Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 во делот „став 2“ и член 46 став 2 во делот „за спроведување на постапката од ставот (1) на овој член“ од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 137/2013, 164/2013, 158/2014, 15/2015, 129/2015, 192/2015, 30/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 18/2020).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делови од законските одредби означени во точката 1 од ова решение.
Иницијаторот ги оспорува деловите од наведените законски одредби како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно начелото на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок од причина што ова начело подразбирало дека во правниот промет требало да постојат јасни, прецизни и концизни норми.
Во иницијативата е наведено дека од содржината на член 46 став 1 од Законот за безбедност и здравје при работа, очигледно било дека регулира состојба во која со правилник кој ќе бил донесен од страна на министерот надлежен за работите од областа на трудот ќе биле утврдени условите за вработените, организацијата, техничките и други услови коишто треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење на стручните работи.
Ова според иницијаторот значело дека со член 46 став 1 не се регулирало какво било спроведување на постапка со што спорен бил делот „за спроведување на постапката од ставот (1) на овој член.“ од ставот 2 на членот 46 од причина што можело да доведе до забуна при примената на самата одредба што не било во согласност со начелото на владеењето на правото.
Подносителот, исто така, наведува дека и делот „став 2“ од ставот 2 на членот 18 од предметниот закон можел да доведе до забуна при примената во правниот промет од причини што видно било од содржината на член 46 став 2 од посочениот закон дека истиот регулирал состојба на утврдување на висината на трошоците за спроведување на постапката од ставот (1) на тој член со донесување на подзаконски акт од страна на министерот надлежен за работите од областа на трудот.
Поради наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од наведените законски одредби, а по поведената постапка истите да ги укине.
3. Судот на седницата утврди дека:
а) Членот 18 од основниот текст на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007) гласел:
Член 18
(1) Работодавачот за вршење на работите од областа на безбедноста при работа мора да назначи едно или повеќе стручни лица.
(2) Работодавачот ќе го одреди бројот, видот и степенот на стручно образование во согласност со членот 46 од овој закон, како и:
– организацијата,
– природата и обемот на работниот процес,
– бројот на вработените вклучени во работниот процес,
– бројот на работните смени и
– бројот на одделни работни единици.
(3) При извршувањето на стручни задачи кои се однесуваат на безбедноста при работа, стручните лица за безбедност, директно одговараат пред работодавачот.
(4) Работодавачот мора да му обезбеди услови (средства) за работа, потполна самостојност на стручното лице при извршувањето на неговите задачи во согласност со овој закон, мора да му дозволи соодветно време и пристап до сите потребни информации и да му овозможи обука и стручно усовршување.
(5) Одговорното лице не смее да биде ставено во незавидна ситуација или да има неоправдани последици поради неговите активности поврзани со безбедноста и спречувањето на професионалните ризици.
Оспорениот дел „став 2“ од ставот 2 на членот 18 бил додаден со донесените изменувања и дополнувања, коишто се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2011.
б) Членот 46 од основниот текст на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007) гласел:
Член 46
(1) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ги утврдува условите за вработените, организацијата, техничките и другите услови кои треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење на стручните работи.
(2) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ги утврдува условите, начинот и програмата за полагање стручен испит за безбедност и здравје при работа.
Со донесените изменувања и дополнувања, коишто се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2011 се предвидува дека: во членот 46 став (2) зборовите: ”и здравје” се бришат; По ставот (2) се додава нов став (3), кој гласи: ”(3) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ја утврдува висината на трошоците за спроведување на постапката од ставовите (1) и (2) на овој член врз основа на тоа дали кандидатот испитот го пријавува за прв пат или повеќе пати, дали кандидатот го полага целиот испит или полага дел од испитот, користење на патничко моторно возило од страна на Комисијата и вршење увид на самото место од страна на Комисијата.“
Понатаму, со донесените изменувања и дополнувања, коишто се објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013 се пропишува дека: во членот 46 ставот (2) се брише; Ставот (3) кој станува став (2) се менува и гласи: “(2) Министерот надлежен за работите од областа на трудот со правилник ја утврдува висината на трошоците за спроведување на постапката од ставот (1) на овој член.“
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во конкретниот случај, oд наводите во иницијативата, всушност произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на одредби од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 137/2013, 164/2013, 158/2014, 15/2015, 129/2015, 192/2015, 30/2016 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 18/2020) преку интервенција во оспорените делови на наведените законски одредби.
Имено, имајќи ја во предвид фактичката состојба произлегува дека во однос на наводите коишто се однесуваат на „став 2“ од член 18 став 2 всушност станува збор за технички пропуст настанат при донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013), од каде произлегува и правната неповрзаност на конкретните законски одредби. Во однос на оспорениот дел од ставот 2 на членот 46 „за спроведување на постапката од ставот (1) на овој член“, јасно произлегува дека „постапката“ којашто се споменува во конкретниот случај се однесува на делот од постапката на издавање на дозвола за вршење на стручни работи, односно утврдувањето на исполнетоста на предвидените услови од страна на правното или физичкото лице коишто се пропишани со Правилникот наведен во ставот 1 на членот 46.
Врз основа на наведеното, а имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека во конкретниот случај иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, со оглед дека наводите се сведуваат на барање коешто е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите коишто ги донесува.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.
У.бр.6/2020
28.10.2020 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати