Издвоено мислење по предметот У.бр.163/2016

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020), по моето гласање за запирање на постапката за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016), во предметот У.бр.163/2016, го издвојувам и писмено го образложувам следното

И З Д В О Е Н О  М И С Л Е Њ Е

I.

Пред да го образложам моето издвоено мислење, потребно е да нагласам дека во овој предмет гласав за запирање на постапката за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2016). Според мене, ваквата одлука е единствено исправно решение со оглед на ограниченото временско важење на овој закон, што е јасно образложено во самото Решение.

Сепак, причината за издвојување на мислењето, е мојот став дека покрај причината за запирање на постапката, Решението во своето образложение, требаше да опфати и други прашања што се образложени подолу во мислењето, а се поврзани со оспорениот закон. Ова е оттаму што овој предмет се однесува на тема која е долго време присутна во јавноста и која не е важна само од уставно-правна гледна точка, туку и од аспект на голем број на судски постапки што се водат во моментот, како пред домашните судови, така и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Дополнително, неспорен е и фактот дека по однос на нив има и постојани политички судири кои го оптоваруваат општеството.

Имајќи го предвид последното, сметам дека Уставниот суд во своите образложенија, покрај на основните аргументи по однос на главната работа, понекогаш треба да се осврне пошироко на состојбата и да даде и други дополнителни аргументи (секако, од гледна точка на своите надлежности), кои со својот авторитет и правна издржаност, ќе придонесат во расчистувањето на прашања што се од значење за општеството и неговите институции.

II.

Таков е случајот и со овој предмет каде беше оспорена уставноста во целост на Законот за дополнување на Законот за помилување кој според мене, покренува две главни прашања.

Првото е дали постои уставен основ за повлекување на претходно дадено помилување за што е дадено образложение во Решението со кое се поведе постапка за оценување на уставноста во овој предмет. Второто е дали со овој закон се дава правен легитимитет на претходно дадените аболиции во форма на одлука за помилување од страна на претседателот на Републиката, на што сакам посебно да се осврнам.

Како што е познато, во април 2016 година, претседателот на Републиката донесе поголем број одлуки за помилување на одредени лица кои беа ослободени од кривичен прогон (тнр. аболиција). Во овие одлуки, меѓу другото, како правен основ е наведен член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993).

За потсетување, овој член беше избришан во 2009 година, со влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009) или поточно со член 10 од овој закон. Тоа значи дека членот 11 од основниот текст на Законот за помилување, како правен основ за давање на аболиција во тој момент престана да постои во нашиот правен поредок.

Притоа, не се смее да прави никаква забуна укинувачката Одлука на Уставниот суд У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година со која се укина во целост Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година и да се толкува дека истата „го вратила“ членот 11 од основниот текст на Законот за помилување во правниот промет. Ова е од проста причина што бришењето на овој член влегло во сила 2009 година и во истиот момент произвело правно дејство кое трае се до денес, на што не може да има никакво влијание укинувачка одлука на Судот, која пак има правно дејство од моментот на влегување во сила, па во иднина.

Според тоа, логично се наметнува единствениот можен заклучок: не постоел правен основ за донесување на одлуките за аболиција од април 2016 година на претседателот на Републиката и како такви тие не можат да произведуваат никакво правно дејство.

Но и покрај тоа, Собранието во мај 2016 година, донесе закон со кој му даде можност на претседателот на Републиката во рок од 30 дена сметано од донесувањето на законот, да ги поништи помилувањата од април истата година. На лицата пак, на кои беа им беа дадени истите помилувања, им беше утврдено законско право да поднесат барање за поништување на истите помилувања, а по однос на кое, претседателот на Републиката беше законски обврзан да го поништи помилувањето во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на тоа барање.

III.

Ако се има предвид погоре кажаното за непостоење правен основ за донесување на одлуките за аболиција и фактот што е донесен закон со кој се овозможува нивно поништување, се поставува клучното прашање: дали може да се смета дека со истиот закон правно се конвалидирале истите одлуки и на тој начин им е даден правен легитимитет?

Одговорот на ова прашање е негативен. Уште во Стариот Рим, била позната правната изрека: Quod ab initio vitiosum est non potest tractu temporis convalescere или во превод: „Она што не чини уште на почетокот, не може да се оснажи со текот на времето“. Тоа е случајот и со овој закон, кој не може да конвалидира и легитимира акти што се донесени без правен основ. Впрочем, во правен поредок, каде една од темелните вредности е владеењето на правото, тоа е единственото можно толкување. Истовремено, ова ја прави ирелевантна расправата дали можело во конкретниот случај да бидат поништени (повлечени) помилувањата, од причина што не може да се поништи нешто што правно не може да постои.

Од друга страна, сосем е погрешно толкувањето дека со самиот факт што во членот 1 од Законот за дополнување на Законот за помилување од мај 2016 година, стои дека по членот 11 од Законот за помилување од 1993 година се додава нов член 11-а, произлегува дека оваа спорна одредба постои во нашиот правен поредок. Како што беше појаснето погоре, одредбата е избришана во 2009 година и оттогаш не постои во правниот поредок. Тоа е единствен аргумент кој може да се земе предвид при определувањето на тоа дали една одредба е во правниот поредок, а не да се донесуваат заклучоци врз основа на несреќно избрана правна техника за дополнување на еден закон кој бил донесен токму и единствено за таа цел – да се дополни постојниот закон со нова одредба (член 11-а), а не да утврдува или определува дали постои членот 11 од основниот текст на Законот, што всушност не може да биде предмет на било кој закон.

IV.

Само за потсетување, јас гласав против укинувачката Одлука на Уставниот суд У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година, со која се укина во целост Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година каде го издвоив своето издвоено. Исто така и по гласањето против Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.96/2016 донесено на ден 21.03.2018 година за отфрлање на иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993), повторно го издвоив своето мислење, каде меѓу другото наведов:

„…Од анализата на изнесеното произлегува дека членот 11 од Законот за помилување, сметано од 5 февруари 2009 година е избришан со член 10 Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2009) со што сметано од наведениот датум престанал да биде дел од правниот поредок.

Согласно член 68 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија е надлежно да донесува закони од каде произлегува дека еднаш избришаната законска норма од страна на Собранието може да се врати во правен поредок само преку ново уредување, нова регулатива, повторно од страна на законодавецот, а никако со интервенција на Уставниот суд, кој има улога на негативен законодавец.

Согласно член 110 од Уставот Судот ја оценува уставноста само на оние законски одредби што се дел од правниот поредок на Република Македонија, кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не тие коишто престанале да важат.
Оттаму, тоа што Уставниот суд со Одлуката У.бр.19/2016 од 16 март 2016 година со која го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2009) вклучително и членот 10 со кој се брише членот 11 од Законот не смее да се толкува на начин што би имплицирал дека Судот го вратил во правниот поредок одамна избришаниот член 11 од Законот за помилување. Во вакви ситуации, според досегашната уставно-судска практика Судот секогаш, без исклучок, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, ја отфрлал иницијативата за оценување на уставноста на одредби од закони што биле избришани од страна на законодавецот, бидејќи таквите одредби не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена затоа што не се дел од правниот поредок, што согласно наведената деловничка одредба преставува процесна пречка за одлучување.“

Овие мои ставови се потврдени и со Извештајот на Законодавна-правна комисија на Собранието на Република Северна Македонија, од декември 2019 година во врска со барањето за давање на автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993), каде се наведува:
„..Сите акти за помилување на претседателот на државата засновани на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија„ бр.20/1993) по 2009 година СЕ НЕЗАКОНСКИ и како такви се ништовни.

Тргнувајќи од наведеното Законодавно-правната комисија врз основа на членот 176 став 9 од Деловникот на Собранието на Република Македонија оцени дека барањето за давање на автентично толкување на член 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993) не е оправдано, бидејќи членот 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993) не е дел од правниот систем, што значи дека не може да се применува, па според тоа нa член од закон кој што не постои не може да се даде автентично толкување.“

Претседател
на Уставниот Суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати

Решение У.бр.163/2016