Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019 и 256/2020), на седницата одржана на 12 ноември 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Томе Делов од Битола, Симона Талевска од Битола, Благојче Стојановски од Скопје, Бојан Василески од Прилеп, Гордана Николовска од Битола, Зоја Андреев од Сопиште, Филип Пашоски од Прилеп, Александар Софронијоски од Кичево, Александар Јорданоски од Скопје, Диме Петрушевски од Пробиштип, Кристијан Смилевски од Стајковци, Христина Софронијоска од Скопје и Катерина Рамбабова Мишева од Штип, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на национална припадност, повредени со Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, утврдена од страна на Комисијата за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје, бр. 08/190/5 од 25.06.2020 година и дејствијата преземени од органите на Академијата за судии и јавни обвинители пред и за време на донесувањето на Одлуката за утврдување на квоти, бр.02-47/8 од 22.01.2020 година.
2. Подносителите на барањето најпрво наведуваат дека на 15.05.2019 година, од страна на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје бил објавен јавен оглас за прием на 60 слушатели во почетна обука 2019-2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 94/2020). Во објавениот оглас, каде се наведени условите за прием на почетна обука, не било објавено дека 40 слушатели ќе се избираат од редот на кандидатите кои се етнички Македонци, а дека со 20 кандидати ќе се обезбедувала соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Северна Македонија, ниту пак како услов се барала „националната припадност“ на кандидатите.
Доказ: – Јавен оглас за прием во почетна обука во
Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“- Скопје
Неколку дена по објавување на огласот, на 06.06.2029 година, во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115/2019, се објавени Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесена од Управниот одбор на Академијата и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, каде спротивно на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018), во членот 3 од споменатата статутарна одлука и во членот 8 од наведениот правилник било предвидено дека Управниот одбор на Академијата ќе определува посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетна обука, за секој нов упис посебно (член 42-а од Статутот и член 10-а од Правилникот). За ваквите измени и дополнувања на Статутот и Правилникот, според подносителите на барањето, немало законски основ во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и со оглед на тоа што јавниот оглас бил објавен пред изменувањето на Правилникот и Статутот, истите не можеле ретроактивно да се применуваат на овој оглас. Оттука, со донесувањето на овие незаконски измени на Правилникот и Статутот, Управниот одбор на Академијата не само што излегол надвор од своите законски овластувања, туку и ретроактивно ги применил истите на веќе објавен оглас и по завршување на целата постапка на полагање на приемниот испит, спротивно на член 52 став 4 од Уставот. Едноставно речено, во конкретниот случај, правилата на постапката биле променети откако истата била започната.
Доказ: – Статутарна одлука за изменување и дополнување на
Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“,
– Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“
Во периодот од 26 – 27.08.2019 година се одвивало полагањето на тестот за активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски или германски).
Полагање на квалификациски тест се одржал во периодот од 10 – 14.09.2019 година, а полагање на психолошкиот тест се одржало на 12 – 13.10.2019 година. Кандидатите кои го положиле овој тест се стекнале со право на полагање на тестот за интегритет во периодот 26 – 27.10.2019 година, а подоцна и со право на полагање на испитот кој се состои од:
-практичен дел (писмен), кој се одржал во периодот од 09 – 11.11.2019 година, и
-устен дел, кој се одржал во периодот од 14 – 23.11.2019 година.
На ден 25.06.2020 година, на својата веб-страна, Академијата ги објавила Ранг-листата на положени кандидати пријавени за приемниот испит за VII-та генерација, бр. 08/190/4 од 25.06.2020 година и Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација, бр. 08/190/5 од 25.06.2020 година, утврдени од страна на Комисијата за приемен испит при Академијата.
Доказ: – Соопштение за прием на слушатели на почетна
обука VII генерација, објавено на 25.06.2020 година на
веб-страната на Академијата
Во самата ранг-листа на слушатели на почетна обука за VII-та генерација било наведено дека истата е утврдена врз основа на членот 9 и член 90 став 2 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители и врз основа на член 42-а од Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Меѓутоа, во член 90 став 2 од Законот за Академија на судии и јавни обвинители било предвидено дека Комисијата за приемен испит врз основа на завршната оцена, согласно член 87 став 1 од Законот, утврдува ранг-листа на слушатели на почетна обука и ја објавува на огласна табла и веб-страната на Академијата, а согласно член 91 став 1 од Законот, приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата се врши врз основа на редоследот на успехот на ранг-листата до пополнување на предвидениот број на слушатели утврдени со одлуките на Судскиот совет на Република Македонија и Советот на јавните обвинители на Република Македонија од член 56 став 2 од Законот. Видно од Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација, наместо да го земе во предвид критериумот за успех на кандидатите на приемниот испит утврден со член 90 став 1 од Законот за Академијата на судии и јавни обвинители, во конкретниот случај Комисијата за приемен испит при Академијата ја утврдила Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација спротивно на наведените членови на Законот, така што истата ја сочинувале всушност 3 посебни ранг-листи: листа на примени кандидати – по националност Македонци, вкупно 40, а кои на ранг-листата на положени кандидати се заклучно со број 42; листа на слушатели на заедници кои сочинуваат најмалку 20% во Република Северна Македонија од 15 слушатели, како и листа на 5 слушатели од други заедници во Република Северна Македонија. Притоа, во третата листа на 5 слушатели од другите заедници во Република Северна Македонија, недостасувал податок од која националност се кандидатите.
Ако се имало предвид дека Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација била утврдена врз основа на подзаконски акти коишто не постоеле во моментот на објавување на јавниот оглас (членот 42-а од Статутот и членот 10-а од Правилникот), јасно произлегувало дека истата била незаконита, како и начинот на нејзиното утврдување бил противуставен бидејќи бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот кој изречно предвидувал забрана за ретроактивно дејство на прописите.
Доказ: Ранг-листа на слушатели на почетна обука за VII генерација, арх.бр.08/190/5 од 25.06.2019 година.
На ваков начин, со ретроактивна примена на прописи коишто не постоеле во моментот на објавување на јавниот оглас, кандидатите кои ги заземале местата од реден број 43 до реден број 60 на Ранг листата на положени кандидати (подносителите на барањето), биле директно дискриминирани по национална основа и биле неправедно исфрлени од Ранг-листата на слушатели само со оглед на фактот дека биле етнички Македонци.
Доказ: Ранг-листа на положени кандидати пријавени на приемниот испит за VII генерација, арх.бр.08/190/4 од 25.06.2019 година
Врз основа на незаконските измени на подзаконските акти на Академијата, на ден 22.01.2020 година, по завршување на сите фази на полагањето на испитот заклучно со месец ноември 2019 година и по завршување на управната постапка во Академијата, Управниот одбор на Академијата донел Одлука бр.02-47/8 од 22.01.2010 година, со која утврдува посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Видно од Одлуката, Управниот одбор истата ја засновал на член 42-а од Статутот, кој член бил додаден со Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата, донесена после објавувањето на огласот за прием на слушатели во почетна обука. Огласот бил објавен на 15.05.2019 година, а Одлуката била донесена на 22.01.2020 година.
Доказ: Одлука на Управниот одбор на Академијата, бр.02-47/8 од 22.01.2020 година.
Меѓутоа, фактот дека била донесена ваква одлука, на подносителите на барањето им станал познат дури на 03.07.2020 година, и тоа од Соопштението во врска со Ранг-листата на слушатели за прием во почетна обука VII генерација, објавено на веб-страната на Агенцијата.
Доказ: Соопштението во врска со Ранг-листата на слушатели за прием во почетна обука VII генерација, објавено на 03.07.2020 година на веб-страната на Агенцијата.
Користејќи го правото на пристап до информации од јавен карактер, подносителите на барањето до Академијата поднеле барање за пристап до информации од јавен карактер. На 23.07.2020 година, пред истекот на законскиот рок од 20 дена за одговор, од страна на Академијата им биле доставени:
– Одговор на барање од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, бр.03-196/2 од 23.07.2020 година,
– Одлука на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, бр.02-47/8 од 22.01.2020 година,
– Барање до Државен завод за статистика од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, бр.03-353/3 од 15.08.2019 година,
– Вкупно население според изјаснување по национална припадност по попис од 2002 година до Државен завод за статистика примено во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, на 19.08.2019 година и заведено со бр.03-351/3, и
– Одговор на барање на Државен завод за статистика примено во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, на 19.08.2019 година и заведено со бр. 03-351/2.
Доказ: – наведените акти
Видно од наведените докази било дека иако барањето за статистички податоци на населението било испратено на 15.08.2019 година, точно 3 месеци по објавувањето на јавниот оглас и по истото било одговорено на 19.08.2019 година, Управниот одбор на Академијата чекал да завршат сите фази од полагање на испитот, заклучно со месец ноември 2019 година и откако биле познати вкупно освоените бодови, но се уште немало утврдена ранг-листа на положени кандидати, да ги спроведе во пракса незаконските измени на Правилникот и Статутарната одлука со донесување на Одлуката бр.02-47/8 од 22.01.2020 година. Оттука, произлегувало дека врз основа на навидум неутралните одредби од Статутот на Академијата (член 42-а) и Правилникот (член 10-а) била донесена оваа одлука од страна на Управниот одбор на Академијата, со што како припадници на мнозинската заедница во Република Северна Македонија биле ставени во понеповолна положба во однос на слушателите – кандидати за слушатели кои биле припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.
Имајќи во предвид дека слушателите на почетната обука согласно член 93 став 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители засноваат работен однос со Академијата и согласно член 54 став 3 од Статутот на Академијата, своите права и обврски од работен однос ги остваруваат согласно Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и Законот за работните односи, а во моментот на настанувањето на повредата немало важечки пропис за спречување и заштита од дискриминација, на 10.07.2020 година до Основниот граѓански суд – Скопје, подносителите на ова барање поднеле тужба за повреда на одредбите од Законот за работни односи за забрана на дискриминација, со предлог за изрекување времена мерка да се прекине со понатамошниот тек на реализирање на постапката, односно со отпочнување на почетна обука на слушателите на VII генерација.
Доказ: – Тужба до Основниот граѓански суд – Скопје
со предлог времена мерка, РО 2436/20 и РО 2437/20.
Понатаму, во барањето се наведува дека правото на еднаквост бил основниот принцип на правата на човекот кој се засновал на еднаквата вредност и достоинство на сите човечки суштества. Овој принцип бил загарантиран со сите меѓународни документи за правата на човекот, на кои Република Северна Македонија им пристапила и ги ратификувала согласно со Уставот, како што биле Универзалната декларација за човековите права на ООН од 1948 година, Европската конвенција за човековите права и слободи од 1950 година, Конвенцијата бр.111 од 1958 година за забрана на дискриминација (во однос на вработување и професија) и други.
Во иста насока биле и меѓународните документи на меѓународните организации во кои Република Северна Македонија била земја-членка, а со кои се уредувал статусот и положбата на судиите и јавните обвинители, како што се: Основните начела за независност на судството на Обединетите нации усвоени на Седмиот конгрес на Обединетите нации за спречување на криминалот и третманот на прекршителите во септември 1985 година во Милано, Италија, Европската повелба за статутот на судиите од 1998 година на Советот на Европа, Начелата од Бангалор за однесувањето на судиите од 2020 година, Препораката СМ/Rec (2010)12 на Комитетот на министри на Советот на Европа до земјите-членки за судиите: независност, ефикасност и одговорност, усвоена на 17 ноември 2010 година и други.
Во сите овие документи се нагласувала потребата дека лицата избрани за судиската функција треба да се поединци со интегритет и способност, кои се стекнале со соодветна обука или правни квалификации. Секој метод на судски избор требало да биде таков што ќе оневозможи судско назначување од неправилни мотиви. При изборот на судии не требало да има дискриминација против некое лице врз основа на расна припадност, боја на кожа, полова припадност, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, место на раѓање или статус, освен условот кандидатот за судиската функција да биде државјанин на земјата, услов кој не се сметал за дискриминација.
Имајќи го предвид претходно наведеното, по објавувањето на Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација, бр.08/190/5 од 25.06.2020 година и по дознавањето за дејствијата преземени од страна на органите на Академијата кои резултирале со донесувањето на Одлуката за утврдување на квоти, бр.02-47/8 од 22.01.2020 година, свесни за сторената дискриминација по основ на нивната национална припадност како етнички Македонци, подносителите наведуваат дека ова барање до Уставниот суд го поднеле поради следните причини:
– Извор на повредата на правото на еднаквост во слободите и правата независно од националното потекло загарантирано со членот 9 од Уставот била Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, со која им било оневозможено правото да бидат слушатели на почетната обука во Академијата, а истата бил утврдена во незаконита постапка и врз основа на дискриминирачка основа.
– Во моментот на објавување на јавниот оглас важечки законски и подзаконски акти на кои се засновал огласот, биле Законот за Академијата на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015, 192/2015, 231/2015 и 163/2018) и Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.77/2015 и 195/2015). Условите за аплицирање на огласот, критериумите за селекција, начинот на селекција на кандидатите, начинот на полагање и формирање на ранг-листа на слушатели на почетна обука биле предвидени во овие законски и подзаконски акти, кои важеле во моментот на објавување на огласот, на кој се пријавиле и подносителите на барањето.
– Во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, ниту во објавениот јавен оглас, националната припадност на кандидатите не била наведена како услов, ниту пак во огласот биле објавени квоти со број на слушатели од одредени заедници, како што било на пример при упис на факултет. Сите кои биле пријавени на јавниот оглас имале предвид дека се борат за 60 места за идни слушатели на почетна обука.
– По завршувањето на испитот, подносителите на барањето, како положени кандидати кои се нашле на 43-60 место на Ранг-листата, со право очекувале да бидат примени и да склучат договор за работен однос со Академијата, но иако нивните очекувања биле реални, со самото тоа што Управниот одбор на Академијата донел одлука со која утврдил квоти кои не биле претходно предвидени со огласот, ги повредле тие очекувања.
– Дејствијата кои ги презел Управниот одбор на Академијата со цел да обезбеди основ за донесување или оправдување на Одлуката за утврдување на квоти преку наменски донесените незаконски измени на Правилникот и Статутот, како и целокупната постапка која претходела на донесувањето на оваа одлука, имале директен одлучувачки карактер за ограничување на нивното право да бидат еднакво третирани со другите кандидати и да бидат слушатели на почетна обука.
– Целокупната постапка била дискриминирачка бидејќи полагањето на приемниот испит било завршено заклучно со месец ноември 2019 година и откако било познато кои кандидати биле рангирани од 1-60 место на ранг-листата, била донесена дискриминирачка одлука за утврдување на квоти којашто произвела дискриминирачко дејство на ограничување на уставното начело на еднаквост и забрана за дискриминација по основ на етничко потекло на кандидатите.
– Споредбено со постапката за прием на VI-тата генерација слушатели на почетна обука во Академијата, во која огласот за пријавување бил објавен под постоење на исти услови и исти законски и подзаконски акти како и огласот од 15.05.2019 година, 30-те кандидати, колку што се барале во огласот, биле примени согласно освоените резултати на ранг-листата на положени кандидати од прво до 30-то место, како што е утврдено и во член 91 став 1 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, а заради почитување на принципот на соодветна и правична застапеност, Управниот одбор на Академијата тогаш донел одлука за зголемување на бројот на слушатели со кандидати од заедниците во Република Северна Македонија. Од ова јасно се заклучувало дека во потполно иста ситуација има различно постапување и одлучување од страна на Управниот одбор, што во суштина значело директна дискриминација кон подносителите на барањето како кандидати за слушатели.
– На ваков начин, како кандидати за VII-та генерација слушатели биле ставени во различна, односно понеповолна положба од кандидатите за претходната VI-та генерација. Со утврдување на Ранг-листата на слушатели спротивно на законските одредби, кон подносителите на барањето била извршена директна дискриминација по основ на национална припадност, така што иако имале освоено доволно бодови на квалификацискиот тест и испитот и биле рангирани од 43-60 место на Ранг-листата на положени кандидати, не биле наведени на Ранг-листата на слушатели само поради фактот што биле етнички Македонци, а на нивно место биле наведени 15 кандидати од заедниците кои сочинуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Северна Македонија и 5 кандидати од другите заедници во Република Северна Македонија. Доколку подносителите на барањето биле припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, тогаш без сомнение ќе биле наведени во конечната ранг-листа.
– Од друга страна, подносителите на барањето биле свесни дека практикувањето на начелото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија било неопходно за остварувањата на слободите и правата на сите граѓани во општество како што било нашето. Меѓутоа, истото требало да се реализира на транспарентен начин, со претходно утврдување на квоти на заедниците за секој поединечен оглас. Во тој случај, секој потенцијален кандидат би бил заштитен од неправдата која би можела да му биде нанесена и би се гарантирала правната сигурност на кандидатите. Донесувањето на Одлуката за утврдување квоти од страна на Управниот одбор на Академијата по завршувањето на полагањето на сите делови од приемниот испит и по завршувањето на управните постапки по жалба на незадоволните кандидати било само по себе дискриминаторско од аспект на периодот на донесување, со оглед дека Управниот одбор имал увид кој кандидат од секоја националност колку бодови имал освоено и на кое место на ранг-листата на положени кандидати се наоѓал. За нејзиното донесување, подносителите на барањето разбрале преку соопштение на Академијата на 03.07.2020 година, дури шест месеци по нејзиното донесување.
– Во отсуство на соодветно законско решение, Управниот одбор немал надлежност за дискреционо применување и произволно толкување на принципот на соодветна и правична застапеност на кандидатите за прием на почетна обука, утврден во членот 9 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, кој гласел: „При селекција на кандидатите за прием во почетна обука во Академијата, без да се нарушат критериумите предвидени со овој закон, се обезбедува соодветна и правична застапеност на граѓаните кои им припаѓаат на сите заедници во Република Македонија“. Оттука, примената на принципот на соодветна и правична застапеност на заедниците во никој случај не смеел да се направи на сметка на критериумот на успех и завршна оцена од испитот утврдени во член 90 став 2 и член 91 став 1 од Законот. Се до донесување на соодветно законско решение со кое ќе се уредело предметното прашање, Управниот одбор не би смеел да утврдува квоти за припадници на заедниците, без да се има утврдено јасни законски критериуми врз основа на кои ќе се определуваат истите. Сето ова било всушност доуредено во новиот Предлог-закон за Академијата за судии и јавни обвинители, кој меѓутоа бил амандмански блокиран во собраниска процедура.
– Во Одлуката за квоти Управниот одбор ја утврдил посебната квота поединечно наведувајќи само дел од заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија. Дотолку повеќе, во Одлуката не биле утврдени проценти за соодветна и правична застапеност на сите заедници, туку во истата било наведено дека само биле разгледани статистичките податоци, а не биле наведени проценти за секоја етничка заедница, ниту пак како процентите се претворени во места за кандидати за слушатели. Во самата одлука воопшто не било утврдено зошто за некои заедници се утврдува место за кандидати за слушатели, а за други заедници такво место не било предвидено.
– Се поставувало прашањето: Заради која цел и од каде Управниот одбор ги имал податоците за освоените бодови на кандидатите и нивната национална припадност, ако се имало предвид дека приемниот испит се полагал анонимно со испитна шифра за секој кандидат поединечно добиена уште при пријавувањето согласно член 59 став 4 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Колку бил заштитен идентитетот на секој поединечен кандидат со цел да се избегне какво било влијание, субјективност и пристрасност при изборот и селекцијата на кандидатите? Оттука, Одлуката за квоти повеќе личела на одлука за избор во која само недостасувале имињата и презимињата на кандидатите!
– Постапката за селекција на слушатели за почетна обука во Академијата формално-правно завршувала со утврдување на ранг листа на слушатели на почетна обука, врз основа на која слушателите потоа засноваат работен однос со Академијата согласно член 93 став 1 од Законот, што значело дека со самото тоа што врз основа на ранг-листата се остварувало правото на засновање на работен однос на секој кандидат поединечно, тоа значело дека таквиот акт имал карактер на поединечен и конечен акт за што, подносителите на барањето, како дискриминирани, имале право на заштита пред Уставниот суд.
Поради се напред наведено, подносителите на барањето предлагаат Уставниот суд да утврди повреда на забраната за дискриминација на граѓаните по основ на национална припадност, а со тоа и повреда на правото на еднаквост во слободите и правата независно од националното потекло загарантирано со членот 9 од Уставот и да ја поништи Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, бр.08/190/5 од 25.06.2020 година, како и бараат враќање во поранешна состојба така што приемот на кандидатите кои ќе бидат слушатели на почетната обука во Академијата да се изврши врз основа на редоследот на успехот на Ранг-листата на положени кандидати пријавени на приемниот испит за VII-та генерација.
Со оглед на тоа што со правната егзистенција на Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација, бр.08/190/5 од 25.06.2020 година, можеле да настанат неотстранливи или тешко отстранливи последици со тоа што во Академијата би почнала да тече подготовката за склучување на договори за вработување со слушателите кои се избрани според оваа ранг-листа, како и предавањата на почетната обука за VII генерација слушатели, а на штета и ускратувајќи го ова право на подносителите на барањето, истите предлагаат Уставниот суд, согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII генерација, бр. 08/190/5 од 25.06.2020 година, до донесување на конечна одлука.
На крајот на барањето, подносителите на истото истакнуваат посебно барање да бидат повикани на јавна седница на Уставниот суд и да го образложат своето барање.
3. Судот на седницата, врз основа на наводите во барањето и доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба:
На 15.05.2019 година, од страна на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје бил објавен јавен оглас за прием на 60 слушатели во почетна обука, 2019-2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 94/2020).
По објавување на огласот, на 06.06.2029 година, во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 115/2019, се објавени Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, донесена од Управниот одбор на Академијата и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за полагање на приемен испит во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, според кои Управниот одбор на Академијата ќе определува посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места за судии и јавни обвинители утврден во јавниот оглас за прием во почетна обука, за секој нов упис посебно (член 42-а од Статутот и член 10-а од Правилникот).
Постапката за прием на слушатели по јавниот оглас се одвивала во периодот од 26 август до 23 ноември 2019 година.
Управниот одбор на Академијата донел Одлука бр.02-47/8 од 22.01.2010 година, со која утврдува посебна квота за припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија, сметано од вкупниот број на слободни места утврдени со Јавниот оглас за прием во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.94/2019).
На ден 25.06.2020 година, на својата веб-страна, Академијата ги објавила Ранг-листата на положени кандидати пријавени за приемниот испит за VII генерација, бр. 08/190/4 од 25.06.2020 година и Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, бр. 08/190/5 од 25.06.2020 година, утврдени од страна на Комисијата за приемен испит при Академијата.
На ден 10.07.2020 година, незадоволни од објавената ранг-листа на слушатели за почетна обука за VII-та генерација, подносителите на ова барање до Основниот граѓански суд – Скопје, поднеле тужба РО 2436/20 и РО 2437/20 за повреда на одредбите од Законот за работни односи за забрана на дискриминација, со предлог за изрекување времена мерка да се прекине со понатамошниот тек на реализирање на постапката, односно со отпочнување на почетна обука на слушателите на VII-та генерација.
Постапката по ова тужбено барање не е завршена.
4. Со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, се определени слободите и правата на човекот и граѓанинот чија заштита се остварува пред Уставниот суд и тие се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Според член 28 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата:
– ако не е надлежен да одлучува за барањето;
– ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
– ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Доставеното барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот се однесува на забрана на дискриминација по основ на национална припадност, повредени со Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, утврдена од страна на Комисијата за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје, бр. 08/190/5 од 25.06.2020 година и дејствијата преземени од органите на Академијата за судии и јавни обвинители пред и за време на донесувањето на Одлуката за утврдување на квоти, бр.02-47/8 од 22.01.2020 година.
Барањето за заштита на наведените слободи и права е доставено до Уставниот суд на 1 септември 2020 година.
Ранг-листата на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, утврдена од страна на Комисијата за приемен испит при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје, која како конечен акт претставува основ за поднесување на барањето за заштита на слободите и правата, е објавена на огласната табла и на веб-страната на Академијата на 25.06.2020 година.
Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата не е доставено до Уставниот суд во рокот пропишан со член 51 од Деловникот, според кој заштита од Уставниот суд може да се бара во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, што претставува процесна пречка за одлучување по барањето.
Дополнително, подносителите на барањето, незадоволни од објавената ранг-листа на слушатели на почетна обука за VII-та генерација, имаат заведено судски спор пред Основниот граѓански суд Скопје, РО 2436/20 и РО 2437/20 за повреда на одредбите од Законот за работни односи за забрана на дискриминација, со предлог за изрекување времена мерка да се прекине со понатамошниот тек на реализирање на постапката, односно со отпочнување на почетна обука на слушателите на VII-та генерација.
Со оглед дека постапката по наведениот судски спор се уште не е завршена, произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд е преурането.
Ова затоа што инструментот заштита на слободи и права пред Уставниот суд е од супсидијарен карактер, која супсидијарна заштита подразбира претходно исцрпување на сите редовни правни средства кои му стојат на располагање на барателот за заштита на слободите и правата, што значи да постои конечен или правосилен акт по прашањето за повреда на слободите и правата, вклучително и запазување на роковите во кои потоа се бара постапување пред Уставниот суд согласно членот 51 од Деловникот на Судот.
Во конкретниот случај, за прашањето поставено со барањето – заштита од дискриминација по национална припадност, домашното законодавство обезбедува ефикасно правно средство – тужба за заштита од дискриминација пред надлежен суд, пред којшто во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност, секој може да побара заштита од повредена слобода или право, како и заштита од дискриминација, кое право подносителите на барањето го искористиле.
Поради тоа, Судот оцени дека во конкретниот случај не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд за впуштање во мериторно постапување и одлучување по барањето за заштита на слободите и правата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на барањето.
5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.250/2020
12 ноември 2020 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати