спортско – рекреативни екскурзии. Екскурзиите поврзани со теми и содржини од наставните програми се задолжителни и опфаќаат посета на театарска претстава, посета на опера и балет, како и посети на музеи во Република Македонија. Завршните екскурзии опфаќаат активности за запознавање на културни и естетски вредности во Република Македонија или во друга држава. Стручните и истражувачки екскурзии опфаќаат активности за постигнување на интегрирани цели од повеќе наставни програми што се од интерес на струката, проектните активности или слободните часови на училиштето. Спортско – рекреативни екскурзии опфаќаат: зимување, летување, зимски/летни школи, кампување и еднодневни излети кои се изведуваат надвор од училиштето за градење и остварување на спортска култура и навики за здрав живот, забавно-рекреативни и социјализациски цели.

III. ЦЕЛ И ЗАДАЧИ НА УЧИЛИШНИТЕ ЕКСКУРЗИИ

Член 4

Училишните екскурзии на учениците имаат за цел усвојување и проширување на знаења, развивање на различните интереси на учениците, примена на вештини и ставови преку непосредно запознавање на појавите, како и 2 односи во природната и општествената средина, културно-историските знаменитости, индустриските и земјоделските капацитети, во согласност со воспитно-образовната работа на училиштето.

Член 5

Задачите на училишните екскурзии се: – развивање позитивен однос кон националните, уметничките, научните и општокултурните вредности во Република Македонија; – запознавање на различните култури и знаменитости во други земји; – истражување на интегрирани теми и области во природното, општествеото и техничко – технолошкото подрачја; – развивање интерес и грижа за природата и практикување на еколошки навики; – запознавање со културата и начинот на живеење на луѓето во одделни краеви; – развивање чувство за патриотизам, толеранција и соживот; – формирање на позитивен однос кон националните, интернационалните, културните и естетските вредности; – поттикнување и манифестирање на позитивни емоции, другарување и поддршка, солидарност и подобро взаемно запознавање; – формирање на демократски ставови, социјализација, колективна заштита и стекнување на нови сознанија и искуства; – остварување на потребите за спортски активности, рекреација и создавање на култура за здраво живеење.

IV. ПЛАНИРАЊЕ, ПРОГРАМИРАЊЕ И УСЛОВИ ЗА ОРГА

Член 6

Со Годишната програма за работа на училиштето се опфаќа и планот и содржината на екскурзиите кои подразбираат реализација на делови од наставниот план и наставните програми. Врз основа на Годишната програма за работа на училиштето се изготвува Програма за училишните екскурзии. Училишниот одбор со одлука формира стручен тим за подготовка на Програмата за училишните екскурзиите за тековната учебна година. Стручниот тим го сочинуваат директорот на училиштето, раководителот на екскурзијата, класните раководители, стручните соработници и дел од наставниците кои реализираат настава во траење од најмалку една година во паралелките кои одат на екскурзијата . Наставниците од став 4 на овој член се определуваат од стручните активи на наставниците во училиштето. Директорот на училиштето именува раководител на училишната екскурзија од редот на наставниците кои реализираат настава во паралелките со кои ќе се изведе училишната екскурзијата. Програмата за училишната екскурзија треба да содржи податоци за: – воспитно-образовните цели, – задачите, – содржините и активностите, – раководителот на екскурзијата, наставниците и учениците, – времетраењето, – локациите за посета и правците на патување, – техничката организација и – начинот на финансирање. 3 За подготовките од стручно – педагошки и техничко-организационен и безбедносен карактер и изведувањето на училишните екскурзии се грижи стручниот тим од став 3 на овој член.

Член 7

За секоја програма за училишни екскурзии која ја изработува стручниот тим, одделно мислење даваат Советот на родителите и Бирото за развој на образованието, освен за екскурзиите поврзани со теми и содржини од програмите кои се задолжителни и опфаќаат посета на театарска претстава, посета на опера и балет, како и посети на музеи во Република Македонија. Врз основа на мислењата од став 1 на овој член училишниот одбор на училиштето ја одобрува програмата за училишни екскурзии најмалку 20 дена пред реализација на ексурзијата.

Член 16

За оние ученици кои од економски причини не можат да учествуваат на училишните екскурзии, директорот може да обезбеди нивно учество со користење на поволности кои ги нуди агенцијата која учествува во изведувањето на наведените активности или од сопствени извори на училиштето, донации, спонзорства и други извори на училиштето.

IV. НАЧИН НА ОРГАНИЗАЦИЈА И ИЗВЕДУВАЊЕ НА УЧИЛИШНИТЕ ЕКСКУРЗИИ

Член 19

За избор на правен субјект за изведување на екскурзиите училиштето, во име на родителите, спроведува постапка за прибирање понуди со објавување на јавен оглас во најмалку два дневни весника, од кои најмалку во по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат јазик различен од македонскиот јазик. Истовремено училиштето го истакнува огласот и на видно место на влезот во училишната зграда. Постапката ја спроведува Комисија формирана со одлука на Училишниот одбор. Комисијата е составена од пет членови и тоа три члена од редот на Советот на родители од генерацијата за која се спроведува екскурзијата и два члена од редот на наставниците. Претседател на комисијата е еден од членовите на комисијата од Советот на родители. Комисијата го подготвува огласот во вид на покана за доставување понуди, наведувајќи ги особено, описот на услуга, минималните услови кои треба да ги исполни понудувачот, документите кои треба да ги достави понудувачот, информации за вредноста на банкарската гаранција за квалитетно извршување на договорот која може да биде во висина од 5% до 15%, како и крајниот рок, местото и начинот за доставување на истите. Трошоците за објавување на огласот се на сметка на училиштето. Описот на услугата се подготвува согласно Програмата за екскурзии и други слободни активности во училиштето. Минималните услови кои треба да ги исполни понудувачот се подготвуваат согласно член 19 од овој правилник. Рокот за доставување на понуда не смее да биде пократок од пет работни дена. Комисијата ќе пристапи кон евалуација доколку е добиена најмалку една понуда. Комисијата спроведува евалуација, подготвува извештај од евалуација и дава предлог за избор на најповолен понудувач или предлог за поништување на постапката во рок од пет работни дена од денот утврден како краен рок за доставување понуди. Комисијата може да даде предлог за поништување на постапката во следните случаи доколку: – не е поднесена ниту една понуда, – не е поднесена ниту една прифатлива понуда, – цените во понудата се понеповолни од реалните пазарни цени и/или – Комисијата не може да изврши споредба на понудите заради различен пристап на понудувачите при формирање на цената на понудата. Училишниот одбор во рок од пет работни дена донесува одлука за избор или одлука за поништување на постапката.

Член 22

Неизбраните понудувачи имаат право на жалба, преку училиштето, до градоначалникот на општината, односно до градоначалникот на град Скопје, во рок од осум дена од денот на добивањето на одлуката за избор на најповолна понуда. Неизбраните понудувачи имаат право на жалба, преку државното средно училиштето, до Министерство за образование и наука, во рок од осум дена од денот на добивањето на одлуката за избор на најповолна понуда. Министерот за образование и наука формира комисија која одлучува по жалбата од ставот 2 на овој член. Училиштето, во рок од три дена од денот на приемот на жалбата, со целокупната документација од спроведената постапка ја доставува до градоначалникот, односно до Министерство за образование и наука. Градоначалникот, односно министерот за образование и наука одлучува по жалбата во рок од 15 дена од денот на добивањето на жалбата.

Член 24

Директорот на училиштето склучува договор со понудувачот кој понудил најниска цена и ги исполнува критериумите од член 21 став 2 од овој правилник за изведување на училишната екскурзијата.

Договорот кој го склучува директорот на училиштето со понудувачот треба да содржи се што е наведено во понудата, согласно барањето за прибирање на понуди, како: -поединечната и вкупната цена на услугата (сместување, превоз и исхрана); – услови за сместување, мени за исхрана и превоз; – во цената влегува и патничкото и здравствено осигурување на учениците; – начинот на плаќањето; – водичи, број на наставници и лекар; – поволности за учениците кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. На денот на потпишувањето на договорот избраниот понудувач доставува банкарска гаранција за квалитетно изведување на екскурзијата во висина од 5- 15% од вкупната вредност на договорот. Составен дел на договорот се и условите предвидени со понудата и Програмата за екскурзијата на училиштето.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно членот 1 од Законот за средното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003 – исправка, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015, 30/2016, 127/2016, 67/2017, 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 229/2020), се уредува организацијата, функционирањето и управувањето во средното образование, како дел од системот на воспитанието и образованието.

Според членот 2 од Законот, во средното образование се остваруваат планови и програми за гимназиско и стручно образование. Средното образование се остварува во средни училишта кои се организираат како јавни училишта (државни и општински, односно училишта на Град Скопје) и приватни училишта.

Дејноста што се остварува во средното училиште е од јавен интерес и се врши како јавна служба.

Средното училиште има својство на правно лице и се запишува во Централниот регистар на Република Македонија.

Врз основа на член 24-а став 11 од Законот за средното образование, министерот за образование и наука, донесе Правилник за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта.

Согласно член 24-а став 1 од Законот за средното образование, уредено е дека за развивање на различните интереси на учениците, средното училиште организира училишни екскурзии коишто се определени со годишната програма за работа на училиштето. Учениците во училишните екскурзии се вклучуваат доброволно (став 2). За учениците што покажуваат особен успех по одделни предмети се организираат натпревари на општинско, регионално и државно ниво (став 3). Натпреварите ги организираат акредитирани здруженија на наставници (став 4). Здруженијата на наставниците треба да бидат акредитирани од Министерството,на предлог на комисија за акредитација на здруженија на наставници формирана од министерот, во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето за акредитација на натпревари на ученици (став 5). Комисијата е составена од седум членови, од кои по двајца се претставници од Mинистерството, Бирото и Центарот за стручно образование и обука и еден претставник од мнозинскиот синдикат на наставници (став 6). Еден член од комисијата е претседател, кој го именува министерот (став 7). Основни критериуми за акредитација на здруженијата на наставници за организирање на натпреварите се: натпреварите на учениците да се организирани од страна на наставници што 11 изведуваат настава по одделен наставен предмет (сроден предмет или научна област на која припаѓа наставниот предмет), здруженијата на наставниците да се регистрирани како здружение најмалку три години до денот кога аплицираат за организирање на натпревари и да обезбеди организирање на натпревари на целата територија на Република Македонија на сите наставни јазици (став 8). Здружението на наставници за добивање на акредитација за организирање на натпреварите до Министерството поднесува барање следната документација во прилог, и тоа: – документ за регистрирана дејност од Централен регистар на Република Македонија, – тековна состојба на здружението на наставници издадена од Централен регистар, – биланс на состојба и биланс на успех на здружението на наставници издадена од Централен регистар, – статут на здружението на наставници, – правилник за организирање на натпреварите на здружението на наставници и – тригодишен календар за спроведување на натпреварите за учениците во основните училишта во кои ќе бидат содржани наставните предмети, временскиот период за реализација на натпреварот и одговорните наставници кои ќе бидат вклучени во организација и реализација на секој од натпреварите (став 9). Образецот на барањето од ставот 8 на овој член и потребната документација за издавање на акредитација за организирање на натпревари ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на образованието во согласност со министерот за информатичко општество и администрација (став 10). Овластеното службено лице од Комисијата кое ја води постапката од ставот 5 на овој член е должно во рок од три дена од денот на приемот на барањето за акредитација за организирање на натпревари, по службена должност да побара документација од ставот 8 алинеите 1, 2 и 3 на овој член за која надлежниот јавен орган води службена евиденција (став 11). Овластеното службено лице од надлежниот јавен орган од кој е побарана документацијата од ставот 8 алинеите 1, 2 и 3 на овој член е должно да ја достави бараната документација во рок од три дена од денот на приемот на барањето (став 12). За освоено прво место на натпревар на државно ниво на ученикот и неговиот наставник им се доделува парична награда, чија висина ја утврдува министерот, на предлог на комисијата од ставот 6 на овој член (став 13). Ако е освоено прво место на натпревар на државно ниво од група ученици, на учениците и на нивниот наставник им се доделува парична награда, чија висина ја утврдува министерот, на предлог на комисијата од ставот 6 на овој член (став 14). Висината на паричната награда од ставот 12 на овој член е во износ најмногу до 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Републиката во последниот месец пред доделувањето на наградата (став 15). Висината на паричната награда од ставот 12 на овој член за групата ученици е во износ најмногу до една и половина просечна нето плата исплатена по работник во Републиката во последниот месец пред доделувањето на наградата и се исплаќа на начин што наградата се дели на сите ученици во групата во подеднаков износ, а на наставникот во износ најмногу до 50% од 12 просечната нето плата исплатена по работник во Републиката во последниот месец пред доделувањето на наградата (став16). Барањата од ученикот, односно од неговиот наставник за исплата на парична награда за освоено прво место на натпревар на државно ниво во учебна година, се доставуваат до Министерството најдоцна до 31 декември во тековната година кога е организаран натпреварот (став 17). Начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општинско, регионално и државно ниво го утврдува министерот, на предлог на Бирото и Центарот за стручно образование и обука (став 18). Начинот на изведувањето на училишните екскурзии на учениците го утврдува министерот, на предлог на Бирото (став 19).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, од одредбите на Законот за средното образование како и анализата на целината на Правилникот и посебно на оспорените членови членот 2; членот 3; членот 4; членот 5; член 6 ставови 2, 3, 4, 5, 6, 7 и 8; членот 7; членот 16; член 19 ставови 1 и 8; членот 22 и член 24 став 1 од Правилникот за начинот на изведување на училишните екскурзии на учениците од средните училишта заведен под број 07-9992/3 од 5 јуни 2014 година донесен од страна на министерот за образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013 и 201/2014), Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани.

Имено, Судот утврди дека министерот има законска основа, односно овластување со подзаконски акт да ги уреди предметните прашања и начинот како тие ќе се спроведуваат, односно наведените оспорени одредби од Правилникот во суштина се во насока на операционализација на законските норми од Законот за средното образование, поради што во конкретниов случај не може да стане збор за тоа дека министерот излегол надвор од законските рамки како што наведува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.66/2019
16 декември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати