Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 18 ноември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 24 став 4 во делот „точка 6“ од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 од Решението.
Подносителот во иницијативата наведува дека, согласно член 14 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 123/2012), во член 24 став 1 од Законот за возила по точката 5 се додала нова точка 6 согласно која органите на државната управа на Република Македонија, другите државни органи, единици на локалната самоуправа, јавните претпријатија основани од државата, јавни установи, невладини организации регистрирани во Република Македонија и правни лица на кои со закон им било доверено вршење на јавни функции доколку добиваат донирани возила од државна институција, државен орган, дипломатско-конзуларно претставништво, јавно претпријатие, невладина институција или хуманитарна организација и правно или физичко лице од друга земја. Точките 6 и 7 станале точки 7 и 8, додека пак по ставот 4 се додал нов став 5, според кој за докажување на статус на донирано возило од став 1 точка 6 на овој член, потребно било до органот за одобрување да достават доказ дека предметното возило било донирано од субјект од став 1 точка 6 на истиот член и доказ за прифаќање на донираното возило. Овие возила не смееле да се отуѓуваат во наредните пет години од денот на добивањето на одобрувањето.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека согласно член 8 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Маедонија“ бр.161/2019), во член 24 став 1 од Законот за возила во точката 3 по зборовите: „потесни семејства“ се додале зборовите: „кои имаат важечка дипломатска, конзуларна или службена лична карта“. Точките 4 и 5 се избришале, точката 6 станала точка 4, а точките 7 и 8 станале точки 5 и 6. Исто така, ставот 4 се избришал, а ставот 5 станал став 4.
Според подносителот, имајќи го предвид оспорениот дел „точка 6“ од став 4 на член 24 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016) и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019), неспорно произлегувало дека истиот упатувал на примена на дел од одредба која содржински не соодветстувала со точката 6 од член 24 став 4 од Законот за возила, кое нешто можело да доведе до забуна во практикувањето на правото, а со тоа и на нормата којашто се однесувала на субјектите кои требало да ја применуваат, односно истиот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Врз основа на погоре наведеното се предлага Уставниот суд на Република Северна Македонија, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел „точка 6“ од став 4 на член 24, од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) и истиот да го укине.
3. Судот на седницата во однос на точната содржина на член 24 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) го утврди следното:
Во основниот текст на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2008), член 24 имал 4 става и гласел:
1) Кај правното лице за технички преглед овластено за изведување на постапката за идентификација и/или идентификација и оцена на техничката состојба на возилата се спроведува постапка за идентификација на возилата што првпат се регистрираат во Република Македонија за потребите на:
1) меѓународни и меѓудржавни организации – за службено користење;
2) дипломатски и конзуларни претставништва на други држави во Република Македонија – за службено користење;
3) дипломатски и конзуларни лица вработени во странските претставништва во Република Македонија и членовите на нивните потесни семејства – за приватно користење;
4) државјани на Република Македонија кои се враќаат од постојана или привремена работа или престој во странство, доколку биле во странство најмалку една година без прекин;
5) странски државјани на кои им е издадено одобрение за привремен или постојан престој во Република Македонија;
6) хуманитарни организации за извршување на нивните хуманитарни работи и
7) возила кои пред повторното внесување во Република Македонија, еднаш биле регистрирани во Република Македонија.
2) Постапката на идентификација на возилата од ставот (1) на овој член се врши само врз основа на приложена документација, без преглед на возилото и без барање за сообразување со други прописи од областа на возилата.
3) Идентификација на возила од ставот (1) точка 3 на овој член не се однесува на државјаните на Република Македонија.
4) Идентификација на возилото од ставот (1) точки 4 и 5 на овој член може да се изврши во рок од една година од постојаното враќање, односно од добивање на дозвола за постојано или привремено престојување, ако возилото претходно било во сопственост на барателот најмалку шест месеци пред влегувањето во Република Македонија.
Со членот 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 123/2012), во член 24 став 1 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 140/2008 и 53/2011) по точката 5 се додава нова точка 6, која гласи:
„6) органите на државната управа на Република Македонија, другите државни органи, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија основани од државата, јавни установи, невладини организации регистрирани во Република Македонија и правни лица на кои со закон им е доверено вршење на јавни функции доколку добиваат донирани возила од државна институција, државен орган, дипломатско-конзуларно претставништво, јавно претпријатие, невладина институција или хуманитарна организација и правно или физичко лице од друга земја;“.
Точките 6 и 7 стануваат точки 7 и 8.
По ставот (4) се додава нов став (5), кој гласи:
„(5) За докажување на статус на донирано возило од ставот (1) точка 6 на овој член, потребно е до органот за одобрување да достават доказ дека предметното возило е донирано од субјект од ставот (1) точка 6 на овој член и доказ за прифаќање на донираното возило. Овие возила не смеат да се отуѓуваат во наредните пет години од денот на добивањето на одобрувањето.“
Со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/2019) во Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ брoj 140/2008, 53/2011, 123/2012, 70/2013, 164/2013, 138/2014, 154/2015, 192/2015 и 39/2016), во член 24 став 1 во точката 3 по зборовите: „потесни семејства“ се додаваат зборовите: „кои имаат важечка дипломатска, конзуларна или службена лична карта“.Точките 4 и 5 се бришат. Точката 6 станува точка 4, а точките 7 и 8 стануваат точки 5 и 6. Ставот 4 се брише и ставот 5 станува став 4.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од утврдената фактичка состојба произлегува дека со членот 24 од Законот за возила, се уредува спроведувањето на постапка за идентификација на возилата што првпат се регистрираат во Република Северна Македонија за конкретно утврдени потреби, при што согласно настанатите измени и дополнувања на членот 24 од Законот, со оспорениот дел од член 24 став 4 јасно се утврдува дека станува збор за докажување на статус на донирано возило, односно упатувањето содржано во таа одредба се однесува за спроведување на постапка за идентификација на донирани возила од државна институција, државен орган, дипломатско-конзуларно претставништво, јавно претпријатие, невладина институција или хуманитарна организација и правно или физичко лице од друга земја, наменети за потребите на органите на државната управа на Република Северна Македонија, другите државни органи, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија основани од државата, јавни установи, невладини организации регистрирани во Република Северна Македонија и правни лица на коишто со закон им е доверено вршење на јавни функции, при што истата не доведува до забуна во примената на оваа одредба, а со тоа и до повреда на член 8 став 1 алинеја 3 односно начелото на владеење на правото како што се наведува во иницијативата.
Имено, во конкретниот случај, во оспорениот дел на ставот 4 од член 24 од Законот наместо „точка 6“ би требало да стои „точка 4“, бидејќи со настанатата измена се бришат точките 4 и 5 од основниот текст и со тоа точката 6 станува точка 4, при што, се работи за номотехничко усогласување на делот од одредбата од член 24 став 4 од Законот, што е неспорно прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, изменува и дополнува, а не е во надлежност на Уставниот суд.
Имајќи ги предвид надлежностите на Уставниот суд, утврдени со членот 110 од Уставот, како и претходно изнесеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.199/2020
18 ноември 2020 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати