Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 9 декември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 256 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019 и 275/2019).
2. Викторче Миленковски од Делчево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Според подносителот на иницијативата била сомнителна уставноста на член 256 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019 и 275/2019), бидејќи законодавецот не водел сметка дека со оспорениот член се правела дискриминација на лицата со интелектуална попреченост, бидејќи со него само на лицата со физичка попреченост им се давало право да рефундираат средства за набавка на моторно возило платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил во висина до 20.000 евра доколку во возилото била вградена дополнителна опрема која овозможувала лицето самостојно да го управува возилото како што бил автоматски или полуавтоматски менувач, рачни команди кои ги заменувале ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото за што се доставувало и доказ од овластена компанија која ја вградила таквата специјализирана опрема.
Оспорената одредба од Законот била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот каде е определено дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, потоа со член 9 став 2 од Уставот каде е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви како и со член 35 став 3 од Уставот каде Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Понатаму во иницијативата се поставува прашањето зошто и лицата со интелектуална попреченост кои (дел од нив) немале потреба од дополнителна специјализирана опрема во возилото, да не можат да го користат правото за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил до 20.000 евра исто како и лицата со физичка попреченост кои вградувале дополнителна опрема. Всушност, сите останати лица со попречености имале ограничена можност да го користат ова право бидејќи законодавецот со член 256 став 1 од Законот дозволувал право, додека во ставот 2 од истиот член го ограничувал правото за дел од граѓаните со попречености, како и тоа дека законодавецот правел разлика односно дискриминација помеѓу овие лица.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената законска одредба и истата да ја укине.
3. Судот на седницата утврди дека според член 256 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019 и 275/2019), барањето од ставот 1 на овој член може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност, односно со купопродажна вредност до 20.000 евра во денарска противвредност, доколку во возилото е вградена дополнителна опрема која овозможува лицето самостојно да го управува возилото како што се автоматски или полуавтоматски менувач, рачни команди кои ги заменуваат ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото за што се доставува и доказ од овластена компанија која ја вградила таквата специјализирана опрема.
4. Според член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 34 од Уставот е определено дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 35 став 3 од Уставот, Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се уредуваат со закон со кој се уредуваат релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Социјалната заштита како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за социјалната заштита.
Во членот 1 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Северна Македонија” број 104/2019, 146/2019 и 275/2019) се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, корисниците на социјалната заштита, правата на парична помош и социјалните услуги, постапките за остварување на правата и користење на услугите, вршење на дејноста на социјалната заштита, кадрите, финансирањето и надзорот над вршењето на социјалната заштита и други прашања од значење за вршењето на дејноста на социјалната заштита.
Согласно членот 2 од Законот, социјалната заштита е дејност од јавен интерес која се остварува преку, мерки, активности, програми и политики за заштита од социјални ризици, превенција и надминување на социјалните проблеми кои неповолно се одразуваат врз добросостојбата на граѓаните, со цел:
– промовирање и одржување на социјалната сигурност на граѓаните,
– спречување на социјалната исклученост,
– подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и
– зајакнување на капацитетите на граѓаните за водење независен, активен и продуктивен живот.
Според членот 6 од Законот, Републиката се грижи за социјалната заштита на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Републиката го воспоставува системот на социјалната заштита и го овозможува неговото функционирање.
Носители на социјалната заштита се Републиката, општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, во рамките на нивните надлежности, а во согласност со овој закон.
Во Глава X со наслов: ‟Рефундирање на средства за набавка на патнички автомобили” систематизиран е оспорениот член 256 став 2 од Законот за социјалната заштита.
Членот 256 од Законот гласи:
‟Лице со тешка и најтешка телесна попреченост, лице со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепо лице со придружник и потполно глуво лице може да поднесе барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или неговиот брачен другар, родител, дете или друг роднина кој живее со лицето и помеѓу нив постои должност за издржување согласно со Законот за семејството, односно старател, а ќе се користи исклучиво за потребите на лицето за превоз и полесна социјална интеграција во заедницата (став 1).
Барањето од ставот 1 на овој член може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност, односно со купопродажна вредност до 20.000 евра во денарска противвредност, доколку во возилото е вградена дополнителна опрема која овозможува лицето самостојно да го управува возилото како што се автоматски или полуавтоматски менувач, рачни команди кои ги заменуваат ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото за што се доставува и доказ од овластена компанија која ја вградила таквата специјализирана опрема (став 2).
Висината на средствата кои се рефундираат за платени царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, може да изнесува најмногу до 180.000 денари (став 3).
Купопродажната цена на патничкиот автомобил купен во странство се утврдува врз основа на документ издаден од надлежен царински орган по однос на кој се плаќаат царинските давачки (став 4).
Барањето од ставот 1 на овој член со потребната документација се поднесува до Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, преку надлежниот центар за социјална работа (став 5).
Министерот формира Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, составена од пет члена од кои по двајца претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии и еден претставник од Заводот за социјални дејности, со мандат од две години (став 6).
Министерот донесува решение за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил врз основа на претходно мислење на Комисијата од ставот 6 на овој член (став 7)”.
Од анализата на член 256 ставови 1 и 2 произлегува дека законодавецот не прави разлика помеѓу лицата со тешка и најтешка телесна попреченост, лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, како и потполно глувите и слепи лица со придружник. Овде станува збор за категорија на граѓани со специфична здравствена состојба кои имаат потреба од вградување на дополнителна опрема во патничкото возило, а која чини многу повеќе од автомобилот со основна верзија.
Имено, законодавецот навел исклучок во оспорениот став 2 на членот 256 од Законот за социјалната заштита така што, само оние лица кои имаат потреба од набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност односно со купопродажна вредност до 20.000 евра во денарска противвредност, доколку во возилото има вградена дополнителна опрема (автоматски или полуавтоматски менувач, рачни команди кои ги заменувале ножните команди, хидраулична дигалка за инвалидска количка или пристапна рампа за влез во возилото за што се доставувало и доказ од овластена компанија која ја вградила таквата специјализирана опрема) која овозможува лицето самостојно да го управува возилото, ќе можат да поднесат барање за рефундирање на средствата.
Оттука, лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост не се дискриминирани во однос на лицата со тешка и најтешка телесна попреченост односно сите лица од ставот 1 на членот 256 од Законот се со исти права.
Исклучокот кој го утврдил законодавецот за инвалидните лица е можност за нивно вклучување во општествениот живот, а со тоа и спречување на социјалната исклученост како и зајакнување на нивниот активен и продуктивен живот.
Видно од содржината на членот 256 став 2 од Законот за социјалната заштита, се согледува дека клучно за ваквата определба на законодавецот се специфичната опрема која воедно значи и повисока цена на возилото од вообичаената, со дополнителни трошоци.
Притоа, јасно произлегува која е интенцијата за вака уреденото законско решение кое се оспорува со иницијативата, а тоа е олеснување на положбата на оваа категорија на граѓани која воедно претставува потреба, а не дискриминација во однос на останатите лица од ставот 1 на членот 256 со јасно определување на границите на износите до кои сите лица од ставот 1 на овој член ќе можат да ги рефундираат средствата.
Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се доведе во прашање согласноста на оспорениот член 256 став 2 од Законот за социјалната заштита со член 8 став 1 алинеја 8, член 9 став 2 и член 35 став 3 од Уставот.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.18/2020
9 декември 2020 година
С к о п ј e
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати