Интервју на претседателот на Судот, Сали Мурати, во рамките на истражувањето на Блупринт групата за реформи во правосудството заради изготвување на Извештај за проблемите и предизвиците од примената на уставните одредби за вонредна состојбата утврдена заради справување со пандемијата од вирусот COVID-19

На барање од Блупринт групата за реформи во правосудството, беше доставен прашалник по однос на одредени уставно-правни дилеми и прашања во врска со вонредната состојба, како и конкретно за работата на Уставниот суд за време на вонредната состојба, чие постоење беше утврдено во месец март 2020 година од страна на претседателот на Републиката.

1. Дали според вас, Уставот и законите во нашиот правен поредок на доволно прецизен и јасен начин ја уредуваат постапката за утврдување на вонредната состојба и вонредната состојба воопшто?

а) Во однос на Уставот, одговорот е потврден, односно може да се каже дека уредува поголем број прашања во однос на вонредната состојба на доволно прецизен и јасен начин.

Конкретно, Уставот има посебен Оддел (VII, членови 122-128), кој се однесува на одбраната на Републиката, воената и вонредната состојба.

Во член 125 став 1 од Уставот, се утврдени двата случаи кога настанува вонредната состојба: кога ќе настанат (1) големи природни непогоди или (2) епидемии.

Од ставот 2 од истиот член, произлегува дека: (1) постоењето на вонредната состојба треба да се утврди; (2) постоењето на вонредната состојба може да се утврди за територијата на Република Македонија или нејзин дел; (3) Собранието утврдува постоење вонредна состојба; и (4) овластени предлагачи за утврдување постоење на вонредна состојба се: претседателот на Републиката, Владата; или најмалку 30 пратеници.

Во ставот 3 од овој член се утврдени: (1) формата во која се утврдува постоење на вонредна состојба (одлука); (2) мнозинството со кое се донесува одлуката со која се утврдува постоењето вонредна состојба (двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници); и (3) времетраењето на важноста на одлуката за утврдување постоење вонредна состојба (30 дена).

На крајот, со ставот 4 од истиот член е уредена ситуацијата кога Собранието не може да се состане за да утврди постоење вонредна состојба. Во таков случај, претседателот на Републиката донесува одлука за утврдување постоење вонредна состојба со обврска да ја поднесе на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во членот 126 став 1 од Уставот е утврдено овластувањето на Владата при постоење воена или вонредна состојба да донесува уредби со законска сила во согласност со Уставот и со закон.

Со ставот 2 од истиот член, е определено времетраењето на ова овластување (до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието).

И како последна одредба од овој оддел на Уставот, е членот 128 кој предвидува дека мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

Покрај одредбите во посебниот Оддел кој меѓу другото, се однесува и на вонредната состојба, во Уставот се содржани и други одредби за вонредната состојба:
– користењето на правото на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба (член 21 став 2);
– слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот; ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба; ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста. (член 54 ставови 2, 3 и 4); и
– мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба (член 63 став 4).

При давањето на горниот заклучок, се има предвид дека Уставот е највисокиот правен акт во правниот поредок со кој на општ начин се уредуваат основните односи во општеството, организацијата на државната власт и слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Од друга страна, не постои таков устав кој може детално да го уреди секое прашање. Во таков случај, разрешување на дилемите кои може да се појават, може да се бара преку разните методи за толкување на правните норми со земање предвид и на другите уставни одредби и секако на темелните вредности на нашиот поредок.
Исто така, неуредените ситуации може да бидат разрешени преку воспоставување уставни обичаи кои ќе бидат во рамките на уставните вредности и основни принципи на уставниот поредок.

Важна улога има и Уставниот суд, кој преку своите одлуки може да ја оствари својата улога на толкувач на уставните норми при вршењето на своите надлежности и да ги разреши спорните или нејасни прашања кои се јавуваат во праксата.

Треба да се нагласи дека до прогласувањето на вонредната состојба во март оваа година, Уставниот суд немаше никаква претходна пракса по ниту едно прашање во однос на вонредната состојба и за првпат одлучуваше за овие прашања, без притоа да има можност да консултира свои претходни одлуки и ставови.

Во контекст на ова, како пример од новата уставно-пракса, може да се наведе Решението У.бр.55/2020 од 12.05.2020 година, со кое беше одлучено да не се поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).

Имено, според подносителот на иницијативата, оспорената одлука, со која вторпат се утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19, била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11, член 51 став 2, член 54 став 1, член 87 став 1, член 110 став 1 алинеја 6 и член 125 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Конкретно, било спорно тоа што и по истекот на максимално предвидените 30 дена на времетраењето на првично прогласената вонредна состојба, претседателот на Републиката, сосема противуставно, паушално и арбитрарно, донел нова, т.е. втора деклараторна одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба за уште дополнителни 30 дена (што значело вкупно 60 дена).

Во образложението на погоре цитираното Решение, по однос на ова се наведува:

„Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека постои јасна уставна регулатива според која, под точно определени услови, Собранието или претседателот на Републиката може да прогласи вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел, со важност од најмногу 30 дена.

Со иницијативата како спорно се поставува прашањето дали вонредна состојба, поради исти причини, може да се прогласи двапати по 30 дена, односно дали вонредната состојба прогласена поради исти причини може да трае 60 дена.

Според Судот, Уставот не ограничува, ниту тоа е можно, колку пати ќе биде прогласена вонредна состојба, доколку надлежните органи – Собранието или претседателот на Републиката, проценат дека се исполнети условите и потребата за нејзино прогласување. Единственото ограничување е дека одлуката за прогласување на вонредна состојба може да има важност од најмногу 30 дена. Тоа значи дека Уставот определува дека по истекот на тој рок, вонредната состојба престанува. Доколку условите за постоење на вонредна состојба и понатаму остануваат, што е уставен основ и услов, се носи нова одлука за прогласување на вонредна состојба. Тоа е гаранција дека не може автоматски да се продолжува вонредната состојба, туку има потреба од нова проценка дали постојат услови и потреба за постоење на вонредна состојба, и доколку се процени дека тоа е потребно и оправдано, се носи нова одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба за одреден период, кој повторно не може да изнесува повеќе од 30 дена. Ова затоа што вонредната состојба подразбира редуцирање на одредени слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, што мора да биде исклучок, поради што и нејзиното временско ограничување е нужно и подлежи на задолжително преиспитување.

Во конкретниот случај, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/1 од 18.03.2020 година до Собранието на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.03.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да свика седница на која ќе се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020). Со Одлуката се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020). Според оваа одлука, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, како и врз основа на образложен предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.

Оттука, произлегува дека и при донесувањето на втората одлука за утврдување на вонредна состојба, исто како и при донесувањето на првата таква одлука, до претседателот на Републиката, од страна на Владата е доставен образложен предлог во кој се утврдува постоење на епидемија со која е зафатена територијата на целата Република, од кои причини постои потреба од прогласување на вонредна состојба. По разгледување на оправданоста на предлогот, следува донесувањето на Одлуката. Имајќи го предвид наведеното, крајно неосновани се наводите во иницијативата дека претседателот самоволно и волунтаристички ја донел оваа одлука.

Во смисла на наведеното, произлегува дека наводите во иницијативата дека после 30-дневна вонредна состојба, можело да се продолжи само со кризна состојба, како пониско ниво на прогласена опасност по јавното здравје или како што се наведува во иницијативата: „можеше елегантно да се реши со прогласување на кризна состојба на територијата на целата Република или, пак, само на делови од неа“, се неосновани. Ниту вонредната, ниту кризната состојба не се прогласуваат по автоматизам, туку тоа е резултат на сеопфатна анализа и проценка на надлежните државни органи за тоа што е во најдобар јавен интерес во дадена ситуација.

Постои строга процедура и проценка за прогласување на вонредна состојба од страна на уставно определените органи, и во однос на условите за прогласување на вонредната состојба, и во однос на периодот за кој истата се прогласува, што е токму во насока на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот кои во вонредна состојба се нужно редуцирани заради заштита на јавниот интерес, поради што вонредната состојба е временски ограничена и подложена на постојана преоценка и таквиот пристап е во согласност со меѓународното хуманитарно право.

Поради тоа, Судот оцени дека со донесувањето на втората одлука за прогласување на вонредна состојба на целата територија на Републиката за период од 30 дена, не се повредени уставните одредби на кои се повикува иницијативата.“

На крајот, мора да се нагласи дека Уставниот суд, во рамките на своето постапување и одлучување ги имаше предвид и меѓународните стандарди, особено на Венецијанската комисија кои се однесуваат на вонредната состојба.

б) По однос на законодавството, факт е дека од донесувањето на Уставот до денес, не е донесен посебен закон за вонредна состојба, преку кој би се разработиле уставните норми за вонредната состојба.

Факт е и дека Уставот, не содржи одредба која предвидува донесување посебен закон за вонредна состојба.

Во начело, ова не може да биде пречка за донесување на ваков закон, доколку Собранието како општествен регулатор, оцени дека е потребно да донесе посебен закон за вонредна состојба.

Меѓутоа, во тој случај, за донесувањето на овој закон би било потребно само обично мнозинство од вкупниот број пратеници. Од друга страна, ова може да биде проблематично со оглед на тоа што со овој закон би требало конкретно да се уредат постапувањата на органите на државната власт за време на вонредната состојба и ограничувањата на уставните слободи и права.

Сепак, во македонското законодавство постојат норми кои се однесуваат на одредени прашања поврзани со вонредната состојба. Во Законот за Владата на Република Македонија, има одредби за уредбите со законска сила. Понатаму, во член 31 став 5 од Законот за управување со кризи, предвидено е дека ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Според тоа, во делот на законодавството, може да се каже дека постои одредена релевантна регулатива, но дека е потребна анализа дали истата во доволна мера и на задоволителен начин регулира прашања поврзани со вонредната состојба преку земање предвид на досегашните искуства и прашањата кои произлегуваат од тоа како се применува истата.

2. Искуството од оваа година ни покажа дека доколку толкувањето на фразата од чл. 125 ст. 4 од Уставот на РСМ „Ако Собранието не може да се состане“ ја поврземе со правна пречка (распуштено Собрание) се соочуваме со ситуација да државата нема функционално претставничко тело и законодавен дом во состојба на вонредна состојба. Дали во некоја од одлуките или решенијата Уставниот суд дава толкување на оваа одредба? Или пак, дали на било кој друг начин Уставниот суд дефинираше став во врска со уставната и законска (не)оправданост за несвикувањето на седница на Собранието на која требаше да се разгледа предлогот поднесен од Владата на РСМ за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот?

а) Уставноста на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, број 08-1421/1 од 16.02.2020 година, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 43/2020), беше оспорена пред Уставниот суд во предметот У.бр.40/2020, каде меѓу другото беа изнесени наводи во врска со Вашето прашање.

Со Решението У.бр.40/2020 од 8 и 15 април 2020 година, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на горецитираната Одлука на Собранието.

Во образложението на ова решение, Судот се изјасни и за овие наводи каде меѓу другото, се наведува:

„Судот ги имаше во вид наводите од иницијативата дека неосновано било мислењето дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците и дека тие не можеле повторно да заседаваат, односно дека претседателот на Собранието од само нему познати причини без уставна основа не свикал седница на Собранието на која требало да се разгледа предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирусот и да се донесе одлука со која ќе се поништела Одлуката за распуштање на Собранието, поради што останувала надлежноста на Уставниот суд да ја поништи Одлуката за распуштање на Собранието.

Меѓутоа од аспект на тие наводи, не може да се разгледува согласноста на оспорената одлука со Уставот. Ова од причини што со неа акцентот на уставноста на оспорениот акт, којшто е донесен на 16.02.2020 година, уште кога не била прогласена вонредна состојба, се бара да се оценува низ призмата на нејзината согласност со Уставот, но од аспект на последици кои настанале или можат да настанат по нејзиното донесување, а по прогласена вонредна состојба.“

б) По донесувањето на ова решение, од страна на еден од уставните судии, беше поднесен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста на истата одлука на Собранието, каде како образложение беше потенцирано дека со поништувањето на одлуката би се создала правна можност за повторно свикување на претходно распуштеното Собрание.

Судиите на Уставниот суд, по завршувањето на XII седница на Судот, одржаа работен состанок на кој беше разгледана оваа иницијатива. По дискусијата од страна на сите судии, едногласно се зазеде став дека не постојат услови за прифаќање на иницијативата.

Ова беше е од причина што во случајот, стануваше збор за пресудена работа што значи дека Судот веќе се изјаснил за уставноста на оваа одлука на Собранието во предметот У.бр.40/2020, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, при што и тогаш во расправата биле земени предвид и околностите на кои се укажа со повторната иницијатива од страна на судијата на Уставниот суд.

в) Неможноста за свикување на седница на Собранието за времетраењето на вонредната состојба беше опфатено и во погоре споменатиот предмет У.бр.55/2020.

Меѓутоа, во овој предмет тоа беше само дел од утврдената фактичка состојба, односно Судот ова го прифати како неспорен факт согласно Известувањето на тогашниот претседател на Собранието и врз основа на што, заедно со другите факти, беше ценето дали постоеле уставно предвидените услови за донесување одлука за утврдување постоење вонредна состојба.

г) Уставноста на несвикувањето на Собранието по неговото распуштање, конкретно не беше разгледувана во посебен предмет од страна на Уставниот суд.

Но, треба да се нагласи дека во јавните настапи на тогашниот претседател на Собранието, како причина за несвикување на Собранието беше наведувано стојалиштето на Уставниот суд изразено во Одлуката У.бр.104/2016 од 25 мај 2020 година:

„Со Уставот не е утврдено мандатот на пратениците во Собранието да продолжи во случај на распуштање на Собранието, ниту е предвидено во таков случај тие да продолжат со должноста. Според тоа не може да постои било какво одлагање на распуштање на Собранието, а со тоа и одложено губење на мандатот на пратениците.

Спротивно на изнесеното, Собранието продолжи да работи во својот полн капацитет во периодот од 19.01.2016 година кога е донесена првата Одлука за самораспуштање со одложно дејство, па се до 07.04.2016 година кога Собранието фактички се самораспушти.

Одложеното дејство на оспорената одлука, односно одложеното дејство на распуштањето на Собранието, како највисоко избрано претставничко тело на државата кое има законодавна надлежност, не може да се поистоветува или компарира со одложеното дејство на законите или други нормативни акти.

Според членот 63 став 3 од Уставот на Република Македонија скратениот рок за вонредни парламентарни избори (60 дена) не трпи одлагање, а мандатот на пратениците не може да продолжи во случај на самораспуштање на Собранието, надвор од условите утврдени во членот 63 став 4 од Уставот, од каде Судот утврди дека со оспорената одлука се прави повреда на членот 63 ставовите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија.“

3. Дилеми отвори и одредбата од членот 126 став 2 од Уставот според која Собранието одлучува за завршувањето на воената или вонредната состојба иако траењето е одредено во одлуката и може да биде повеќе од 30 дена. Дали постои уставно-судска пракса во однос на ова прашање?

По однос на делот на оваа одредба која се однесува на Собранието, нема уставно-судска пракса.

За делот од Вашето прашање во кој се наведува дека „иако траењето е одредено во одлуката и може да биде повеќе од 30 дена“, сметаме дека е погрешно, бидејќи Уставот е јасен: одлуката со која се утврдува постоење вонредна состојба може да има важност од најмногу 30 дена (член 125 став 3 од Уставот).

Сепак, од наша страна може да се даде неофицијално толкување дека во случајот се работи за дел од член 126 став 2 од Уставот кој е јасен и прецизен, од каде може да се извлече заклучок дека станува збор за тоа кој одлучува за завршувањето на вонредната состојба – Собранието.

4. Правната природа, дејство и временска важност на уредбите со законска сила предизвика стручна дебата и во рамки на Уставниот суд видлива од неколку издвоени мислења. Дали низ постапувањето по поднесените иницијативи Уставниот суд изгради заеднички и конзистентен став во однос на ова прашање или тоа е отежнато поради општиот на чин на кој се уредени уредбите како општ правен акт sui generis?

Потребата од утврдување на начелен став на Судот по однос на правната природа, правното дејство и временската важност на уредбите со законска сила, беше препознаена веднаш при започнувањето со работата по предметите оформени по повод иницијативите со кои беше оспорена нивната уставност и законитост.

Овој процес беше паралелен со одлучувањето по првите предмети по однос на уредбите со законска сила, така што на работен состанок на судиите што се одржа на 19 мај 2020 година, се утврди следниот став:

„…со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки кои се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.“

Дополнително, на посебен работен состанок на судиите, беше разгледувано и прашањето за временската важност на уредбите со законска сила.

Притоа, беше нотирано дека одреден број на уредби со законска сила, предвидуваат нивно важење, односно на одделни нивни одредби и по завршувањето на вонредната состојба и тоа најчесто во одреден број денови.

По однос на ова прашање, не беше заземен начелен став како во горниот случај, туку беше заеднички договорено ова прашање да се разгледува посебно во секој предмет во кој се оценува уставноста и законитоста на уредбите со законска сила.

При ова, беше земен предвид фактот што одредени мерки со уредбите со законска сила беа пропишани да траат во одреден период и по завршувањето на вонредната состојба, а причината за тоа е на пример, заштитата на здравјето на граѓаните или пак се работи за дејство на мерката кое започнало во текот на вонредната состојба што мора да продолжи и по нејзиното завршување со оглед на природата на самата мерка.

Но, од праксата на Судот, може да се забележи ставот дека правното дејство на најголемиот дел од уредбите со законска сила, престанува со завршувањето на вонредната состојба.

Во тие предмети, беше одлучувано за отфрлање на иницијативата поради тоа што самата уредба не е повеќе во правниот поредок, што индиректно значи дека преовладувачки став на Судот е дека нивното правно дејство престанува со завршувањето на вонредната состојба.

Од друга страна, во мал број предмети, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на уредбите со законска сила или нивни одредби кои продолжуваа да важат и по завршувањето на вонредната состојба.

5. Уставниот суд имаше значително зголемен обем на работа оваа година како последица на вонредната состојба. Со цел попрегледен увид во работата на Судот во врска со вонредната состојба ве замолуваме да ни доставите податоци за:
– вкупниот број поднесени иницијативи за оценка на уставност на уредби со законска сила како и други општи акти поврзани со вонредната состојба (вклучувајќи и број на постапки започнати по сопствена иницијатива),
– вкупниот број на уредби со законска сила или други акти поврзани со вонредната состојба кои беа предмет на оценување од страна на Уставниот суд, како и
– податоци за исходот од постапките.

а) Пред Уставниот суд беа оспорени вкупно 146 уредби со законска сила.

По сопствена иницијатива, Судот оценуваше седум уредби со законска сила.

Сите предмети за оцена на уставноста и законитоста на уредбите со законска сила кои беа формирани, се завршени заклучно со месец ноември оваа година.

Од оваа бројка, десет уредби со законска сила беа поништени.

б) Беа оформени шест предмети за оценување на уставноста и законитоста на одлуките на претседателот на Републиката за утврдување постоење вонредна состојба, а врз основа на поднесени иницијативи.

Во еден предмет беше одлучено да не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на една од овие одлуки.

Во пет предмети беше одлучено да се отфрлат иницијативите за оценување уставност и законитост.

Претседател
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Сали Мурати