Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Севрна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 9 декември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлукaта за прогласување на Амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 6/2019).
2. Здружението „Светски Македонски Конгрес” од Скопје, Петар Робевски од с.Србјани, Кичево, Васко Лазески и други и Солза Грчева од Скопје и други, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.
Иницијативите поднесени од страна на Здружението „Светски Македонски Конгрес“, Васко Лазески, Петар Робевски од с.Србјани – Кичево и други потпишани подносители на иницијативaта и иницијативата поднесена од Солза Грчева од Скопје и други потпишани подносители на иницијативата, започнуваат со барање Уставниот суд согласно Деловникот на Уставниот суд, а според начелата на приоритет и итност според член 50 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука заради тоа што постоел ризик од штетни последици од измената на Уставот по името на државата и идентитетот на нацијата и правата и слободите на граѓаните.
Во иницијативата поднесена од страна на Здружението „Светски Македонски Конгрес“ и од страна на Солза Грчева и други подносители се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 51, член 52, член 75, член 118, член 119, член 131, член 133 и член 134 од Уставот на Република Македонија. Во продолжение на иницијативите се цитираат во целост содржините на наведените уставни одредби, како и содржината на оспорената одлука.
Врз основа на цитираните уставни одредби подносителите на иницијативите заклучуваат дека Одлуката за прогласување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија била во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 11 од Уставот бидејќи со истата се нарушувало владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Северна Македонија, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Според наводите во иницијативите во Одлуката за прогласување на амандманите на XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија пишувало дека влегуваат во сила откако ќе влезе во сила мегународен договор кој не е ратификуван во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
Понатаму, во иницијативите се наведува дека со член 52 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија се предвидувало дека: „Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.“ Во согласност со член 52 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.“
Одлуката за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 6/2019) влегува во сила со влегувањето во сила на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, а амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, и со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на Република Грција.
Според наводите во иницијативите Одлука за прогласување на Уставен закон за спроведување на амандмани на Уставот на Република Македонија се објавува пред да влезе во сила, а влегува во сила со денот на нејзиното донесување, односно Уставниот закон за спроведување на амандманите на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со денот на нивното прогласување.
Во иницијативата е наведено дека тоа било случај со Одлуката за прогласување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 52/1991). Потоа, така било и со Одлуката за прогласување на амандманите I и II на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 1/1992). Понатаму се наведува дека исто така било и со Одлуката за прогласување на Амандман III на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 31/1998). Потоа, така било и со Одлуката за прогласување на амандманите IV, V, VI, VI,I VII, IX, X, XI, XII, XII, XIV, XV, XV,I XVII и XVIII на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 91/2001).
Според наводите во иницијативата исто така било и со Одлуката за прогласување на Амандман XIX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 84/2003). Потоа, така било и со Одлуката за прогласување на амандманните XX, XXI, XXI, XXIII, XXIV XXV, XXVI, XXVII, XXVI, XXIX и XXX на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 107/2005). Исто така било и со Одлуката за прогласување на Амандман XXXI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 3/2009) и со Одлуката за „Службен весник на Република Македонија“ број 49/2011).
Меѓутоа, според наводите во иницијативата Одлуката за прогласување на амандманите XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019), (предмет на оспорување со поднесените иницијативи) не влегувала во сила со нејзиното донесување, а амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија не влегувале во сила со денот на нивното прогласување, туку влегувале во сила во идно неопределено време: (1) Со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, и со (2) ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на Република Грција.
Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство мегу страните, и ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО од страна на Република Грција стапуваат во сила откога ќе ги ратификува парламентот на странска држава – Република Грција, што било преседан во меѓународното право.
Понатаму, Собранието на седницата одржана на 11 јануари 2019 година ги донело амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија заради примена на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, скпучена на 17 јуни 2018 година меѓу министрите за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров и на Република Грција, Никос Коѕиас, иако овој меѓународен договор не бил дел од внатрешниот правен поредок на државата, бидејќи не бил ратификуван во согласност со Уставот.
Имено, според подносителите на иницијативите овој меѓународен договор не бил склучен од претседателот на Републиката, туку од министерот за надворешни работи кој немал активна легитимација и надлежност, што било во спротивност со членот 118 и членот 119 од Уставот на Република Македонија; претседателот на Републиката не го потпишал указот за прогласување на Законот за ратификација на овој меѓународен договор, ниту при првото гласање во Собранието на 20 јуни 2018 година ниту при повторното гласање на 5 јули 2018 година; што било во спротивност со член 119 став 1 од Уставот на Република Македонија; законот за ратификација на овој меѓународен договор не бил објавен во Службен весник на Република Македонија и не бил во сила; што било во спротивност со членот 52 и со членот 75 од Уставот на Република Македонија, бидејќи указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Овој мегународен договор бил ништовен, бидејќи бил во спротивност со Виенската конвенција за договорно право од 23 март 1969 година, односно бил во судир со императивната норма jus cogens на општото мегународно право.
Според наводите во иницијативите, Одлуката за прогласување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 6/2019) била во спротивност и со членот 133 и членот 134 од Уставот на Република Македонија, бидејќи истата требало да влезе во сила со денот на влегувањето во сила на амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, а во текстот на уставниот закон пишувало дека тој влегува во сила со влегувањето во сила на уставните амандмани.
Имајќи го предвид сето горенаведено, од Уставниот суд на Република Македонија се бара да се поништи Одлуката за прогласување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2019), донесена од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, бидејќи не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, членот 51, членот 52, член 75 ставови 1 и 2, членот 118, членот 119, членот 131 став 5, членот 133 и членот 134 од Уставот на Република Македонија, а до донесувањето на конечната одлука, на Уставниот суд му предлагаат да донесе решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука, поради ризик од штетни последици од измената на Уставот по името на државата и идентитетот на нацијата и правата и слободите на граѓаните.
Исто така, од Уставниот суд на Република Македонија бараат одржување на подготвителна и јавна седница по овие иницијативи.
Во иницијативата поднесена од страна на Васко Лазески, Петар Робевски и други потпишани подносители се наведува дека се бара оценување на уставноста на оспорената одлука и нејзино поништување и укинување од причина што истата не била во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, членот 110, член 112 став 2. Постапката за изменување на Уставот била уредена со членот 131 од Уставот, организацијата на Собранието со членот 68 од Уставот и членот 193 од Деловникот на Собранието. Таква одлука била донесена на ден 19 октомври 2018 година заведена под број 08-6054/1 „Службен весник на Република Македонија 192/2018 година“ и во иницијативата се наведува дека Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија донесена на 19 октомври 2018 година само ја определува првата фаза од постапката за измена на Уставот – започнувањето на постапката за измена на Уставот по предлог, во конкретниот случај, од Владата на Република Македонија, но таа постапка продолжува со наредни три фази (нацрт, јавна расправа и одлука за измена) од кои зависи дали ќе се изврши измена на Уставот или не и, ако се изврши измена на Уставот, каква ќе биде содржината на уставната измена.
3.Судот на седница утврди дека Собранието на Република Македонија врз основа на член 131 став 5 од Уставот на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, донесе
ОДЛУКА
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА АМАНДМАНИТЕ ХХХIII, XXXIV, XXXV И ХХХVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1.Се прогласуваат амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година.
Амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Бр. 08-184/1 Претседател на Собранието
11 јануари 2019 година на Република Македонија,
Скопје м-р Талат Џафери, с.р.
АМАНДМАНИ
XXXIII, XXXIV, XXXV И XXXVI НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Овие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.
АМАНДМАН XXXIII
1. Во Уставот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите: „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXIV
1. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите: „кaко и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите: „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите: „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите: „одлучија да“.
2. Со овој амандман се вршат измени во Преамбулата – Амандман IV на Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXV
Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Со овој амандман се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.
АМАНДМАН XXXVI
Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ. Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината.
Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Со овој амандман се заменува членот 49 и Амандман II на Уставот на Република Македонија.
Во воведот на оспорената одлука се неведува дека Одлуката се донесува врз основа на член 131 став 5 од Уставот на Република Македонија, на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 11 јануари 2019 година.
4. Согласно член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Според членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3, 5 и 11 од Уставот на Република Македонија; владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска; политичкиот плурализам и слободните, непосредни и демократски избори и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во член 50 став 3 од Уставот е утврдено дека граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Според член 131 од Уставот, „Одлука за пристапување кон измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“ (став 1). „Нацртот за измената на Уставот го утврдува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и го става на јавна дискусија“ (став 2). „Одлука за измена на Уставот донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“ (став 3).
Со Амандман XVIII на Уставот, со кој се додава нов став 4 на член 131 од Уставот, утврдено е дека одлука за измена на Преамбулата, членовите за локалната самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедницата, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77, 78, 86, 104 и 109, како и одлука за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кои мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија.
Од наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните на Република Македонија, од кои произлегува и на кои им припаѓа суверенитетот, согласно Уставот власта ја остваруваат на два начини и тоа посредно (преку своите демократски избрани претставници) и непосредно (по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување).
Посредниот начин на остварување на власта, го наоѓа својот целосен израз во поставената организација на државната власт со Уставот, според кој Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, како една од трите власти, согласно начелото на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Определувајќи го Собранието на Република Македонија како претставнички орган на граѓаните на Република Македонија Уставот истовремено го утврдува и неговиот состав, надлежностите, организацијата и начинот на работа и одлучување, со тоа што некои од овие прашања препушта поконкретно да се уредат со закон и Деловникот.
Од наведените уставни одредби произлегува дека, Уставот од 1991 година, во неколку свои одредби ги постави темелите на неговиот концепт. Така, според член 2 став 1 и 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија од кои произлегува и на кои им припаѓа суверенитетот, власта ја остваруваат на два начина и тоа: посредно преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Од тој аспект, логичен е заклучокот дека граѓанинот е носечки столб на државата. Неговата улога и функција, согласно уставот е да основа конкретни политички институции и државни органи кои ќе ги почитуваат темелните вредности на уставниот поредок како нивен дом и непосредно (по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување).
Во воведот на оспорената одлука се наведува дека истата се донесува „врз основа на член 131 став 5 од Уставот на Република Македонија врз основа на кој Собранието на Република Македонија ги прогласува Амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV И ХХХVI на Уставот на Република Македонија“.
Во ставот 1 од Одлуката се определува дека „Се прогласуваат амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година.“
“Според ставот 2 Амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба. “ Oдлуката нема други одредби.
Во продолжение на оспорената одлука следи текстот на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, кои се составен дел на Уставот на Република Македонија.
Од изнесените уставни одредби Судот на седница утврди дека измената на Уставот на Република Македонија е во надлежност на Собранието на Република Македонија (член 68 став 1 алинеја 1). Постапката за измена на Уставот, пак, ги опфаќа следните фази: (1) предлог за пристапување кон измена на Уставот, кој може да го поднесат овластени предлагачи, меѓу кои е и Владата на Република Македонија (член 130), (2) одлука за пристапување кон измена на Уставот, која ја донесува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (член 131 став 1) и (3) (а) нацрт за измена на Уставот, кој го утврдува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и (б) јавна дискусија по нацртот на измената на Уставот (член 131 став 2), како и одлука за измена на Уставот, која ја донесува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (член 131 став 3).
Со Амандманот ХVIII се додава нов став 4 на член 131 од Уставот кој гласи: „Одлука за измена на Преамбулата, членовите за локална самоуправа, членот 131, која било одредба што се однесува на правата на припадниците на заедниците, вклучувајќи ги особено членовите 7, 8, 9, 19, 48, 56, 69, 77,78,86,104 и 109, како и одлуката за додавање која било нова одредба која се однесува на предметот на тие одредби и тие членови, ќе биде потребно двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број на пратеници во кое мора да има мнозинство на гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија Измената на Уставот ја прогласува Собранието (член 131 став 5).
Оттука, Судот смета дека Одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија донесена на 11 јануари 2019 година само ја определува првата фаза од постапката за измена на Уставот – започнувањето на постапката за измена на Уставот по предлог, во конкретниот случај, од Владата на Република Македонија, но таа постапка продолжува со наредни три фази (нацрт, јавна расправа и одлука за измена) од кои зависи дали ќе се изврши измена на Уставот или не и, ако се изврши измена на Уставот, каква ќе биде содржината на уставната измена.
Од наведените причини, наводите во иницијативите дека оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 11, членот 51, членот 52, членот 75, членот 118, членот 119, членот 131, членот 133 и членот 134 од Уставот на Република Македонија, според Судот се неосновани и поради тоа Судот не го постави прашањето за согласноста на истата со Уставот.
Во однос, пак, на аспектите покренати со наводите во иницијативите, а тие се: содржината на предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот, содржината и правната положба на Договорот со Грција во правниот поредок на Република Македонија, резултатот од референдумот одржан на 8 септември 1991 година, резултатот од референдумот одржан на 30 септември 2018 година и друго, Судот смета дека тие аспекти не се содржина на оспорената одлука и имајќи ги предвид содржината од Одлуката и правниот основ за нејзиното донесување, како и значењето на тие одредби определени во членот 131 од Уставот, кое пак ја доведува до прашање практичната примена на Уставот, што не е во надлежност на Уставниот суд.
Со оглед на тоа дека Уставниот суд оцени дека не се основани наводите во иницијативите од изнесените причини, Судот смета дека не се исполнети условите за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорената одлука предвидени во членот 27 од Деловникот на Уставниот суд.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.13/2019, У.бр.31/2019, У.бр.38/2019 и У.бр.26/2020
9 декември 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати