Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, г. Сали Мурати и судиите на Уставниот суд, вчера (22 декември 2020 година), остварија средба со делегацијата на Република Турција предводена од претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Мустафа Шентоп.
Во пријателска и срдечна атмосфера, претседателот на Судот, Мурати, во свое и во име на Судот, им посака добредојде на сите членови на турската делегација во чиј состав беа и неколку пратеници од Големото национално собрание на Република Турција, држава која е пријател и сојузник на Република Северна Македонија.
Претседателот Мурати, во своето обраќање даде кус приказ за работата и положбата на Уставниот суд во нашиот уставно-правен систем, како и за разликите, но и сличностите со статусот на турскиот Уставен суд со кој има воспоставена долготрајна соработка која секако дена ќе продолжи и во иднина и покрај сегашните предизвици со пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Свои обраќања имаа и судиите на Уставниот суд кои беа присутни на оваа средба, при што заедничко беше што од нивна страна беше изразено задоволство за средбата на која беа потенцирани пријателските односи помеѓу двете држави и двата уставни суда.
Претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Мустафа Шентоп, се заблагодари за приемот и со задоволство нагласи дека ова е негова втора негова посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Истовремено, му се заблагодари на претседателот на Судот, г.Сали Мурати за неговиот целокупниот ангажман во севкупните македонско-турски односи за кои треба да се нагласи дека започнаа кога Република Турција ја призна Република Македонија во 1992 година. За него беше особено значаен фактот што е воспоставена соработка помеѓу уставните судови на двете држави.
Посетата на турската делегација во Република Северна Македонија е по повод одбележувањето на 21 Декември, Денот на настава на турски јазик.