Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 12 ноември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на член 54 став 1 точките од 1 до 9 и став 2 точките 1, 2 и 3 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019, 162/2019 и 233/2020).
2. Ацо Анастасовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение
Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Правилата не биле во согласност со членот 30 од Уставот и членот 110 од Законот за сопственост и други стварни права.
Во иницијативата е наведено дека правото на сопственост на посебните делови во станбените објекти за домување се состоело во тоа граѓаните слободно да располагаат со својот имот на начин како им одговарало, односно на најекономичен начин, вклучувајќи го правото на рационална и економична заштеда на енергија како и времетраење на користење на енергија за затоплување како и слобода на избор каква енергија ќе користи. Ова право никој не можел да го ограничи со донесување на подзаконски акт бидејќи односите помеѓу сопствениците на станови не можело да се уредуваат со подзаконски акт туку со договори помеѓу сопствениците на посебните делови. Понатаму во иницијативата се наведува дека сопственоста можело да се узурпира само ако се работело за јавен интерес, а во дадениот конкретен случај се работело за друштво со ограничена одговорност коешто ги ставало граѓаните во дискриминаторска положба во однос на оние граѓани кои спечалиле средства или ѓи прибавиле на незаконит однос.
Подносителот на иницијативата наведува дека бил станар со статус на лице коешто престанало да биде потрошувач и корисник на топловодни услуги уште во 2007 година поради постоење на дискриминација во пазарната економија и создавање на услови за наметнување на давачки за непостоечка правна работа.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија и да ги поништи истите.
3. Судот на седница утврди дека во глава XII. „Услови и постапка за ислучување на потрошувачите“ е определено дека исклучувањето по барање на потрошувачите во објекти е уредено во членот 54 кој е изменет со Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 162/2019 од 1 август 2019 година) и гласи: „Во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред на влез во топлинска подстаница може да се врши поединечно исклучување на посебен дел од објектот, по барање на сопственикот, кое го поднесува до снабдувачот со топлинска енергија, ако се исполнети следните услови и постапка: 1) сопственикот на посебниот дел од објектот кој што бара да се исклучи е потребно да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број на сопственици на посебни делови од објектот, 2) по добивање на писмената согласност од став 1, точка 1 од овој член, сопственикот на посебниот дел од објектот којшто бара да се исклучи е потребно да изготви елаборат за енергетска ефикасност, со кој се потврдува дека алтернативниот систем за греење којшто ќе се користи по исклучувањето е енергетски поефикасен, еколошки поприфатлив и значително го намалува користењето на примарна енергија потребна за испорака на единица топлинска енергија во споредба со системот за централно греење, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција, 3) барателот ангажира инженер со овластување за проектирање од областа на енергетската ефикасност за изготвување на елаборатот за енергетска ефикасност, 4) барателот му го доставува на снабдувачот елаборатот за енергетска ефикасност со барање за негово одобрување и реализирање. Снабдувачот одлучува по барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност со решение. Ако снабдувачот го одбие барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика, 5) барателот пристапува кон изведба на работите во елаборатот за енергетска ефикасност по добиеното одобрување од снабдувачот, 6) барателот ангажира енергетски контролор којшто ќе потврди дека изведениот систем за греење е реализиран согласно елаборатот за енергетска ефикасност, по завршување на изведбата, 7) барателот по писмен пат го информира снабдувачот за спроведената постапка за исклучување од системот за централно греење и ја приложува целокупната документација од спроведената постапка, 8) снабдувачот носи решение со кое го прифаќа или го одбива барањето за исклучување од системот за дистрибуција на топлинска енергија, 9) доколку снабдувачот го одбие барањето за исклучување, потрошувачот има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика, 10) по прифаќање на барањето на сопственикот и подмирување на сите доспеани обврски спрема снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија, договорот за снабдување со топлинска енергија се смета за раскинат“.
Од обврската за исполнување на условите и постапката од ставот 1 на овој член се ослободува сопственикот на посебниот дел од објектот кој со доставување на изјава за некористење на посебниот дел од објектот и валидни докази кај снабдувачот, ќе докаже дека посебниот дел од објектот нема да го користи од оправдани причини за кои одлучува комисија формирана од снабдувачот. Под валидни докази се подразбира: – доказ за престој во странство или – доказ дека сопственикот на станот е починат.
(3) Ако снабдувачот го одбие барањето од ставот 2 од овој член, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(4) Сопственик на посебен дел од објект на кого му е одобрено барањето од став 1 и став 2 има обврска за плаќање на надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.
(5) Сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти каде распределбата на надоместокот се врши преку еден мерен уред, а во кој што сопственикот не живее или не го користи за деловни потреби, има обврска да го плаќа надоместокот за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно Tарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
(6) Од обврската од став 5 од овој член се ослободува сопственикот на посебен дел во станбени, станбено-деловни, деловно-станбени и деловни објекти кој е исклучен од системот за централно греење, ако: 1) живее во него и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на сопственикот или член на неговото потесно семејство кој живее во станот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1000kWh) 2) го наследил, добил на подарок или го стекнал по друг правен основ, и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ (лична карта на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1000kWh), 3) го дава на користење и кај снабдувачот кон барањето за ослободување како доказ приложи валиден документ и тоа: – за корисник физичко лице (лична карта на корисникот на објектот на увид, имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1000kWh), – за корисник правно лице (имотен лист не постар од 30 дена од денот на поднесување на барањето, договор за закуп заверен на нотар и седум последни сметки за потрошена електрична енергија во грејна сезона, при што вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот од 1 октомври до 30 април треба да е поголема од 1000 kWh).
(7) Ако снабдувачот не го ослободи од обврската од став (6) од овој член, сопственикот на посебен дел има право да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
(8) Снабдувачот со податоците добиени од потрошувачот постапува во согласност со закон со кој се уредува заштитата на лични податоци.“
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод претходно поднесени иницијативи постапуваше по предметите У.бр.76/2019 од 22 јануари 2020 година и ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на членот 54 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 65/2019). Исто така, со Решението У.бр.82/2019 од 11 март 2020 година, Уставниот суд ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 54 став 1 точка 1, точка 2 во делот „по добивање на писмената согласност од став 1 точка 1 од овој член“, и став 3 во делот „(лична карта и имотен лист)“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.65/2019).
Во конкретниот случај оспорениот член 54 во целина има претрпено измени со Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.162/2019 од 1 август 2019 година и 233/2020 од 28 септември 2020 година) и не е повеќе во правниот поредок со иста содржина што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.90/2019
12.11.2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати