Презентација на издвоените мислења кај одлуките и решенијата на Уставниот суд на Република Северна Македонија

Најпрвин во мое лично име и во име на Уставниот суд сакам да упатам најискрени поздрави до сите претседатели и судии на уставните судови во регионот. Исто така, праќаме срдечен поздрав до поранешниот судија на Сојузниот уставен суд на СР Германија, проф. д-р Михаел Ајхбергер, преставниците на ИРЗ и Амбасадата на СР Германија во Скопје за поддршката на вакви и слични настани.

Основните човекови слободи и права, владеењето на правото, поделбата на власта и политичкиот плурализам загарантирани со Уставот се основните принципи врз кои почива едно демократско општество и со кои се обезбедува постоењето и функционирањето на една правна држава. Со почитувањето на овие уставни принципи се обезбедува правната сигурност и стабилноста на еден систем.

Уставниот суд како орган на државата, којшто ја штити уставноста и законитоста како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот претставува гаранција за остварувањето на уставните начела.

Во оваа насока, во работата на Уставниот суд, се применува институтот издвоено мислење при мнозинско донесување на одлуки или решенија, кој својата примена ја остварува во Деловникот на Уставниот суд од 1992 година.

Согласно член 25 став 4 од Деловникот, решенијата односно одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број судии на Уставниот суд, освен кога со Уставот, односно со овој деловник не е поинаку определено.

Судија на Уставниот суд кој е спречен да присуствува на седница може за предметот да даде писмено мислење (став 5 на член 25 од Деловникот).

Во член 25 став 6 од Деловникот, е пропишано дека судијата што гласал против одлуката или што смета дека таа треба да се заснова на други правни основи, може да го издвои своето мислење и писмено да го образложи. Издвоеното мислење се објавува во „Билтенот на Судот“ и во службеното гласило во кое се објавува одлуката на Судот.

Според членот 50 од Деловникот за советувањето и гласањето се составува посебен записник. Кон записникот за советување и гласање од седницата на Судот којшто содржи: датум на советувањето и гласањето, имињата на судиите што учествувале во советувањето и гласањето, битна содржина на советувањето, резултат на гласањето, усвоената одлука и имињата на судиите што гласале ЗА и ПРОТИВ одлуката, се приложуваат и писмено образложените издвоени мислења.

Одлуките на Уставниот суд задолжително се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а Судот може да одлучи во службеното гласило да се објават и одделни решенија, согласно членот 78 од Деловникот.

За поголема транспарентост и запознавање на пошироката јавност за работењето на Судот, во тековната 2020 година е востановена нова пракса – секое решение по кое што е издвоено мислење од судија или судии, да се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“. Воедно, сите издвоени мислења, како составен дел од едно решение или одлука, се објавуваат на веб- страната на Судот.

Постоењето и користењето на овој инструмент – издвоено мислење при одлучувањето на Судот, во последните години е сѐ повеќе застапено во работата на Уставниот суд, на кој начин Уставниот суд ја остварува својата улога во афирмирањето на правната држава и остварувањето на уставно загарантираните приниципи.

Во нашето законодавство институтот издвоено мислење покрај во Деловникот на Уставниот суд се применува и во други установи. Така во Законот за парничната постапка од 2011 година, во членот 120 се предвидува:

1. За советувањето и гласањето се составува посебен записник. Ако кај повисокиот суд во постапката по правниот лек одлуката е донесена едногласно, нема да се состави записник, туку на оригиналот на одлуката ќе се состави забелешка за советувањето и гласањето. (2) Записникот за советувањето и гласањето го содржи текот на гласањето и одлуката што е донесена. (3) Издвоените мислења се приклучуваат кон записникот за советувањето и гласањето ако не се внесени во самиот записник. (4) Записникот, односно белешката за гласањето ја потпишуваат сите членови на советот и записничарот. (5) Записникот за советувањето и гласањето ќе се затвори во посебна обвивка. Овој записник може да го разгледа само повисокиот суд кога решава по правен лек, и во тој случај записникот повторно ќе се затвори во посебна обвивка и на обвивката ќе се назначи дека записникот е разгледан. Законот за парничната постапка (пречистен текст)

2. Исто така, во повеќе деловници за работа на комисии за прекршоци (како органи надлежни за водење на постапки во прв степен за прекршоци) се предвидува институт издвоено мислење т.п во членот 6 од деловникот за работа на комисијата за прекршоци од Законот за електронски комуникации се предвидува „(1) членот кој гласал различно од мнозинството членови на комисијата може да има издвоено мислење и тоа треба да биде писмено образложено. (2) Издвоеното мислење се приложува кон записник од резултатите за соодветниот прекршок.

Од горното можеме да заклучиме дека издвоеното мислење како институт освен во Уставниот суд се предвидува и кај другите судски управни органи. Поставеноста на институтот издвоено мислење добива внатрешна и надворешна тежина само во работењето на Уставниот суд. Во другите установи повеќе е насочено кон индивидуален предмет и претставува составен внатрешен дел на предметот за разлика од поставеноста на институтот издвоено мислење кое самостојно го следи патот на главната одлука односно решение.

Од друга страна општо е познато дека издвоените мислења на судиите во јавноста и од страна на правната научна фела се примаат со огромно задоволство. Повеќепати издвоените мислења се пренесуваат во целост во разни правни портали, се користат при научните истражувања и трудови објавени од страна на академската јавност. Има значителен број на издвоени мислења на кои се повикуваат академската и научна јавност во земјава. Исто така и законодавниот дом и извршната власт при донесување на измени и доплонувања се почесто обрнуваат внимание на донесените издвоени мислења.

Можам слободно да кажам дека во последните години оваа алатка го воздигнува научниот пристап и ние судиите сме прилично охрабрени со најавување и издвојување на издвоените мислења. Со тоа сметам дека издвоените мислења етапно и еволутивно влијаат кон примената и на подоцнежни промени и во судската пракса на нашиот суд.

Инструментот издвоено мислење во Уставниот суд датира уште од 1992 година. Имено, од 1992 до декември 2020 година, изготвени се вкупно 156 издвоени мислења од судии по вкупно 143 предмети.

Број на издвоени мислења по години

Година    Издвоени мислења
1992                     1
1993                     2
1998                     2
2002                     1
2003                     3
2004                     3
2005                     4
2006                     2
2007                     2
2008                     7
2009                     14
2010                     1
2011                     4
2012                     3
2013                     14
2014                     20
2015                     12
2016                     12
2017                     2
2018                     9
2019                     16
2020                     22
Вкупно:                156

Од вкупниот број издвоени мислења, 138 се од поеднечни судии, а 17 издвоени мислења се заеднички од повеќе судии.

Од вкупниот број предмети по кои се издвојувало мислење, во најголем дел во тие предмети биле оспорувани закони или законски одредби, 89 издвоени мислења (62,3%). По предметите во кои се одлучувало за оценување на уставноста и законитоста на прописи и други акти, има вкупно 42 издвоени мислења (29,3%); По однос на барањата за заштита на слободите и правата, има 11 издвоени мислења (7,7%) и едно издвоено мислење има во предмет во кој се одлучувало за судир на надлежности (0,7%).

По предмети во кои Судот донел одлука за укинување или поништување на закон, друг пропис или нивна одредба, како и одлуките за одбивање или утврдување, во постапката за одлучување по барања за заштита на слободите и правата, се издвоени вкупно 27 мислења (19%).

Најголем дел од издвоените мислења се однесуваат на решенијата за неповедување на постапка за оценување на уставноста на закон или законски одредби, прописи и други акти – вкупно 79 издвоени мислења (55%).

По однос на решенијата со кои се отфрла иницијативата или барањето за заштита на слободите и правата, има вкупно 25 издвоени мислења (17,5%).

По однос на решенија со кои се запира постапката, има вкупно 8 издвоени мислења (5,6%), а по однос на решенија со кои се поведува постапката има 4 издвоени мислења (2,8%).

Ако се разгледаат донесените издвоени мислења ќе се види дека различни се правните области против кои се напишани издвоените мислења. Можам слободно да кажам дека скоро во сите области на нашето одлучување може да се видат објавени издвоени мислења.

Исто така, ме радува фактот дека при изготвување на издвоените мислења судиите ја користат судската пракса од судовите во опкружувањето, судската пракса на ЕСЧП и ставовите на познатите академици и научни работници во опкружувањето и пошироко. Со тоа се добива во квалитетот и оправданоста на издвоените мислења.

Во периодот од 1992 до денес (2020 година), Судот има одлучувано по вкупно 5230 предмети, од кои има донесено вкупно 1073 одлуки со кои се укинува/поништува закон или законски одредби, други прописи и одбивателни/утврдувачки одлуки во барањата за заштита на слободите и правата. Во овој период се донесени вкупно 2244 решенија за непове¬ду¬вање на постапка, 1861 решенија со кои се отфрла иницијативата/барањето и 63 решенија со кои се запира постапката.

Од вкупниот број на предмети од 1992 година до денес (5.230) по 143 предмети има издвоено мислење што во процент би изнесувало 2,73 %.

Од 1992 година до 2012 година, Судот одлучувал по вкупно 3982 предмети, по 40 предмети има издвоени мислења, а вкупно има 56 издвоени мислења што процентуално би изнесувало во 1% од вкупниот број решение предмети имало издвоено мислење.

Во текот на мојот мандат од 2012 година до сега, Уставниот суд има одлучувано по вкупно 1259 предмети, од кои има донесено 153 одлуки (укинувачки/поништувачки/одбивателни/утврдувачки), 585 решенија за неповедување на постапка, 506 решенија со кои се отфрла иницијативата или барањето за заштита на слободите и правата и 15 решенија за запирање на постапката.

Од вкупниот број предмети 1259 (од 2012 година до сега, декември 2020 година), вкупниот број на предмети по кои има издвоено мислење е 103, а вкупно 110 издвоени мислења од поединечни судии или заеднички издвоени мислења од повеќе судии, што процентуално би значело во 8,2% од вкупниот број решени предмети има издвоено мислење.

Во текот на мојот мандат, од вкупниот број на предмети за кои има издвоено мислење (103), најголемиот дел се однесуваат на предметите со кои се оценува уставноста на закони или законски одредби – 65 (63,1%), во однос на предметите со кои се оценува уставноста и законитоста на прописи и други општи акти, бројот на издвоени мислења е 30 (29,2%), а по однос на барањата за заштита на слободите и правата има вкупно 8 издвоени мислења (7,7%).

Од вкупниот број предмети по кои се издвојувало мислење (103), најголем број издвоени мислења се по однос на решенија за неповедување на постапка – 59 издвоени мислења (57,3%), по однос на решенија со кои се отфрлила иницијативата или барањето има 21 издвоено мислење (20,38%), по однос на донесени одлуки за укинување/поништување/одбивање/утврдување има 12 издвоени мислења (11,65%), по однос на решенија со кои се запрела постапката има 7 издвоени мислења (6,79%) и по однос на решенија со кои Судот повел постапка има 4 издвоени мислења (3,88%).

Од вкупниот број издвоени мислења (110) во текот на мојот мандат, има вкупно 93 издвоени мислења од поединечни судии, а 17 издвоени мислења се заеднички изготвени од неколку судии.

Јас, како судија и како претседател на Судот, во текот на мојот мандат имам изготвено 35 издвоени мислења од кои 28 издвоени мислења самостојно сум ги изготвил, а 7 издвоени мислења заеднички со други судии.

Во досегашната пракса, иако издвоените мислења најчесто се изготвуваат по однос на решенија или одлуки кои се донесени со мнозинство гласови, сепак има неколку случаи каде што судијата иако не гласал против одредено решение или одлука, сепак по предметот издвојува свое мислење во кое наведува различен став односно образложение од она што е наведено во решението или одлуката.

Овој инстумент на издвоено мислење се применува во повеќе уставни судови во регионот, како и во меѓународните судови од каде произлегува карактерот и улогата на уставното судство.

Издвоените мислења можат да бидат и дел од уставно-судската практика како составен дел од реферат кој е во фаза на претходна постапка, со цел на зацврстување на ставот по тој предмет и подобрување на образложението по предметот.

Скопје
09.12.2020 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати