У.бр.249/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/ 1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за делегирање вршење на работи од јавен интерес, бр.08-1176/9 од 25.10. 2019 година, донесена од Советот на Општина Крушево („Службен гласник на Општина Крушево“ бр.14 од 28.10.2019 година).

2. Киро Сотироски од Крушево, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот, како и со Законот за локалната самоуправа, Законот за јавните претпријатија, Законот за комунални дејности и Статутот на Општина Крушево.

Според подносителот на иницијативата, членот 1 од оспорената одлука не бил во согласност со одредбите од член 22 став 1 точка 4, член 24 ставови 1 и 2 и член 36 став 1 точките 8 и 15 од Законот за локалната самоуправа, при што истите ги цитира.

Општината за вршење на работи од нејзина надлежност – комунални дејности – снабдување со вода за пиење, одржување на јавна чистота, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад,… го имала формирано ЈП „Комуна“ Крушево за што било донесено и соодветен акт – Одлука (за основање-претежна дејност). „Дополнителните“ дејности не биле во согласност со законските одредби погоре наведени, од причина што не можело јавното претпријатие нив да ги извршува бидејќи за нив требало да се формираат посебни служби – јавни претпријатија, а не да ги извршувало истото јавно претпријатие.

Во однос на член 36 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа, според кој Советот „Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење во согласност со закон“, според подносителот, значело дека надлежност на Советот не било донесување на Одлука за делегирање односно „ДОДЕЛУВАЊЕ“ работи, туку дека СОВЕТОТ ДАВАЛ ДОЗВОЛА за вршење дејност од јавен интерес од локално значење.

Оспорената одлука исто така, била спротивна и со одредбите на Законот за јавните претпријатија, при што ги наведува и цитира член 1 ставови 1 и 3, членот 9 и член 10 став 1 точка 1. Имено, согласно наведените законски одредби, комуналните дејности биле дејности од јавен интерес, а под јавни претпријатија се подразбирало повеќе, а не едно претпријатие што ќе ги извршува сите дејности вклучувајќи го и зимското одржување на патиштата, а со оспорената одлука доделените работи што претставувале зимско одржување на патиштата не била дејност заради која било основано јавното претпријатие „Комуна“ – Крушево.

Од Законот за комунални дејности, како lex generalis, подносителот ги цитира членот 2, членот 5, член 7 став 3 и член 10 став 2 и според него, комунална дејност можела да се врши со основање на јавно претпријатие за комунална дејност, со давање концесија за вршење на комунална дејност на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на комунална дејност.

На крај, во наводите на иницијативата се цитираат член 21 став 1 точки 36 и 50 од Статутот на Општина Крушево, според кои Советот на Општината меѓу другото одлучувал за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење согласно одредбите од Законот за локална самоуправа, а со оспорената одлука се вршело „ДЕЛЕГИРАЊЕ“ работи од јавен интерес спротивно на горенаведените законски одредби во кои било пропишано дека Советот давал дозвола.

Врз основа на претходно наведеното, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука во целост и истата да ја поништи. Исто така, врз основа на членот 27 и член 71 алинеја 4 од Деловникот на Судот, до донесување на конечна одлука Судот да донесе решение со кое се запира извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на истата.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 4, членот 24 и член 36 став 1 точки 8 и 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002), членовите 2, 5 и 8 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија” бр.38/96, 6/2002, 40/2003, 49/06, 22/07, 83/09, 97/10, 6/12, 119/13, 41/14, 138/14, 25/15, 61/15, 39/16, 64/18 и 35/19) и член 21 став 1 точки 36 и 50 од Статутот на Општина Крушево („Службен гласник на Општина Крушево” бр.1/2007, 16/14 и 7/19), Советот на Општина Крушево, на седницата одржана на 25.10.2019 година, ја донел оспорената одлука за делегирање вршење на работи од јавен интерес.

Согласно членот 1 од Одлуката, со оваа одлука се доделува зимското одржување на улици и патишта во Општина Крушево, како дејност од јавен интерес, на ЈП „Комуна” Крушево.

Според членот 2, за зимското одржување на улиците и патиштата во Општина Крушево средствата ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Крушево, врз основа на Програмата за организирање и функционирање на зимското одржување на улици и општинските патишта на подрачјето на Општина Крушево.

Во членот 3 е уредено дека ЈП “Комуна” – Крушево, зимското одржување на улиците и патиштата е должна да го врши квалитетно и непрекинато на јавен и транспарентен начин.

Согласно членот 4, за условите и начинот на извршување на зимското одржување на улици и патишта во Општина Крушево, Градоначалникот на Општина Крушево ќе склучи договор со директорот на ЈП „Комуна” Крушево.

Во членот 5 е уредено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Крушево“.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, сметаме дека оспорената одлука нема карактер на пропис, поради што не е подобна за уставно-судска оцена.

Оспорената одлука за делегирање вршење на работи од јавен интерес е донесена од Советот на Општина Крушево на 25.10 2019 година, објавена во „Службен гласник на Општина Крушево“ бр.14 од 28.10.2019 година. Истата го регулира прашањето за доделување зимско одржување на улици и патишта во Општина Крушево како дејност од јавен интерес на ЈП „КОМУНА“–Крушево (член 1). За зимското одржување на улиците и патиштата во Општина Крушево средствата ќе бидат обезбедени од Буџетот на Општина Крушево, врз основа на Програмата за организирање и функционирање на зимското одржување на улици и општинските патишта на подрачјето на Општина Крушево (член 2). ЈП “Комуна” Крушево зимското одржување на улиците и патиштата е должна да го врши квалитетно и непрекинато на јавен и транспарентен начин (член 3). За условите и начинот на извршување на зимското одржување на улици и патишта во Општина Крушево, градоначалникот на Општина Крушево ќе склучи договор со директорот на ЈП “Комуна” Крушево (член 4). Оваа одлука влегува во сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Крушево“ (член 5).

Според Судот, оспорената одлука со која се доделува зимското одржување на улици и патишта во Општина Крушево како дејност од јавен интерес на ЈП „Комуна“ – Крушево, претставува поединечен, конкретен акт на општината, донесен во функција на операционализација на законските надлежности на општината во сферата на уредувањето на комуналните дејности и нема нормативен карактер, поради што одлуката не е подобна за уставно-судска анализа. Ова дотолку повеќе што со оспорената одлука не се уредуваат односи на општ начин и за неопределени субјекти, туку напротив со истата се регулираат права и обврски на две страни, во случајов на Општина Крушево и ЈП „Комуна“ – Крушево, односно е акт кој има дејство inter partes од што произлегува дека нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.249/2020
18.11.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати