У.бр.62/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015).

2. Стевче Стојанов од с.Ново Коњарево – Ново Село до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот закон од точката 1 од ова решение.

Според наводите истакнати во иници­јативата оспорениот закон бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 14, членот 23, член 32 став 2, членот 51, членот 69 и членот 106 од Уставот. Во оваа иницијатива посебно се потенцира неуставноста на целината на Законот, како и на одделно наведените членови, од аспект на потребното мнозинство за избор и разрешување на именуваните јавни обвинители кои според наводите во истата биле во спротивност со Законот за јавното обвинителство, како и со ограничувањето на правото на достапност на работно место во смисла на член 32 став 2 од Уставот.

Поради наведените аргументи, подносителот на иницијати­вата предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот закон во целост и истовремено се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на законот, бидејќи со неговото извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици, а во смисла на членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата се наведува дека Уставот веќе имал предвидено два правни механизми за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконс­кото следење на комуникациите и нивно откривање на сторите­лите, а тоа биле Јавното обвинителство на Република Македонија и Анкетната комисија формирана во Собранието на Република Македо­нија. Поради овие аргументи во оваа иницијатива се предлага укину­вање на оспорениот закон во целост.

3. Судот на седница утврди дека Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите, Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 15 септември 2015 година и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015 од 15 септември 2015 година.

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година го донесе Законот за јавното обвинителство кој е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020 од 16 февруари 2020 година.

Според членот 112 од овој закон, со денот на започнување на примена на овој закон престануваат да важат Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија” бр.150/2007, 111/2008 и 198/2018) и Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015).

Согласно членот 113 од истиот закон овој закон се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија”, а влегува во сила и ќе започне да се применува од 30 јуни 2020 година.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи ја во вид наведената фактичка состојба од која произлегува дека со донесувањето на новиот Закон за јавното обвинителство и неговото влегување во сила и примена на 30 јуни 2020 година престанува да важи оспорениот Закон за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015), Судот оцени дека истиот е надвор од правниот поредок на Република Северна Македонија и не е повеќе во правна сила.

Со оглед на тоа дека Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите од 30 јуни 2020 година престанал да важи и не е дел од правниот поредок и дека Уставниот суд со Решение У.бр.97/2015 и У.бр.2016 од 23 септември 2020 година ги отфрли иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконско следење на комуникациите („Службен весник на Република Македонија“ бр.159/2015) во целина и посебно членовите 1, 2, 3, 6, 9, 11, 17, 18 и 23 Судот утврди дека согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.62/2018
3 декември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати