Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 16 декември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, бр.08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2019 од 28.03. 2019 година).
2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на актот означен во точката 1 од ова решение.
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
4. Александар Илиоски и Игор Влакевски, и двајцата од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Оспоренaтa одлукa, според подносителите на иницијативата, била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9 ставови 1 и 2, член 30 ставови 1 и 3, член 51 ставови 1, 2 и 3, член 68 став 1 алинеја 2 и Амандманот XVII од Уставот на Република Северна Македонија, Законот за градење, Законот за просторното и урбанистичко планирање и Законот за локалната самоуправа.
Најпрвин, во иницијативата се наведуваат Решенијата на Уставниот суд У.бр.28/2019 од 20.03.2019 година и У.бр.28/2019 од 29 мај 2019 година. Во оваа насока, подносителот наведува дека Уставниот суд во решението У.бр.28/2019 од 20.03.2019 година, оправдано и аргументирано одлучил да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови бр.08-5438/12 од 13.12.2018 година донесена од Советот на Општина Центар, при што Уставниот суд во истото решение го запрел и извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени и преземени врз основа на наведената одлука, бидејќи пред Судот основано се поставило прашањето за нејзината согласност со Уставот.
Но, само седум дена по донесувањето на наведеното решение на Судот, Советот на Општина Центар, наместо да ја почитувал Одлуката на Судот, спротивно на уставното начело на владеење на правото, неодговорно, манипулативно, не чекајќи ја одлуката на Судот, на 27.03.2019 година ја донел сега оспорената одлука со која ја става вон сила Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, оспорена во наведеното решение на Судот. Уставниот суд на седницата одржана на 29.05.2019 година, поради фактот што во текот на постапката Советот на Општина Центар ја донел сега оспорената Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови со чие донесување престанал да важи оспорениот акт и не бил повеќе во правниот поредок, Судот донел Решение У.бр.28/2019 од 29.05.2019 година со кое ја запрел постапката.
Понатаму, во наводите на иницијативата се наведува дека правото на сопственост како уставно загарантирано право на сопственикот му давало право стварта да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја. Едно од основните права на сопственикот било правото на градење како право кое извирало од правото на сопственост врз определена ствар, а ограничувањето на правото на градење било ограничување на правото на сопственост. Сопственоста можела да се ограничи само ако се утврдел јавен интерес утврден со закон, а во конкретниот случај со оспорената одлука без законски и уставен основ Општината запрела постапки за издавање на градежни одобренија на важечки детални урбанистички планови, со што се ограничувало правото на градење изведено од правото на сопственост.
Основот за донесување на оспорената одлука бил сосема спорен односно воопшто не постоел бидејќи во времето на носењето на оспорената одлука не постоело законски основ за нејзиното донесување, а повикувањето на одредби од Законот за локалната самоуправа и од Законот за просторното и урбанистичкото планирање од страна на Советот на Општина Центар, немале никаква допирна точка со диспозитивот на истата. Оттука, според подносителот, ова претставувало груба повреда на законите и на Уставот од страна на Советот на Општина Центар што водело кон правна несигурност и повреда на начелото на владеење на правото.
Понатаму, се наведува дека во одлуката на Општина Центар, за која Уставниот суд повел постапка, се оперирало со терминот „запирање/се запира спроведувањето…“, додека во сега оспорената одлука се оперирало со термините „начин на примена на ДУП/нема да се применуваат“, што немало никакво значење во однос на правните последици бидејќи и со едната и со другата терминологија правните ефекти и последици биле идентични. Во овој контекст, подносителот го цитира ставот на Уставниот суд од Решението за поведување на постапка, У.бр.28/2019 од 20.03.2019 година.
Во поткрепа на овој факт, бил и Законот за урбанистичко планирање донесен од Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 04.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020) којшто започнал да се применува во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила, поточно од јуни оваа година. Во овој закон било уредено прашањето во кој случај и во каква постапка можело да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои биле обврските на донесувачот на планот, кои биле последиците, временските рокови итн, при што го цитира членот 23 од овој закон.
Ваквото уредување во Законот за урбанистичко планирање, според подносителот, претставувало законски основ за суспензија на примена на ДУП или негови делови, но тргнувајќи од фактот кога стапил на сила овој закон, јасно било дека Општината Центар во времето кога ја донел оспорената одлука немала законски основ за нејзино донесување.
Оттука, според подносителот на иницијативата, како за предметната одлука така и за одлуката којашто претходно била предмет на оцена на уставноста и законитоста, оправдан бил наодот на Уставниот суд дека со начинот на кој во конкретниот случај, Советот на Општина Центар ги пречекорил своите законски овластувања и сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните што не било во согласност со владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
На крајот во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука, Општина Центар ги доведувала во нееднаква правна положба граѓаните што имале сопственост на недвижности на територијата на Општина Центар во однос на граѓаните што имале сопственост во други општини на територијата на Републиката, во смисла на ограничување на правото непречено да ги уживаат правата коишто произлегуваат од сопственоста, вклучувајќи го и правото на градење.
Поради наведеното и согласно наодите на Уставниот суд во наведените решенија, со иницијативата се бара Уставниот суд да останел доследен на своите одлуки и да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине или поништи.
5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови, бр.08-1859/2 од 27.03. 2019 година, донесена на 5.вонредна седница на Советот на Општина Центар одржана на 27.03.2019 година е со следната содржина:
„Врз основа на член 8 став 1, алинеи 1, 3, 6, 8, 9 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, член 22 став 1 точка 1, член 36 став 1 точка 15, член 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) и член 15 став 1 точка 1 од Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/04 и 158/11), во врска со член 4, член 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14; 44/15; 193/15; 31/16 и 163/16), како и член 38 точка 6 и член 47 од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, а во согласност со член 15 став 1 точка 1, член 26 став 1 точка 12 и член 65 став 2 од Статутот на Општина Центар- Скопје, како и член 153 став 1 од Деловникот за работа на Советот на Општина Центар- Скопје на 5. вонредна седница, одржана на 27.3.2019 година, донесе
ОДЛУКА
ЗА НАЧИНОТ НА ПРИМЕНУВАЊЕ НА ДЕТАЛНИТЕ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАНОВИ
Член 1
Општина Центар-Скопје продолжува да ги применува деталните урбанистички планови што се усогласени со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, како акт од повисоко ниво.
Со ова се почитуваат законите на усогласеност на деталниот урбанистички план со генералниот урбанистички план, но се потенцира потребата за почитување на темелните вредности содржани во Уставот на Република Северна Македонија, а кои се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото, правната заштита на сопственоста; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста; локалната самоуправа; уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Член 2
Деталните урбанистички планови каде што се утврдени неусогласености со Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година нема да се применуваат.
Неусогласеностите се утврдени со Записник на Комисијата за урбанизам на Општина Центар-Скопје, формирана од Градоначалникот на Општина Центар-Скопје со Решение бр. 09-5071/1 од 5.12.2017 година, бр. 09-1743/4 од 22.3. 2019 година.
Тоа се однесува на следниве детални урбанистички планови:
1. Централно градско подрачје на град Скопје – Мал Ринг, Општина Центар-Скопје изменување и дополнување, за плански период 2012-2017, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/8 на 21.12.2012 година,
2. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“) за плански период 2012-2017, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година,
3. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт Голем Ринг јужен дел – исток за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2780/18 на 5.4.2012 година,
4. Детален урбанистички план Голем Ринг-запад за плански период 2010-2015, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-5569/18 на 18.7.2012 година,
5. Урбан блок Пресвета Богородица, за плански период 2004-2010, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2575/16 на 20.12.2007 година,
6. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од урбан блок Пресвета Богородица, за плански период од 2012-2017, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/8 на 10.12.2012 година,
7. Дел од локалитетот Крњево 1 Урбан блок за плански период 2009-2014, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-422/12 на 16.2.2010 година,
8. Крњево 2, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/2 на 21.12.2012 година,
9. Судска палата, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-2138/6 на 31.5.2011 година,
10. Судска палата 2, за плански период 2010-2015, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-1599/2 на 15.4.2011 година,
11. Градска четврт Маџир Маало за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-5569/16 на 18.7.2012 година,
12. Дел од планскиот опфат од Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Маџир Маало и Градска порта Ново Маало за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9331/4, на 10.12.2012 година, дефиниран: на северо-исток со бул. „Кузман Јосифовски Питу“; на југоисток со ул. „Никола Карев“; на југозапад со ул.„Стале Попов“ и на северозапад со бул. „Крушевска Република“,
13. Локалитет Пролет урбан модул 1, 2, 3 и 4, за плански период 2004-2009, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-1352/5 на 10.7.2007 година,
14. Јужен дел на централно градско подрачје, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4459/2 на 8.6.2012 година,
15. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Стара железничка станица, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07- 4616/4 на 18.11.2011 година,
16. Градска четврт Капиштец локалитет Клинички блок, за плански период 2012-2017, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-6530/10 на 13.9.2012 година,
17. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино чешмиче 1, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4414/6 на 18.7.2014 година,
18. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Тасино чешмиче 2, за плански период 2002-2007, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-205/1 на 5.2.2003 година,
19. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Градска четврт Капиштец локалитет Геолошки завод, за плански период 2001-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр.07-9331/2 на 10.12. 2012 година,
20. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од локалитетот Буњаковец 1 УМ1, УМ2, УМ3, М4, УМ5, УМ6, УМ8, УМ9, УМ10, УМ11, УМ12, УМ13, УМ14, УМ15, УМ18, УМ19, УМ20, УМ21, УМ22, УМ23, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-3625/14 на 10.5.2012 година,
21. Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план Буњаковец 1 – дел од Урбан модул 16, за плански период 2011-2016, донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-4616/2 на 18.11.2011 година,
22. Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Буњаковец 1- УМ 7, за плански период 2011-2016, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-2780/20, на 5.4.2012 година,
23. Детален урбанистички план Буњаковец 1 УМ1, УМ6, УМ7, УМ12, УМ13, УМ14, УМ16, УМ17, УМ20, УМ22, УМ23 (важи за блок 17 и дел од блок 16), за плански период 2004-2009, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-466/1, на 18.2.2005 година,
24. Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Буњаковец 2, за плански период 2011-2016, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-9331/10, на 10.12.2012 година,
25. Изменување и дополнување на Детален урбанистички план „Буњаковец 2“ УМ1.5, за плански период 2011-2016, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-2780/16, на 05.4.2012 година,
26. Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, за плански период 2012-2017, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-9816/4, на 21.12.2012 година,
27. Дебар Маало 2, за плански период 2008-2013, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-3727/2, на 28.12.2009 година,
28. Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Дебар Маало 2 Дел од блок 14, за плански период 2010-2015, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-2138/4, на 31.5.2011 година,
29. Централно зеленило покрај реката Вардар-јужен дел (Парк 1), за плански период 2011-2016, донесен со одлука на Советот на Општина Центар број 07-6530/12, на 13.9.2012 година,
30. Централно зеленило покрај река Вардар-Парк 2, за плански период 2008-2013, донесен со одлука на Советот на Општина Центар-Скопје број 07-387/24, на 27.02.2009 година.
Член 3
Нема да се применуваат деталните урбанистички планови како планови од пониско ниво, а кои не се усогласени со важечкиот Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 во однос на нумеричките податоци за површините на градежното земјиште (бруто развиената површина, максимална дозволена нето густина на населеност ж/ха, максимален дозволен број на жители односно корисници на четврта) наменската употреба на земјиштето во рамките на регулационата линија, густината и површината на планираната изградба, податоците за инфраструктурата како и други податоци кои се составен дел на нумеричкиот дел на Генералниот Урбанистички план.
Член 4
СЕ ПРЕКИНУВААТ сите постапки кои се доставени преку електронскиот систем е-дозволи и се однесуваат на издавање одобренија за подготвителни работи и постапки за издавање на решенија за градење кои се во границите на урбанистичко-планските документации опфатени во деталните урбанистички планови наведени во член 2 на оваа одлука.
Сите отпочнати постапки пред 27.12.2017 година и постапките за кои веќе се издадени одобренија за градење, врз основа на деталните урбанистички планови од член 2 на оваа Одлука, може да продолжат.
Член 5
Оваа одлука не се однесува на барање за одобрение за реконструкција, барање за одобрение за адаптација, барање за одобрение за пренамена и барање за издавање на решение за измени во тек на градба.
Оваа одлука не се однесува на изградба и реконструкција на подземни инфраструктурни системи и инсталации.
Член 6
Неприменувањето на деталните урбанистички планови ќе важи се до донесување на нови детални урбанистички планови за соодветниот плански опфат.
Член 7
Со оваа одлука престанува да важи Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови број 08-5438/12 од 13. 12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар Скопје“ број 20 од 14.12.2018 година, донесена од Советот на Општина Центар.
Член 8
Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување.“
6. Според член 8 став 1 алинеи 3, 6, 8, 9 и 10 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (член 9 од Уставот).
Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а согласно ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен ако се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (член 51 од Уставот).
Според Амандманот XVII од Уставот, во точката 1 е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон. Согласно точката 2 од овој амандман, во Градот Скопје граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од значење за Градот Скопје, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Со точката 1 на овој Амандман се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, а со точката 2 се заменува ставот 2 на членот 117 од Уставот на Република Македонија (точка 3 од Амандман XVII).
Согласно ставот 2 на членот 115 од Уставот, Општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката, а согласно ставот 3, Републиката со закон може да и довери вршење на определени работи на општината.
Во членот 117 од Уставот, е утврдено дека Градот Скопје е посебна единица на локална самоуправа, чија организација се уредува со Закон (став 1). Градот Скопје се финансира од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката (став 3). Градот Скопје е самостоен во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на неговата работа ја врши Републиката (став 4). Републиката со закон може да му довери вршење на определени работи на Градот Скопје (став 5).
Надлежностите на Градот Скопје и надлежностите на општините во Градот Скопје се уредени со Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија” бр. 55/2004 и 158/2011).
Според член 15 став 1 точка 1 алинеи од 1 до 6 од Законот за Градот Скопје, општините во Градот Скопје помеѓу другото се надлежни за:
1. Планирање и уредување на просторот, односно: покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје; давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје; донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината; спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење); издавање одобренија за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема и уредување на градежно земјиште во делот на опремување на градежното земјиште со објекти и инсталации од секундарната инфраструктура.
Надлежностите на општините, како и организацијата и делокругот на работа на органите на општината (советот и градоначалникот), се уредени со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).
Листата на надлежности на општините, е утврдена во членот 22 од Законот за локалната самоуправа, при што, меѓу другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредувањето на градежното земјиште (став 1 точка 1).
Во членот 36 од Законот, се уредени надлежностите на Советот, при што согласно став 1 точка 1 од овој член, Советот го донесува статутот на општината и други прописи, а согласно точката 15, врши и други работи утврдени со закон.
Прописите на Советот, се утврдени во членот 62 од наведениот закон, при што, според ставот 1, во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.
Согласно членот 4 од поранешниот Закон за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018) врз чија основа е донесена оспорената одлука, е предвидено дека со просторното и урбанистичкото планирање се одредуваат основните начела во процесот на планирање и уредување на просторот (став 1). Начела во процесот на планирање и уредување на просторот се: рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет, одржлив развој, заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита на недвижното културно наследство, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки катастрофи и хаварии и јавност во постапка за донесување и спроведување на планската документација (став 2).
Според член 11 точка 1 од овој закон, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според точката 6 од овој член, деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план односно со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.
Согласно член 41 став 4 од истиот Закон, советите на општините во градот Скопје донесуваат, покрај другото и детален урбанистички план, а согласно член 43 став 1 алинеја 3, планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план.
Детален урбанистички план донесен согласно со генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува само доколку намените на деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план (член 76 став 1).
Понатаму во членот 79 од поранешниот закон, е пропишано:
(1) Урбанистичкиот план и урбанистичко-планската документација со кои предмет на планирање е една градежна парцела за која е добиена согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште, престанува да важи, доколку не се обезбеди одобрение за градење и не се започне со изградба на планираната градба, во рок од три години од донесувањето на Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште.
(2) Во случаите од став (1) на овој член, надлежниот орган кој го донел урбанистичкиот план односно ја одобрил урбанистичко-планска документација, донесува одлука за престанување на важност на урбанистичкиот план, односно решение за престанување на важност на урбанистичко-планската документација, во рок од три дена од доставувањето на Одлуката за престанување на Одлуката за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно земјиште од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на земјоделството.
Од изнесените одредби на поранешниот Закон за просторно и урбанистичко планирање, врз основа на кои е донесена оспорената одлука, произлегува дека деталните урбанистички планови мора да се во согласност со генералните урбанистички планови како планови од повисоко ниво.
Меѓутоа, во овој закон не било предвидено изречно овластување на доносителот на деталните урбанистички планови да ги запре од извршување доколку тие не се во согласност со генералниот урбанистички план, туку за тоа треба да води сметка при донесувањето на деталните урбанистички планови коишто треба да се донесуваат во согласност со генералниот урбанистички план.
Имено, во поранешниот закон, постоеле само одредбите на членот 76, посветени на случаите во кои може да се применува детален урбанистички план донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, при што тие случаи се децидно наведени во Законот, и на членот 79 во кој се наведени условите кога урбанистичкиот план и урбанистичко-планската документација престанува да важи и кога надлежниот орган кој го донел урбанистичкиот план односно ја одобрил урбанистичко-планската документација, донесува одлука за престанување на важност на урбанистичкиот план, односно решение, коишто случаи исто така биле децидно уредени со Законот.
Советот на Општина Центар, на вонредна седница одржана на 27 март 2019 година, ја донел предметната Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови и истата е објавена во „Службен гласник на Општина Центар“ бр.6 од 28 март 2019 година.
Согласно членот 7 од оспорената одлука, со оваа одлука престанува да важи Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, за која Уставниот суд со Решение У.бр.28/2019 од 20.03.2019 година повел постапка и изразил соменение за нејзината несогласност со одредбите на член 8 став 1 алиенја 3, член 9 став 2 и член 30 став 1 и став 3 од Уставот и одредбите од релевантните закони. Но, по донесувањето на сега оспорената одлука, Судот ја запре постапката.
Имено, Советот на Општина Центар, Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, ја донел врз основа на член 28 став 2, член 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016).
Доколку се направи споредба на содржината и суштината на двете одлуки донесени од Советот на Општина Центар, може да се заклучи дека тие имаат исто дејство и скоро истоветна содржина, односно и со претходната и со сега оспорената одлука се запираат, односно нема да се применуваат деталните урбанистички планови што не се усогласени со генералниот урбанистички план.
Имено, сега оспорената одлука иако е со наслов „Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови“, со членот 2 од истата е предвидено дека деталните урбанистички планови каде што се утврдени неусогласености со Генералниот урбанистички план нема да се применуваат, со што во суштина не се разликува од претходната Одлука за запирање на спроведувањето на деталните деталните урбанистички планови, за која, Судот првично поведе постапка и донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните.
Оспорената одлука е донесена врз основа на членот 4, член 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 90/2017, 64/2018 и 168/2018) кој закон повеќе не е во правниот поредок.
Имајќи ги предвид цитираните уставни одредби, како и законските одредби врз чија основа е донесена оспорената одлука, а и ставот на Судот по однос на претходно оспорената Одлука за запирање на спроведување на детелните урбанистички планови, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.
Со Уставот се гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Меѓутоа, Судот оцени дека правото на граѓаните на локална самоуправа, не е неограничено по својот предмет. Поаѓајќи од член 21 став 1 од Законот за локална самоуправа според којшто општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење, јасно произлегува дека општините самостојно ги извршуваат своите надлежности, но ефективната самостојност на општините е ограничена, односно истата мора да се одвива во рамките на законот.
Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност и со горенаведените одредби од Законот за локалната самоуправа, како и со одредбите на поранешниот Закон за просторно и урбанистичко планирање, од причина што во законите на кои се повикува Советот на Општина Центар како доносител на оспорената одлука, во нејзиниот правен основ за донесување, никаде не е законски уредена надлежноста советите на општините да можат со своја одлука да го запрат спроведувањето на деталните урбанистички планови коишто ги донеле во законска постапка и кои до донесувањето на оспорената одлука се спроведувале.
Воедно, со претходниот Закон за просторното и урбанистичкото планирање, односно со членовите: 4, 41 став 4 алинеја 1 и член 43 став 1 алинеја 3, врз чија основа е донесена оспорената одлука, не е предвидено овластување и надлежност на локалната власт да стави во мирување еднаш донесен детален урбанистички план, односно советите на општините немааат законски утврдена надлежност да можат со своја одлука да го запрат спроведувањето на деталните урбанистички планови што ги донеле во законски утврдена постапка, од каде произлегува дека со ваквата одлука, Советот на Општина Центар излегува надвор од своите законски надлежности.
Според тоа, Судот оцени дека со начинот на кој во конкретниот случај, доносителот на оспорениот акт Советот на Општина Центар, ги пречекорил своите законски овластувања, сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот – владеење на правото, како и со членот 51 од Уставот, според кој, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Понатаму, со оспорената одлука, Советот на Општина Центар, сериозно ја нарушил еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, бидејќи со оспорената одлука ги ставил граѓаните во нееднаква правна положба, на начин што со својата одлука не дозволил едни граѓани да ги остварат своите права и правни интереси, за разлика од останатите на кои тоа им било овозможено според член 2 од оспорената одлука, повредувајќи го на тој начин член 9 став 2, од Уставот на Република Северна Македонија.
Со оспорената одлука, Советот на Општина Центар, неосновано ја довел во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, со што го повредил и член 30 став 1 и став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во меѓувреме е донесен нов Закон за урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020 од 10.02. 2020 година), којшто сега е во сила, а со кој поранешниот закон врз основа на којшто е донесена оспорената одлука престанал да важи.
Со Законот за урбанистичкото планирање, во членот 110 е уредено дека со денот на отпочнување на примена на овој закон, престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 90/17, 64/18 и 168/18), а согласно членот 111, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува во рок од 120 дена од денот на влегувањето во сила. Оттука произлегува дека овој закон започнал да се применува од јуни 2020 година.
Во овој закон е предвиден нов дел под наслов „Важење на урбанистички планови и нивна суспензија“ при што во член 23 став 1 е предвидено дека урбанистичкиот план е на сила до донесување на нов урбанистички план, а согласно ставот 2, ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од членот 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапка од членот 31 од овој закон.
Според ставот З, ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине врз основа на пропуст во постапката за донесување, донесувачот на планот може да го донесе истиот план со постапка што ќе се состои само од спроведување на делот од постапката за кој се однесува пропустот и истиот бил основ за укинувањето.
Во ставот 4, е пропишано дека доколку при спроведувањето на постапката од ставот 3 од овој член произлезат и неопходни измени во планското решение, тогаш донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за донесување на нов урбанистички план по постапка од членот 21 од овој закон.
Согласно ставот 5, урбанистички план од член 10 став 1 точките 1, 2, 3, 4 и 5 негов дел или планска одредба се суспендира од применување од страна на донесувачот на планот, доколку се докаже несомнена штета по јавниот интерес што е воочена во текот на спроведувањето на планот, која би се зголемувала со неговото спроведување, а произлегува од неговата спротивставеност со законот и прописите донесени врз основа на него, поради неговата неусогласеност со планови од повисоко ниво или поради плански решенија чиишто штетни последици по јавниот интерес не биле воочени во постапката за негово донесување.
Во ставот 6 е пропишано дека донесувачот на планот, одлуката за суспензија ја донесува врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон, а по претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кое се издава во рок од 15 работни дена по приемот на стручниот елаборат и барањето за мислење.
Согласно ставот 7, одлуката од ставот (6) на овој член е на сила до донесувањето на измени или дополнувања на суспендираниот урбанистички план, негови делови или плански одредби, со кои што ќе се надминат и отстранат недостатоците што биле основ за суспензијата, но не подолго од шест месеци за поединечни делови од урбанистички план или одредени плански одредби и една година за целиот плански опфат на урбанистичкиот план.
Според ставот 8, одлуката од ставот 6 на овој член, не може да се донесе доколку донесувачот истовремено не донесе одлука за отпочнување на постапката за донесување на нов урбанистички план или на измени и дополнувања на урбанистичкиот план од ставот 7 на овој член, со цел отстранување на одредбите од ставот 5 на овој член за кои е докажана штета по јавниот интерес.
Во ставот 9 е наведено дека по истекот на роковите од ставот 7 и неисполнувањето на условот од ставот 8 на овој член, суспендираниот урбанистички план, неговите делови или плански одредби продолжуваат да се спроведуваат, при што штетите што настанале од суспендирањето на планот како и од неотстранувањето на недостатоците на урбанистичкиот план од ставот 5 од овој член, ги сноси единицата на локалната самоуправа за урбанистичките планови од локално значење и Владата на Република Северна Македонија за урбанистичките планови од државно значење.
Оттука, произлегува дека во одредбите на членот 23 од Законот за урбанистичко планирање (којшто сега е во сила) е уредено прашањето во кои случаи и во каква постапка може да се суспендира примената на урбанистички план или негови делови, кои се обврските на донесувачот на планот, кои се последиците, како и временските рокови, што претставува законски основ за суспензија на примена на детален урбанистички план или негови делови.
Од изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека иако е поминат подолг временски период Општината Центар не спровела соодветна постапка предвидена во новите законски решенија со кои се предвидени посебни услови и рокови во кои може да се суспендираат од примена деталните урбанистички планови и не ја ставила вон сила оспорената одлука, ниту пак донела нова одлука согласно сега важечките законски решенија.
Врз основа на наведената уставно-судска анализа, како и имајќи го предвид ставот на Судот изразен во Решението У.бр.28/2019 од 20.03.2019 година, според Судот, основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените уставни и законски одредби, а Судот оцени и дека во случајот се исполнети и условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на Решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици за граѓаните.
7. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението под точката 2 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.273/2020
16.12.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати