У.бр.58/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 3 декември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 9 и членот 10 од Правилникот за начинот на предавање на списи, книги, електронска евиденција и состојба на сметки од извршител чија должност престанала на именуваниот извршител, постапувањето по преземените предмети и правото на надомест на извршителот кој продолжува да постапува по предметите на извршителот, чија должност престанала, донесен на ден 30 октомври 2016 година во Струга, заведен под број 02-946/6 и потпишан од страна на претседателот на Комората на извршители.

2. Душан Филиповиќ, извршител од Охрид, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Во иницијативата поднесена од Душан Филиповиќ, извршител именуван за подрачјето на основните судови, Охрид, Струга и Дебар, со седиште на канцеларијата во Охрид, се наведува дека со членот 9 и членот 10 од оспорениот правилник повеќе биле заштитени интересите на извршителите на кои им престанала должноста, а не на новоименуваниот извршител. Во продолжение на иницијативата ги цитира оспорените членови од Правилникот и дава сопствени коментари за карактеристиките на одредбите, на извршителот како лице кое вршело јавни овластувања, за потребата од надоместок за извршени дејствија, со констатација дека поради тоа не можело да се генерализира и наметнува обврска на новоименуваниот извршител да исплаќа награда по дејствие кое го презел некој од претходните извршители кои постапувале во истото извршување, а не ја реализирал извршната исправа. Според наводите во иницијативата се оспорува согласноста на одредбите од Правилникот со член 74 став 7 од Законот за извршување и се изведува заклучок дека интенцијата на законодавецот била јасна во однос на тоа дека новоименуваниот извршител можел да ги наплати од должникот само извршните дејствија кој тој ги презел, а имале за последица реализација на извршната исправа.

3. Судот на седница утврди дека оспорениот правилник бил донесен на 30 октомври 2016 година во Струга, врз основа на член 74 став 7 од Законот за извршители („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) и бил објавен на веб страната на Комората на извршители (по прегледот и увидот на веб страна го немаше, доставен е до Судот во скенирана форма без можност за копирање. Истиот содржи 12 члена во кои се пропишува начинот на предавање на списите, книгите и останатата евиденција, состојбата на сметките на извршителот кој престанал и извршителот кој ќе продолжи со постапувањето по предметите. Согласно членот 12 од овој правилник, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување на веб страната на Комората, а ќе се применува со денот на примената на Законот за извршители („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 од 12 април 2016 година).

3. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

По однос на оспорениот правилник, Судот на седница утврди дека истиот нема карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа.

Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото.

Меѓутоа, во конкретниот случај оспорениот правилник донесен од страна на Комората на извршители во чија исклучива надлежност припаѓа, истиот на се објавува во „Службен весник на Република Македонија“, односно оспорениот правилник требало да биде објавен на вебстраната на Комората на извршители (по прегледот и увидот на вебстраната го немаше, доставен ни е во скенирана форма без можност за копирање). Истиот содржи 12 члена во кои се пропишува начинот на предавање на списите, книгите и останатата евиденција, состојбата на сметките на извршителот кој престанал и извршителот кој ќе продолжи со постапувањето по предметите. Согласно членот 12 од овој правилник, истиот влегува во сила осмиот ден од денот на неговото објавување на веб страната на Комората, а ќе се применува со денот на примената на Законот за извршители („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 од 12 април 2016 година.)

Со оглед на тоа дека конкретно се оспоруваат членот 9 и членот 10 од оспорениот правилник, кој е акт на Комората на извршители и не се објавува во „Службен весник на Република Македонија“, којшто не ги содржи потребните правни елементи, односно општи норми на однесување, и како таков, Судот оцени дека не е акт подобен за уставно судска оцена, поради што во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.58/2019
3 декември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати