У.бр.159/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Севрна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 28 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за формирање на Фонд за помош и подршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот COVID-19 („Службен весник на Република Македонија“бр. 106/2020,139/2029,142/2020 и 157/2020).

2. Светски македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е наведено дека не постоел закон за вонредна состојба и не постоела одлука на Собранието за остварување на овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила додека траела вонредната состојба. Според подносителот на иницијативата претседателот на Собранието требало да свика седница и да се заседава за донесување на закон за вонредна состојба и тоа да биде утврдено со одлука за постоење на вонредна состојба по предлог на Владата на Република Северна Македонија, а тоа се случувало поради политички анимозитет кон коалицијата на СДСМ и БЕСА, а претседателот на Собранието бил уплашен дека би можел да биде разрешен од функцијата.

Според наводите во иницијативата уредбите со законска сила донесени од Владата за време на вонредна состојба, а во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година таксативно набројани во поднесената иницијатива не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11; членот 51; член 68 став 1 алинеи 1 и 2; Амандманот XXIX; член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот.

Понатаму во иницијативата се предлага до донесување на конечна одлука Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на уредбите со законска сила донесени од страна на Владата за време на вонредната состојба во врска со пандемијата со коронавирусот од 18 март 2020 година, а поради штетни последици по владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

Според наводите во иницијативата сите уредби коишто ги донела Владата биле типизирани номотехнички и Република Македонија била речиси единствена земја во Европа и во светот без законодавен дом за време на вонредната состојба поради пандемијата со коронавируот, без надзор и контрола врз работата на Владата што било системска деформација. Исто така во иницијативата се наведува дека сите донесени уредби со законска сила претставувале изменување и дополнување на законите коешто било надлежност на Собранието и истите биле донесени без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието утврдена во член 126 став 2 од Уставот. Во иницијативата се бара да бидат поништени сите донесени уредби со законска сила поради штетните последици по владеењето на правото суспензија на внатрешниот правен поредок на државата и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 18 април 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 2

Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 (во натамошниот текст: Фонд), се формира во рамки на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. За финансирање на Фондот се отвора сметка за донација во рамките на Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат.

Член 3

Фондот се финансира од: 1. Паричните средства-донации, донирани од приватни физички и правни лица за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и 2. Паричните средства од правни лица во сопственост на државата кои не се: буџетски корисници, единици на локалната самоуправа и Град Скопје и јавни претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, и тоа: – парични средства во износ од разликата од полниот износ од нето платата до 14.500 денари, согласно Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија во странство за време на вонредната состојба; – паричните паушали и паричните надоместоци кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба; – паричните додатоци и надоместоците на плата кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и – паричните надоместоци на лицата ангажирани по основ на склучен договор за дело кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за исплата на паричен надомест за лица ангажирани со договор за дело во органите на државната власт, регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна сопственост на државата, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје за време на вонредна состојба.

Член 4

Средствата од член 3 од оваа уредба со законска сила, се уплаќаат на сметка за донации од членот 2 од оваа уредба со законска сила.

Член 5

Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 6

Владата на Република Северна Македонија донесува Одлука за начинот на уплата и исплата на средства од сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 7

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-3205/                                                                                                                                                                                                                        Претседател на Владата
18 април 2020 година                                                                                                                                                                                            на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                 Оливер Спасовски, с.р.

842. Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 26 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19

Член 1

Во Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот Covid-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 106/20), во членот 5, по зборот „претпријатија“ се става запирка и се додаваат зборовите:„како и на филмските работници и уметниците и другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата, или преку авторски или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата. “

Член 2

Оваa уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-4652/1                                                                                                                                                                                                        Претседател на Владата на Република
26 мај 2020 година                                                                                                                                                                                                              Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                                      Оливер Спасовски

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 29 мај 2020 година донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД COVID-19

Член 1

Во Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот Covid-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.106/20 и 139/20), во членот 3 став 1 точка 2, по алинеја 4, се додава нова алинеја 5 која гласи: „парични средства во износ од разликата од средствата за авионските билети кои ги платиле патниците за организираниот авионски превоз од и до Меѓународниот аеродром Скопје до износот на средства кои Генералниот секретаријат ги уплатил на авиопревозникот кој го вршел превозот“. Во членот 5 зборовите „како и“ се бришат, а по зборот „културата,“ се додаваат зборовите: „како и радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс, за надомест на трошоци кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс, согласно Законот за електронски комуникации“.

Член 2

Оваa уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-4742/1                                                                                                                                                                                                                  Заменик на претседателот
29 мај 2020 година                                                                                                                                                                                         на Владата на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                      м-р Радмила Шекеринска-Јанковска

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 јуни 2020 година, донесе

УРЕДБА
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД COVID-19

Член 1

Во Уредбата со законска сила за формирање Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.106/20, 139/20 и 140/20), во членот 5 зборовите „како и“ се заменуваат со зборовите „естрадните уметници“, а по зборот „мултиплекс“ се додаваат зборовите „и радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, за надомест на трошоците за пренос на сигнал (дотур на модулации) за 2020 година“.

Член 2

Оваa уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-5531/1                                                                                                                                                                                                             Претседател на Владата
13 јуни 2020 година                                                                                                                                                                                        на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                           Оливер Спасовски, с.р.

Со конкретната уредба Владата уредила одредени прашања во врска со формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 (член 1). Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19, се формира во рамки на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. За финансирање на Фондот се отвора сметка за донација во рамките на Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат (член 2).

После изменувањето и дополнувањето на оспорената уредба сега текстот на истата гласи:

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФОРМИРАЊЕ ФОНД ЗА ПОМОШ И ПОДДРШКА ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗАТА ПРЕДИЗВИКАНА ОД КОРОНАВИРУСОТ COVID-19

Член 1

Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 2

Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 (во натамошниот текст: Фонд), се формира во рамки на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. За финансирање на Фондот се отвора сметка за донација во рамките на Владата на Република Северна Македонија – Генерален секретаријат.

Член 3

Фондот се финансира од: 1. Паричните средства-донации, донирани од приватни физички и правни лица за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19 и 2. Паричните средства од правни лица во сопственост на државата кои не се: буџетски корисници, единици на локалната самоуправа и Град Скопје и јавни претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, и тоа: – парични средства во износ од разликата од полниот износ од нето платата до 14.500 денари, согласно Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули на Република Северна Македонија во странство за време на вонредната состојба; – паричните паушали и паричните надоместоци кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на правото на исплата на паричните паушали и паричните надоместоци на претседателите и членовите на одборите на директори, претседателите и членовите на управни и надзорни одбори, претседатели и членови на комисии, работни групи и советодавни и експертски тела формирани од државната и локалната власт и претседателите и членовите на советите на единиците на локалната самоуправа за време на вонредната состојба; – паричните додатоци и надоместоците на плата кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и – паричните надоместоци на лицата ангажирани по основ на склучен договор за дело кои нема да се исплатат, согласно Уредбата со законска сила за исплата на паричен надомест за лица ангажирани со договор за дело во органите на државната власт, регулаторните тела, агенциите, државните комисии, правните лица во целосна сопственост на државата, единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје и правните лица основани од единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје за време на вонредна состојба. : „парични средства во износ од разликата од средствата за авионските билети кои ги платиле патниците за организираниот авионски превоз од и до Меѓународниот аеродром Скопје до износот на средства кои Генералниот секретаријат ги уплатил на авиопревозникот кој го вршел превозот“.

Член 4

Средствата од членот 3 од оваа уредба со законска сила, се уплаќаат на сметката за донации од членот 2 од оваа уредба со законска сила.

Член 5

Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија, :на филмските работници и уметниците и другите физички лица кои самостојно вршат дејности или друг вид активности во областа на културата,или преку авторски права или друг вид на договор се ангажирани во правно лице кое е регистрирано за вршење на дејност од областа на културата, естрадните уметници, радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку дигитален терестријален мултиплекс,за надомест на трошоци кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс, и радиодифузерите кои од регулаторното тело надлежно за работите од областа на радиодифузија добиле дозвола за емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи ограничен ресурс или преку сателит, за надомест на трошоците за пренос на сигнал (дотур на модулации) за 2020 година“ согласно Законот за електронски комуникации,во надминување на економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 6

Владата на Република Северна Македонија донесува Одлука за начинот на уплата и исплата на средства од сметката за донација на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.

Член 7

Ова уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Од членовите 125 и 126 на Уставот произлегува дека: вонредна состојба настанува (1) ако настанат, покрај другото, големи епидемии (член 125 став 1 од Уставот), (2) постоењето на вонредната состојба го утврдува Собранието на Републиката со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, и трае најмногу 30 дена (член 125 ставови 2 и 3 од Уставот) и (3) ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката, при што таа одлука се поднесува на Собранието на потврдување тогаш кога тоа ќе може да се состане (член 125 став 4 од Уставот). Од изнесените уставни одредби, понатаму, произлегува дека: при постоење на вонредна состојба (1) Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (член 126 став 1 од Уставот) и (2) овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае додека Собранието не одлучи дека вонредната состојба е завршена (член 126 став 2 од Уставот).

Со други зборови, настанувањето на вонредната состојба, во принцип, се утврдува од Собранието на Републиката во постапка (по предлог на овластени субјекти), на начин (со одлука како вид на правен акт) и со времетраење (најмногу 30 дена) утврдени во Уставот, а, по исклучок, кога Собранието не може да се состане, постоењето на вонредната состојба се утврдува со одлука на претседателот на Републиката и се поднесува на потврдување до Собранието штом тоа ќе е во можност да се состане. Притоа, во ситуација кога е утврдено постоење на вонредна состојба без оглед дали со одлука на Собранието на Републиката или со одлука на претседателот на Републиката, Владата има уставно овластување да донесува уредби со законска сила, со тоа што тие уредби мораат да бидат во согласност со Уставот и со закон.

Оттука, со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може поинаку да регулира одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Со оглед на тоа што, во конкретниот случај со оспорената уредба се уредуваат прашања поврзани со економските последици од справувањето со ширењето на коронавирусот COVID-19 и со одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба донесена од страна на претседателот на Република Северна Македонија, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани. Имајќи ја во предвид содржината на Уредбата после интервенциите на Уставниот суд на Република Северна Македонија како и после измените и дополнувањата на текстот на Уредбата од страна на Владата на Република Северна Македонија произлегува дека истата има основа во членот 125 и 126 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.159/2020
28 октомври 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати